Стево на Водно

Стево на Водно
15.05.19   15:26

Прочитано : 745

Print This Article

Дали стори добро претседателот на РСМ Стево Пендаровски кога реши да се пресели во вилата на Водно, едно од (зло)делата на кримвелемајсторот Никола Груевска кој ја смисли за да ја држи на око и на кратко јаже легендата Хорхе Валандовски? Не мислам дека е добро. А еве и зашто. Сакал или не, сегашниот претседател на РСМ му даде легитимитет на (зло)делото на еден колосален кримвелемејстор макар и на еден индиректен начин.

Тој начин се сведува на тоа да сведочи дека таа вила на Водно била повеќе од неопходна макар како фасада за една сиромашна земја во која една четвртина од населението буквално гладува. Потоа, тој легитимитет на Стево е уште еден, дополнителен мур врз сомнителната одлука на премиерот Заев да всели во некогашното ремек-дело на архитектот Петар Муличковски, сега до срж обезлечено во барокното руво на кримвелемајсторот Никола Груевски кој, најверојатно, потајно ликува и сучи мустак во топлото крило на Виктор Орбан од Будимпешта.

Вистина, премиерот даде и едно објаснение за таа своја несреќна одлука, како и за онаа да го конзервира (иако на еден особен начин) озлогласеното (зло)дело на кримвелемајсторот Никола. Тој рече дека владта треба да фрли некои 70% од парите (околу 700 милиони евра) кои ги сплиска Грујо на безумниот резил-проект „Скопје 2014“. Рече, ама како да заборави премиерот дека духовното загадување е многу поопасно од – телесното. За второто има лек. За првото не. Освен оној да се уништи изворот на тоа опасно духовно загадување, онака како што од авион се уништуваат легла на комарци пред испилување. Најпосле, кога премиерот процени дека не треба да се фрлаат дополнителни пари врз и онака безумно фрлени 700 милиони евра, тој ни даде до знаење дека парите (економија) се за него се, а духовната димензија на човекот (читај: народ) нешто споредно. Или, накусо, стомакот е се, а душата – ништо!

Во својот инаугурален говор претседателот Стево рече дека нема да се колеба да ја критикува владата кога ќе оцени дека тоа е неопходно. Јас мислам дека првата можност галантно ја пропушти со тоа што се всели во вилата на Водно. Да се надеваме дека тоа ќе биде неговата прва и последна пропуштена можност. Оти, во спротивно, црно, многу црно ти се пишува “Ој Македонио, рано многуимена“. Така, во шеесеттите години од минатиот век, лелекаше и пекаше поетот Гане Тодоровски. Тој лелек и пек се слуша и сега.

Атанас Вангелов

  Категории: