Стотици пожарникари гаснат три шумски пожари во Грција

Стотици пожарникари гаснат три шумски пожари во Грција
13.08.19   17:37

Прочитано : 59

Print This Article

Стотици пожарникари се борат против шумските пожари во Грција, и тоа на островите Евија и Тасос, како и во близина на Теба, северозападно од Атина.

Голем пожар, зајакнат од силните ветрови, ја опустоши боровата шума на грчкиот остров Евија, каде како мерка на претпазливост евакуирани се два манастири и две села. Густ чад ја прекри и Атина, која е оддалечена 110 километри.

Повеќе од 227 пожарникари, пет хеликоптери и шест канадери се борат со огнената стихија на Евија.

Пожари неконтролирано избија во четири грчки региони, а пожарникарските служби во последните три дена гаснеа 182 пожари.

Претставници на цивилната заштитна служба ги предупредија луѓето во погодените области, посебно повозрасните, децата и хронично болните, да останат во затворен простор и да ги подесат клима уредите така што ќе се користи само воздухот од просторијата.

Силниот ветер и непристапниот терен ги отежнуваат напорите на пожарникарите да се изборат со пожарот кој зафати шума, опфатена со програмата ЕУ Натура 2000.

Активистите за заштита на животната средина оценуваат дека се поголемиот број пожари во светот претставуваат загрижувачки симптом на глобалното затоплување.

  Категории:
view more articles

Актуелно