Стевановиќ: Стихијно се стипендираат студенти во странство

Стевановиќ: Стихијно се стипендираат студенти во странство

Генерално нема ништо лошо во тоа да се стипендираат млади луѓе на престижни универзитети, но овој проект и тогаш, а и сега се спроведува без никаква логика, без никаква дефинирана конкретна потреба, ниту цел, ниту механизми за мерење коишто ги дава, вели професор Маја Стевановиќ од ФДУ во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професорке Стевановиќ, наталожените проблеми во високото образование ги донесоа големите протести на студентите и професорите пред неколку години. Што се смени од тогаш и дали гледате дека оваа влада има заеднички интерес со академската заедница да инвестира во образованието? Во смисла на обезбедување подобри материјални услови на факултетите и нивна финансиска одржливост.

Ова што го гледате е Факултетот за драмски уметности. ФДУ годинава слави 50 години и од кои произлегле генерации што ја носат филмската и театарската уметност. Тоалетот е надвор од употреба, реконструкцијата е голема, но не може да се изведе, затоа што треба да се копа целата барака. Ова не е последица на пасивен однос, туку на тоа што МОН не дава средства за реставрација од една страна, а факултетот нема свои средства оти поради природата на работата има мал број студенти и средства од нивната школарина и партиципација. Дури и кога МОН би дало средства, сериозно би се поставило прашањето дали овие стари бараки треба да се реновираат со оглед дека со години се гради нов објект наменет за потребите на драмскиот факултет кој се наоѓа во центар и кој две години е во статус кво- ситуација. Зградата е изградена, училниците постојат, но нема основни елементи да биде ставена во функција сцената, како и филмските и телевизиските студија кои се основа на нашата работа. Веќе година и половина – две Службата задолжена за тој проект вели дека нема да преземе ништо надвор од тендерот. И така зградата стои и прашање е дали е воопшто функционална.

Ние сме во овие бараки. Објектот е годината дена затворен, реално ќе почне да пропаѓа, а професорите и студентите на ФДУ се во кавкијанскиот круг од кој не гледаат излез во скоро време што зборува за капаците на оваа влада да ги решава затекнатите проблеми. Ѕидовите со години не се искречени и 100 студенти и 50 професори го поминуваат својот живот на ФДУ.

Новиот Закон за високо образование беше донесен пред една година. Се промени ли нешто?

Голем дел од академската заедница го изрази своето задоволство особено по однос на одредени решенија кои што овозможуваат демократизација на управувањето и на односите внатре во самиот универзитет. По однос на креирањето на телата коишто требаше да придонесат, како што е Агенцијата за квалитет, националниот совет коишто требаше да придонесат кон зголемување на квалитетот на високото образование, воспоставување критериуми и за реализација и за финансирање на дејноста. Но она што не го очекувавме е дека истата Влада и Министерство што го донесе овој прв закон донесен за време на нивниот мандат дека во фазата на имплементација на самиот закон нема да покаже јасна и недвосмислена волја за имплементација на истиот, односно на имплементација на решенијата од истиот закон. На што мислам?

Најголемиот универзитет Св.Кирил и Методиј, како и сите други требаше три месеци од однесувањето на законот, да донесе статут, со којшто ќе го усогласи своето работење со решенијата од новиот закон. Универзитетот Св. Кирил и Методиј донесе статут којшто беше во спротивност или кој што не беше во согласност со голем дел од новите решенија коишто ги поздравивме, а Министерството за образование и наука девет или 10 месеци преговараше со раководството на универзитетот да се направи статут кој ќе биде усогласен со новиот закон. Мене не ми е јасно, како една влада преговара со институциите за тоа дали треба или не треба да се почитуваат одредбите од законите. Ми се чини дека тоа во Македонија се случува и никаде на друго место, па оттаму УКИМ веќе 10 месеци работи брз статут, бидејќи стариот не постои и дури пред две недели беше донесен статут којшто е во согласност со новиот закон.

Со години наназад академската заедница се жали дела нема пари за науката. Се уште сме најслаба алка во регионот, со финансирање од 0,2 проценти. Што планирате да преземете како синдикат во оваа насока?

Всушност не се ни 0,2. Тоа се средства коишто постојат на хартија и коишто се ставени во некакви си буџетски ставки, а реално Министерството за образование и наука финансира само плати и делумно придонеси за вработените во осум или девет јавни научни установи и дел од комуналните трошоци за функционирање на установите.

Години наназад, 10 или веќе 11 години нема распишано конкурс за научно-истражувачки проекти, а дури и вработените по институтите немаат никакви материјални средства за истражувачка работа. Ситуацијата на универзитетите е иста, со тоа што универзитетите со дел од сопствените средства можат да помогнат во научно-истражувачките проекти и реално науката во Македонија се финансира од странски фондации, од европски пари и пред сè од сопствените средства на наставниците, на научниците коишто инвестираат во своите проекти. Каде одат овие други пари што формално стојат во буџетските ставки за наука. Ако убаво го изанализирате буџетот на МОН, којшто е апсолутно нечитлив и не може да се разбере што значат тие бројки таму, ќе дојдете на пример до една сума од милион евра која фигурира во наука, а тоа се парите кои се издвојуваат, барем оваа година, за проектот што го почна минатата влада, а тоа е стипендирање на студенти во странство, на универзитети коишто се меѓу првите 100 на шангајската листа и дополнително на уметнички факултети и академии. Генерално нема ништо лошо во тоа да се стипендираат млади луѓе на престижни универзитети, но овој проект и тогаш, а и сега се спроведува без никаква логика, без никаква дефинирана конкретна потреба, ниту цел, ниту механизми за мерење коишто ги дава. Оние што ги добиваат стипендиите потпишуваат договор дека ќе работат две години во Македонија, а никој претходно не изразил потреба за таков образовен профил, ниту реално има работно место.

Ваков еден проект има смисла ако државата ја дефинира својата цел за развој, ако институциите на државата, па макар и приватните фирми покажат интерес за конкретен тип на профил, на струка којшто им е потребен, а не стихијно. Ако е точна информацијата, што јас ја добив пред неколку дена, дека 2,5 милиони евра се потрошени за стипендирање студенти на филмски студии, па моето прашање е зошто? Зошто студентите на ФДУ работат во вакви услови во какви што работат, затоа што тие кадри доаѓаат, бараат да бидат вработени кај нас на места коишто се пополнети. А истовремено никој не го прашал факултетот за какви кадри има потреба. И покрај се МОН пред една недела повторно распишува конкурс за стипендирање студенти на уметнички академии без дефинирана потреба и критериуми и ја користам оваа можност да упатам апел и до МОН и до владата да се преиспита овој проект, којшто е заоставштина од претходната влада и тие средства да се употребат за цел којашто навистина ќе придонесе за заживување и за напредок на науката и на високото образование во Македонија

Целото интервју со професор Маја Стевановиќ може да го погледнете тука.