Штипската Клиничка болница го доби извештајот на институциите за случајот со 13 пациенти заразени од хепатит Ц

Штипската Клиничка болница го доби извештајот на институциите за случајот со 13 пациенти заразени од хепатит Ц

Штипската Клиничка болница го доби извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Институтот за јавно здравје по направените вонредни контроли во врска со случајот со 13 пациенти заразени со хепатит Ц на Одделението за ортопедија.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев денеска изјави дека и по овој извештај не може да се открие изворот на заразата. Посочи дека јавноста нема потреба од паника, бидејќи тие се случаевите и нема нови и како што рече, болницата работи согласно процедурите и протоколите за безбедност на пациентите.

– Во извештајот беа доставени мерките што ние како Клиничка болница веќе ги имаме преземено по однос на оваа ситуација, беше направен конкретен увид во активностите на болницата и имаме согласување со мерките кои ги имаме и одредени корекции и препораки, што треба да ги имплементираме понатаму со цел да не ни се повторат вакви работи во иднина, вели Ѓеорѓијев.

Тој потенцира дека по појавата на вирусот хепатит Ц, веднаш е направено тестирање на вработените, дополнителни обуки, стерилизација на опремата, а воведен е скрининг пред оперативните зафати. Токму изминатиот месец дополнителните анализи на над 100 пациенти пред да бидат оперирани, покажале дека осумина уште од дома го носеле вурусот, од кои шестмина се од типот Б, а двајца од типот Ц.

– Треба да посветиме повеќе внимание, бидејќи очигледно е дека меѓу населението има голем број носители на хепатит, вели Ѓеорѓијев.

Дополнителни анализи на 13 поранешни пациенти на Ортопедија се прават и во лабараторијата на МАНУ, што треба да покажат дали се носители на овој вирус и на кој тип, по што ќе се знае и каква терапија точно да се примени. Досегашните испитувања покажаа дека ниту еден од вработените е носител на овој вирус, а исто така ниту еден од пациентите не е корисник на опојни дроги. Инаку хепатит Ц се пренесува преку крв, рани или сексуални односи.