Со „омраза” против говорот на омраза

Со „омраза” против говорот на омраза
13.04.19   21:24

Прочитано : 399

Print This Article

Не знаеме дали прво се појавила омразата па потоа говорот со нејзина интонација, или пак говорот ја поттикнал омразата во меѓучовечките односи. Битно е дека се создаде еден морничав спој кој ги нарушува меѓусебните релации во хуманата заедница до степен на отворено непријателство и нетолерантност. Заради ексклузивно негативните последици на овој спој, општествата се должни да преземаат низа мерки со кои ќе се надминува и смалува неговото дејство и влијание во меѓучовечките односи. Тоа е нешто со што во подолг контиутет се соочува и македонското општество.

Иако злите јазици заговараат дека омразата е вродена (ДНК) во македонската заедница но и во Балканскиот простор, сепак  за волја на вистината говорот на омраза не е патент нити на столетието нити на македонската заедница и реалност. Едноставно и едното и другото – и говорот и омразата – се едни од одликите на комуниколошкиот процес во општествеото. Но, со развојот на хуманиот, цивилизиран културен однос на однесување и респектирање на човечките суштества се настојува со организирани напори да се смалува просторот во кој ваквиот вид на говор и самата омраза виреат и ги трујат општествените релации. Модерните општества прибегнуваат кон санкционирање на овие социјални феномени, со цел меѓучовечките односи да се ослободат од баластот на овој дел од примитивизмот и традиционалнизмот, во кои спаѓа говорот на омраза.

Овој феномен стана особено актуелен и посилно го привлече вниманието на општествените субјекти со појавата на социјалните мрежи. Во нив се создаде можност да профункционира говор на омраза како нивни несакан нус-производ. Во основа социјалните мрежи се квалитетен начин на масовна комуникација меѓу луѓето во планетарни размери. Тие го менуваат светот на комуникацијата и го зголемуваат квалитетот и ефикасноста на комуникацискиот процес со што се дава посебен придонес во дезалиенацијата и индивидуализацијата на хуманите суштества. Меѓутоа токму во тој позитивно конотиран простор се јавува и негативно конотираниот говор на омраза. Состојбата на овој план станува алармантна. Но во однос на оваа материја сеуште отсуствува поинтензивна законска реакција. Тоа се должи на влијанието на ингениозната тнр. култура на неказнување која се вкоренила во македонското општество и правосудство со далекусежни последци во криминализирањето на социумот.

Во однос на говорот на омраза има неколку особено изразени аспекти. Правниот аспект има за цел негативно да го санкционира говорот на омраза и на тој начин да ги намали правните последици на ваквиот вид на говор. Македонската правна мисла и практика тоа го проследија со донесување на закон со кој се регулира прашањето на злоупотреба на говорот на одмазда и злоупотребата на социјалните медиуми и воедно да ги отстранат во најголема можна мера последиците од таквите појави.

Политичкиот аспект упатува на македонската политичка практика од говорот на омраза кој во голема мера се користи како метод во значаен дел од политичкото дејствување. Со него се атакува врз политичките противници со вокабулар кој е далеку од коректност и со изразени ниски нивоа на комуникација. Обележен е со нагласена доза на омраза и со идеја да се навреди, да се уплаши, лично да се денунцира противникот… Говорот на омраза е дел од цел сет на методи и механизми кои во политичката битка се користат во духот на позната мисла дека „целта ги оправдува средствата”… Дезинформациите и невистините се миксаат со говорот на омраза и се третираат како нормални средства во политичкиот натпревар со цел политичкиот противник да се исфрли од „рингот”. Во македонската политика овој сплет се користи обилно и обемно. Да се присетиме само на многу настапи на Груевски особено кога почувствува дека власта му се лизга од рацете; „ноќта на долгите ножеви” на Валентина Божиновска; настапите на „несудениот судија” и претседател на инквизицијата Томе Аџиев кога се обидуваше да им даде легитимитет на злосторничките намери да се оцрнат по секоја цена политичките неистомисленици по нарачка од неговите газди; писанијата на Миленко Неделковски проследени со клетви за божјите казни на одделни нероди во кои природните катастрофи однесоа многубројни невини луѓе-туристи и нивните деца; тезите на поглаварот на ИВЗ за примитивниот народ кој е без идентитет; итн. Има и други бројни вакви примери особено на социјалните мрежи кои предизвикуваат мачнина кај неутралниот читател со својата жестина (читај злоба, лоша намера), ниското писмено ниво и незрелоста на мислата.

Вредносниот аспект е, веројатно, особено значаен за споменување.  Тој укажува на една неволно признаена вистина дека говорот на омраза е само индикатор и маниифестен дел од една состојба која вирее во длабочините на македонското општество. Тоа е омразата која е реална карактеристика на хуманите суштества и нивните заедници. Прашање е во колкава мера ја има, какви последици и во кои животни аспекти нив ги предизвикува, но и какви мерки презема организираното општество да го намали интензитетот и тежината на омразата. Таа во својата есенција е негативна одлика во социјалното живеење, таа на себе надоврзува и други такви негативни интенции и чинови. На пример: одмазда, злоба, завидливост, душманство, нетолерантност, и слично. Ова е поприлично па и поразително присутно во делови од општеството на Северна Македонија.

Говорот на омраза станува општествена болест кој мора да се лечи пред се со хуманост, квалитетни процеси на социјализација и едукација, како и со адекватно почитување на целиот систем на општо прифатени и историско-цивилизациски потврдени вредности.  Но, говорот сам по себе не е злото. Треба да се има предвид дека овој вид на говор станува „страшен” заради основата од која произлегува и се напојува, а тоа е омразата. Значи, омразата го рефлектира говорот на омраза. Говорот на омраза е врвот на ледениот брег, тој е последица од дејствувањето, превривањето на феноменот омразата кој го труе општеството. Неговото количество се манифестира преку говорот (на омраза). Овој факт го насочува и општествениот ангажман за намалување на штетното пулсирање на омразата. Попуштањето на тензијата и на енергијата на омразата предизвикува релаксирано говорење. Стеснувањето на рамките на влијането на омразата значи и враќање на комуникацијата (пред се, политичката комуникација) во нормални цивилизирани, култивирани рамки.

Омразата (говорот на омраза) вклучува и психолошки, едукативен, воспитен, и други аспекти. Ова  е широко поле за сериозен социјален ангажман од сите одговорни институции со цел надминување на несакано високиот достигнат степен на говорот на одмазда. Сегашната состојба не е баш успешна на овој план. Некои случувања во тековната политичка изборна кампања покажуваат дека говорот на омразата е во голема мера присутен кај одделни актери во претседателската кампања. Станува очигледно дека континуираната акција против феноменот говор на омраза треба да има искрена подршка во самите врвови на македонските елити и да се шири кон сите општествени простори.

Ѓорѓи Тоновски

  Категории: