Што навистина избегнавме?

Што навистина избегнавме?
9.07.19   11:18

Прочитано : 856

Print This Article

Не верувам дека некој од „надлежните“ има сериозен одговор на прашањето: што навистина избегнавме со неставањето на Охрид и регионот на Листата на загрозено културно наследство, односно со продолжувањето на нашава агонија која некој сака да ја претстави како „борба за Охрид“? И со кого тоа ние всушност се бориме? Со самите себеси? Со нашиот инает и незнаење? Дали некој навистина мисли дека ставањето на Охрид на листата на загрозено културно наследство на УНЕСКО би бил некаков срам за државава, особено за оваа власт? Или, поточно, можеби во целата жална приказна би имало и доза срам за државава, ама за оваа власт – никако. Зошто? Затоа што сето ова, или најголемиот дел – без она делче кое сега се „игра“ во претставата наречена Охрид – е продукт на бившиот режим. Јасно, гласно и неотповикливо.

Затоа, прво, ставањето на Охрид на листата на загрозено културно наследство ќе беше уште еден (капитален) доказ и показ на погрешните и криминалните политики на претходниот режим во заштитата на културното наследство. Тоа ќе беше главниот адут на оваа власт, упатувајќи дека штетите биле толкави што никако не можеле да се поправат за само две години, и покрај сите вложени напори. Тоа не ќе можеше да го направи и подобра влада од оваа, па нека е и онаа на Меркел или на Макрон, зашто децениска штета не се поправа за годинаипол. (Иако, патем, и за жал, малку и ќе премолчевме дека ни оваа власт баш не се претргна од работа да направи нешто во кој и да е’ сегмент на заштитата на културното наследство, па и за Охрид). Така, барем за Охрид, ако не за друго, оваа Влада ќе имаше некакво покритие, ќе купеше време но и стручна помош, па и – пари. Или никој од надлежните „експерти“ не помисли на тоа? Вака како што е, со сегашната „излобирана“ (половична) одлука на УНЕСКО, сите „политики“ и практики на режимот на барабана од Будимпешта пловат во ендемски заборав, сите други бараби од надлежните институции се такаречи помилувани, ама виновна е – сегашната власт! Тоест Владата, лично и персонално!!! Дали ова му е јасно некому, или … ?! Никој не мислел на ова? Изгледа. Некој треба да даде објаснение за ова, нели, зашто јасно е како бел ден дека за две години речиси ништо спектакуларно не можело да биде направено? Која е тогаш целта на „битката за Охрид“? А сепак, можело во овие две години барем да се запре со градежните активности, можело да се започне со некакви ревизии, можело да се започне со истраги … Или некој не сака(л) тоа да го прави? Па следствено, дали единствена цел на некои наши персони денес била да си ја исперат нестручноста и неработењето во овие две години, мислејќи дека тоа ќе го надополнат во наредните шест месеци?

Можеби некогаш ќе добиеме одговор и на овие прашања. Но, сега, пропуштена е една важна шанса да се добие стручна меѓународна помош, нешто што на македонската заштита на културното наследство во оваа фаза и е неопходно. Зашто, тажно и мачно беше во Баку да се слушаат стручните мислења на компетентните за нашата негрижа за Охрид и за регионот. Од претставници на Секретаријатот на УНЕСКО (Комитетот за светско културно наследство), преку сите што нешто денес значат во заштитата на културното наследство. Токму претставникот на Секретаријатот на УНЕСКО бараше Охрид да се најде на Листата на загрозено наследство „as soon as possible“; претставничката на IUCN (International Union for Conservation Nature) укажуваше на опасноста од патниот и железничкиот коридор по природата, кое што комбинирано со отсуство на главен менаџмент и плански документи претставува „чист случај на потенцијална опасност за заштитеното подрачје“! Поддршка на иницијативата на УНЕСКО даде и престижната Europa Nostra, а претставничката на ICOMOS со видно жалење говореше за Охрид и Струга од пред триесет години, кога биле запишани за Листата на светското природно и културно наследство како за „речиси недопрена природна убавина“, за да веќе од 1988 година бидат забележани првите знаци на зголемена градежна активност, од кога и датираат многу предложени мерки за Охрид и Струга, кои се и денес актуелни! Тие биле повторени и во 2013 година, засилени со укажувањето на недозволивите градежни активности на Плаошник и долж целото крајбрежие, но веќе во 2017 година, вели таа, наместо намалување, забележано е зголемување на градежните активности во целиот регион и неисполнување на ниту една предложена од порано мерка! Токму затоа и ICOMOS бара итни мерки за заштита на Охрид и регионот во најкраток можен рок, „со цел да се спречи ерозијата на атрибутите на оваа извонредна универзална вредност“! На ваквите оценки смело се придружи и претставникот на „СОС Охрид“, констатирајќи дека „Drop by drop it has been destroyed“. Целата светска струка за Охрид бараше „rule of law“! Но ние, нели, сме посилни од струката, македонската политика е покомпетентна од сите светски организации

Златко Теодосиевски

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести