„Скопско ехо“ стаса до јубилејниот 50-ти број: Досега поделивме 1.25 милиони бесплатни весници

„Скопско ехо“ стаса до јубилејниот 50-ти број: Досега поделивме 1.25 милиони бесплатни весници
22.11.17   15:45

Прочитано : 215

Print This Article
loading...

Во време кога печатените медиуми во Македонија се, така речи, во слободен пад, успеа промовирањето на еден нов концепт во македонското новинарство – на неделник кој целосно ќе му биде посветен само на проблемите и радостите на главниот град и кој ќе им биде бесплатно доставуван на скопјани буквално во поштенските сандачиња, што се случува за прв пат на овие простори, пишува тимот на „Скопско ехо“ кој го објавува јубилејниот 50-ти број.

„Во животот на секој весник, а на неделниците посебно, излегувањето на 50-тиот број е значајна работа. Тоа е една година од постоењето – првата, најтешката – кога или весникот проодува или застанува во место. Според досега постигнатото, без страв дека може да бидеме сфатени за нескромни, нагласуваме – „Скопско Ехо“ успеа дури и да трча. Скопјани го прифатија неделникот, го читаат, го бараат, но и учествуваат во неговите содржини се поактивно. Воедно и тиражот расте несопирливо. Од почетните 12000 примероци, па долго време беа 25000, па 35.000, до високите 45000 за време на локалните избори и сега, еве, овој број на весникот го печатиме во тираж од 50000 примероци. Ако земеме дека просечно сме го печателе весникот во 25000 тираж, пресметката е јасна – на скопјани сме им поделиле 1 250 000 бесплатни весници. А колку информации и теми имало внатре, тоа не можеме ниту да го пресметаме.

Успехот е уште поголем ако се знае дека ова е време кога печатените медиуми во Македонија се, така речи – во слободен пад. Затоа и го споделуваме нашето задоволство со вас, што на скопјани им ја вративме старата добра весникарска хартија во рака. Се радуваме дека помогнавме, за печатените весници се уште да има иднина. Еве, слушаме дека сега и други новинари ќе одат по нашиот пат.

– По долги години држам весник во рака и со огромно задоволство го прочитав, за да го заокружам задоволството ги решив и крстозборките. Не почуствував ни желба ни потреба да го земам мобилниот, ни напиша на фејсбук страницата читателката Валентина Петрушевска.

Вакви писма добивме повеќе и ни беа поттик да го засилиме темпото на работа и да го подобруваме квалитетот. Особено сакаме да нагласиме дека добиваме и многу фотографии и писма за објавување во весникот, за што имаме обезбедено многу страници. Тоа беше начин скопјани да има од каде да испратат порака за тоа каков град сакаат, што треба да се направи, каде има аномалии, што треба да се пофали….

Јубилеите, макар и првични каков што е овој, се прилика да се каже што се е содржано во проектот, која е новинарската и медиумската приказна на „Скопско ехо“ и што од број до број, од четврток до четврток, постојано се дораскажува. Тоа е промовирање на еден нов концепт во македонското новинарство – на неделник кој целосно ќе му биде посветен само на проблемите и радостите на главниот град и кој ќе им биде бесплатно доставуван буквално во поштенските сандачиња на скопјани, што се случува за прв пат. Темите кои весникот ги отвораше, за кои поттикнуваше на размислување, ја заслужуваа довербата. Сеедно дали стануваше збор околу тоа дали на градот му треба нов концепт на развој, дали градот е пренаселен, сообраќајно задушен потребна ли е деметрополизација преку развојот на соседните градови и комуникациските врски со нив, како да се бориме против загадувањето на воздухот, па се до промашени проекти какви што беше садењето на палми во градот, или панорамското тркало (за кое први напишавме како може да се пренамени, а потоа партиите го читаа на пресови без да не споменат), до тоа како се трошат граѓанските пари по општините и градот, како ни работат инспекциите, што вистински работи армијата од 15.000 вработени во градските и општинските служби, како ни се хранат децата во градинките, какви градоначалници ни се потребни… Тоа се дел од темите кои секој четврток ги отвораше „Скопско ехо“ станувајќи медиум кој му беше потребен на главниот град, за да можат да се причитаат оригинални скопски теми преку интервјуа, преку стории за млади таленти, совети за домаќинствата, за здравјето…

Таква медиумски приказна и концепт убедени сме уште долго ќе дава силен отпор на модерните социјални мрежи и медиуми. Впрочем ние од „Скопско Ехо“ сега веќе трчаме се побрзо и побрзо…

ЌЕ НЕ ТУЖЕА ЗА ПАЛМИТЕ, ПА ПОТОА СКРИШУМ ГИ СЕЧЕА

Први објавивме уште на 16 март дека палмите во Скопје измрзнаа. Насловот: „ Лекција платена со 500 000 евра – студовите ги исушија палмите, ќе бидат ли добри барем за огрев“ ги возбуди тогашните власти. Ни велеа ќе не тужат оти било дезинформација и палмите не биле смрзнати. Другите медиуми првично молчеа. А по некој месец истите тие власти скришно ноќе ги сечеа палмите.

ДОПРЕНИ ЕДЕН МИЛИОН ПОШТЕНСКИ САНДАЧИЊА

Мал тим на вредни луѓе, заедно со главниот уредник, секоја среда и четврток поголемиот дел од тиражите го носи директно во домовите на скопјани. Смрзнувачки ноќи, врели денови, тешки весници… се тоа се пројде за да се дојде до еден милион поштенски сандачиња…

ОБЈАВИВМЕ 350 ВАШИ ФОТОГРАФИИ – КАКО ФОТО-ДОКАЗ

Со цел жителите на метрополата да можат да ги опоменат градоначалниците и градските институции каде нешто треба да се направи, поправи… ги отворивме страниците на весникот за фотографии и кратки коментари. Досега имаме објавено 350 ваши фото-докази. Дел од посочените проблеми потоа од институциите беа исправени“, пишува редакцијата.

loading...
  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести