Сомнителниот пациент во Приштина не е заразен со коронавирус

Сомнителниот пациент во Приштина не е заразен со коронавирус

 Резултатите на анализите на пациентката која денеска беше хоспитализирана во универзитетскиот Клинички центар на Косово под сомнение дека е заразена со коронавирусот покажаа дека таа не е носител на смртносниот вирус, јави дописникот на МИА од Приштина.

Директорот на Националниот институт за јавно здравство, Насер Рамадани информира дека жената имала грозница, печење во очите, болки во грлото и течење на носот, меѓутоа не е носител на вирусот Ковид-19.

– Ги добивме резултатите и испаднаа негативни. Пациентката не претставува опасност, изјави Рамадани, нагласувајќи дека се користени најсовремените методи на анализа за вакви случаи.

Веста за сомнителниот случај кој бил примен на инфективната клиника на државната болница во Приштина денеска ја објави министерот за здравство Арбен Витиа.

Во рамки на Министерството за здравство на Косово е формиран Комитет за следење на заразните болести, кој усвои План за готовност и реагирање при евентуална појава на коронавирусот.

Планот, како што беше соопштено, ги содржи активностите кои се преземени во случај да се јави потреба од справување со вирусот, а со него се опфатени речиси сите јавни здравствени установи, организациите и владините агенции, како и Безбедносните сили (ФСК) и Полицијата на Косово. Доколку се јави потреба, Комитетот ќе побара од Владата формирање карантин.