Шпекулации бр 2

Шпекулации бр 2
7.09.19   12:01

Прочитано : 428

Print This Article

Првата од вториве две шпекулации е баш шпекулација, асли шпекулација, што се вели. И, повторно, не е моја, но чаршијата навелико говори за неа. И, признавам, и јас често помислував на тоа во недостаток на подобро образложение. Елем, чаршијата вели: „Скопје 2014“ е недопирливо бидејќи и’ се допаѓа и на новата власт! Е сега, можеме да расправаме за формулацијата „и’ се допаѓа“ и што тоа може да значи, но тоа главно упатува дека (и) таа (оваа власт) со одобрување, дури симпатии гледа на овој кич од комбиниран квазибарок и ала неокласицизам на новомакедонски начин. И тоа на самиот крај на втората деценија на дваесети и првиот век!

Но, всушност, за оваа шпекулација и нема што многу да се расправа. Од проста причина што, велат, за вкусовите не се дискутира. И така и треба да биде, за личните вкусови. А сепак, од друга страна, има многу да се расправа зашто чаршијата, или ние овде, не би расправале за вкусовите на некои случајни минувачи низ Скопјево, а има такви на кои ова чудо навистина им се допаѓа па дури и се фотографираат пред монструмчињата, уште помалку расправаме за (не)допаѓањето кај некои ситни партиски структури, на власт или во опозиција. Но, ако личните вкусови се функционално операционализирани на високо државно ниво, тогаш има за што да се расправа, нели? Ако личните вкусови на високи државни функционери стануваат доминантни при носењето значајни државни одлуки, тогаш настанува проблем. Тоа се конкретни ситуации, но овде, да не заборавиме, сепак станува збор за – шпекулации. Овде во извесна смисла (може да) станува збор за „допаѓање“ (наводниците се неопходни зашто навистина не знаеме за што станува збор) како мотив за непостапување. Односно, во некаков најширок контекст може евентуално да се говори за лични мотиви како основ за (бесправно) одржување на неодржливи состојби. И тоа состојби кои што не се баш наивни или безначајни туку тангираат цел еден град тоест токму главниот град на државата. Во таков случај, ако навистина има простор дури и за такви размислувања односно ако навистина сериозно може да стане збор за толерирање на чудовишното „Скопје 2014“ само заради нечии лични вкусови, тогаш веќе целата состојба поприма димензии на злосторство еднакво на претходното! А сепак, за волја на вистината, и (би додал) за среќа, досега не е забележана ниту една изјава на актуелен висок владин (па и локален) функционер која што би наведувала на помисла дека може да стане збор (и) за нешто такво како толерирање заради допаѓање. Такво нешто немало, иако чаршијата настојчиво ја тера таа приказна па наведува присуство на високи владини претставници во / на одредени „објекти“ од „Скопје 2014“ и слично. Што не значи ништо, најмалку е доказ за допаѓање. Впрочем, и потписникот на овие редови си вети себеси дека нема да влезе во оној кичерајски „Златен театар“, ама секојдневието некогаш ви поставува неочекувани стапици. Додуша, тоа беше само еднаш, но на галија не сум се качил, не сум се фотографирал пред / со некој од овие идиотски споменици … итн. Така што, таквиот „доказен материјал“ не мора да значи ништо, најмалку – допаѓање! Иако чаршијата и понатаму ќе го манипулира овој мотив и ќе го потенцира како основен во целава скаламерија со непостапувањето не само по дадените предизборни ветувања туку и по усвоените и објавени владини програми / приоритети.

И токму на тоа се базира вторава од овој блок шпекулации, и таа е целосно моја. Имено, мислам дека и претходно цитирав изводи од Програмата на оваа Влада, каде што дословно стои: „Владата темелно ќе го преиспитува проектот „Скопје 2014“ и неговите политички, уставно-правни, меѓуетнички, културни, архитектонски, урбано-градителски, финансиски и естетски аспекти. За справување со последиците на „Скопје 2014“ Владата ќе ги повика да се вклучат сите надлежни институции од културата, науката и уметноста. Откако ќе завршат сите уставно-правни, судско-кривични и инспекциски работи со кои ќе се расчистат злоупотребите и криминалот сторен со и низ оваа гигантска дивоградба, ќе покренеме мерки за ревитализација на централното градско подрачје и Старата скопска чаршија. На тој начин ќе се спречат избрзани, произволни или популистички мотивирани решенија“! Овој пасус навидум, но само навидум, се расфрла со прилично „тешки“ зборови, па (повторно) со ветувања, но, би рекол, и со точно и рационално избрани формулации. Поточно, иако Владата некако избрзано веќе го „осудила“ овој „проект“ како „гигантска дивоградба“, таа сепак ветува темелно преиспитување на сите негови аспекти („политички, уставно-правни, меѓуетнички, културни, архитектонски, урбано-градителски, финансиски и естетски аспекти“). И така треба да постапува една Влада. Ние, како поединци, имаме право дури и однапред – иако не неосновано – да го прогласуваме овој „проект“ дури и за идиотски, налудничав, ваков или онаков, па и криминален. Тоа впрочем е многупати аргументирано и компетентно објаснувано, од многу фактори, дури и на овие мои страници. И тоа право никој не може да ни го одземе. Но, една Влада, една правна држава не може така да постапува односно не може / не смее да осудува без соодветни процедури / постапки. Токму затоа и таа искажана резерва – дека ќе се постапува дури по спроведување на сите потребни легални дејствија! За тоа следниот пат.

Златко Теодосиевски

Извор

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести