СJO  е мртво, дали ВМРО-ДПМНЕ си ги спаси своите „чесни“ јунаци !?

СJO  е мртво, дали ВМРО-ДПМНЕ си ги спаси своите „чесни“ јунаци !?

Што се случува во  оваа наша Северна Македонија? Што  се случува? Секој ден се нешто ново. Секој ден се народот е со поголема омраза. Како да и дошол судниот ден. Како народецов да сака да се истреби. Од устите не ни излегува случајот на  СЈО и Катица Јанева. Како тоа да е најважно. Како државава да нема други проблеми. Како сите да сме ги решиле. И СЈО и Катица ги испративме  во историјата. Но, на Катица, пред СЈО да замине, и пред таа  да отиде во апс, ќе и се суди.

Ќе и судат не овие туку други судии. Ќе и ја „одмерат“ казната. Ќе и „скројат“ нова капа. Тие ќе немаат милост. Со „шефицата“ заминаа, како јато преселни птици и обвинителите.Сите оние што таа си ги избра. Ги донесе  како надојден поток кој донесе надеж дека Северна Македонија ќе биде правна држава.

Дека арамиите ќе бидат казнети како арамии и дека сите оние што сееа зло ќе си „платат“ во Шутка и Идризово. Сметките ќе се отворат. Украдените пари ќе  се вратат. „Не умри магаре за зелена трева!“. Народот веруваше и се надеваше. За прв пат по три децении веруваше дека правдата ќе дојде. Дека ќе има вистински судови и судии. Чекаше. Долго чекаше. Го лажеа. Му велеа  апашите се готови. Ќе бидат зад решетки.  Но, се разочара. ВМРО-ДПМНЕ „ербап“ излезе. Не „жалеше“ со украдените пари да подмити  извршители, судии, адвокати, новинари. Владата на Заев остана со „прстот во уста“. Буицата од надојдениот поток „помина“ низ Македонија оставајќи и го само ѓубрето.

„Крупните риби“ куртулија. Побегнаа. Некој ги застареа делата. Некој сеуште се  „кикотат“ со „нивните“ судии, а за некои, не стасаа извршителите  да им покрената ниту постапки. Не се најде јунак да пресече. Да види што работи Катица и зошто од стотина „подготвија“ само дваесетина предмети. Зар никој од Владата на Северна Македонија не можеше или пак не сакаше да види се што правеше ВМРО-ДПМНЕ за да си ги „спаси“ од апс своите „херои“. Навистина не само чудно туку и несватливо. Додека СДСМ спиеше вмровците  си ја „свршија“ работата. Не само СЈО што го „отепаа“ туку до дно ги оцрнеа и извршителите. Ако Катица била лакома за пари, во СЈО работеа врвни и чесни извршители. Вмровците успеаа да ги стават сите во еден кош. Сите биле нечесни. Земале големи плати и натплати.

Сакале или не Владата „падна“ на испитот. ВМРО-ДПМНЕ „победи“. Велат за СЈО, Катица  и се што се случи крив е Заев. А зашто!?. Не е важно. Вмровците  како  оси напаѓаат. СДСМ како да заборави дека предвремените избори идат.Така „тераат“ вмровците. Биле ајдуци, ама на народот му велат не е вистина. СДСМ ги накодошил.  Така мислат „напернатите“ Мицковски,  Милошески, Димовски, Јанушев, Николовски и уште многу други кои мислат дека народов им верува  и дека се со „чисти раце“. Се лажат. Да се лажат. Забораваат што им викаше „вождот“. „Вистината е како шило. Ќе врти, врти и еден ден ќе излезе на површина!“. Да, токму така им викаше. А еден ден и така ќе биде. Факт е дека вмровците им ги „затворија“ устите и на Катица и на извршителите. „Направиле невиден  грабеж. Поголем и од нивниот“. Така велат.  Извршителката Фетаи, лута за се што им се случи, жали што заради „шефицата“ со дрва и камења сите маваат по нив. Ако институциите биле заинтересирани за нивната работа, како што сега се, многумина од ВМРО-ДПМНЕ сега ќе беа зад решетки.

Вистина е дека СЈО, поради „продадената душа“ на шефицата, не само што падна туку ја оцрни Северна Македонија. Му залепи „шлаканица“и на Заев и на Владата и на СДСМ. Милошески и тајфата прославуваат. Велет „сега му е мајката“ повторно  власта да ја „зграпчат“. Во план им е да си го вратат „фирерот“ и сто и една година на никого да не му дозволат да седне на тронот. Газди пак да бидат. Да докрадат се што останало, а за народот и за државата ич не им е гајле. Народот тргна кон Запад. Никој не може да го сопре. Нека си оди. Џенем нека фати. Оние што ќе си отидат тешко некој ќе се врати. А оние што ќе останат нека му ја мислат: дали ќе има некој да ги однесе на гробишта за да ги закопа!?. Налет нека е СЈО и Катица и Заев и Мицко и сите „јунаци“ на ВМРО-ДПМНЕ. Зар никои не гледа, ако вака продолжиме  дека Северна Македонија ќе ја изгубиме!?

Стоилко Андреевски