Со три милиони денари од Министерството без ресор во Берово се подобрува патната инфраструктура во ромското маало

Со три милиони денари од Министерството без ресор во Берово се подобрува патната инфраструктура во ромското маало

Во Берово означен крај на втората фаза од изградбата на улицата „Прохор Пчињски“. За реализација на оваа активност, како што изјави денеска од Берово, пратеникот Самка Ибраимовски, Министерството без ресор одвои нешто повеќе од три милиони денари.

– Жителите од овој дел на градот конечно добиваат соодветна патна инфраструктура и достапност на итните служби за полесен пристап до градот. Со завршување на втората фаза и целосно поплочување на улицата, ќе следува и приклучување на централниот водовод на жителите од овој дел од градот, рече Ибраимовски.

Пратеникот подоцна во Општинската сала присуствуваше на форум-состанок на кој со размена на прашања и идеи се разговараше како преку поголема интеграција да се унапреди квалитетот на животот на ромското население во Берово и во целата држава.

– Во таа насока, Министерството без резор располага со сума од над 20 милиони денари кои се наменети за седум општини каде претежно живее ромско население. Преку проекти изработени од градоначалниците и општините овие средства ќе бидат наменети за решавање на проблемите на ромското население, додаде Ибраимовски.

Во следната година според планираното Министерството без ресор како што беше посочено на форум-состанокот има на располагање средства во висина од 40 милиони денари, со кои ќе се градат нови станбени куќи, додека над 20 милиони денари ќе бидат наменети за канализации, патишта и други инфраструктурни проекти.