Шашав кауч

Шашав кауч
6.09.19   18:54

Прочитано : 1,748

Print This Article

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Заев вика дека е логично тоа што Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од притвор во Шутка ги предала предметите од СЈО кај Јавниот обвинител Љубомир Јовески. Што е логично? Па нели тоа СЈО беше измислено затоа што Јавното обвинителство не сакаше да ги процесуира предметите што ги слушнавме во бомбите? Нели предметот „Монструм“ за злочинот кај Смилковско Езеро СЈО го презеде од Јавното обвинителство и сега е во процес на второ судење? Сега ќе го вратат предметот назад, од таму од каде што го преземаа и ќе оди на трето судење? Што му е логично на Заев, кога на 27 април 2017 година му ја скршија главата само за да не се откријат криминалите кои требаше да ги истражува СЈО, а пред тоа не сакаше да ги истражува Јавното обвинителство? Што е логично, кога ова Јавно обвинителство што ќе ги преземе предметите од бомбите им се закануваше на новинарите што ги објавуваа нелегално прислушкуваните разговори дека ќе ги стави в затвор? Што е логично, кога пред четири години по цели ноќи состанчеа со меѓународната во онаа европска вила во Пржино за да го смислат Специјалното јавно обвинителство? Што протести, марширања се направија за тоа СЈО, што маици се испечатија, колку боја се испотроши… Два пати избори одлагавме во 2016. Па Марко Зврлески, шефот на тоа обвинителство што сега ќе ги преземе случаите на СЈО, со месеци не можеа да го сменат во Собранието. Што е сменето во тоа обвинителство, освен шефот, па сега, откако дојде живот и тоа стана кадарно да ги процесуира предметите што не сакаше ни да ги отвори во времето на Груевски?

Којзнае, во оваа држава можеби и е логично вака да заврши Специјалното јавно обвинителство, специјално направено да лови криминал на функционери. Ќе беше нелогично тие предмети да завршеа со пресуди.

А можеби и не треба да се прашуваме што е логично, туку што е практично. И можеби имаме преголеми очекувања од оваа власт. Си правиме бајрам на умот без контакт со реалноста. А во реалноста, шоуменот Боки 13 е ѕвездата околу која се вртела цела политичка, бизнис и правосудна елита. Во таа реалност Орце Камчев е жртва, оти морал да плаќа мито за да биде ослободен од обвинение. Во таа реалност, специјална обвинителка покренувала истраги за да може да ќари ако ги ослободи осомничените и обвинетите. И како капак на сѐ, во таа реалност за судбината на СЈО одлучуваат пратеници осомничени и обвинети баш од тоа СЈО. И како капак над капакот, Специјалната обвинителка од притвор, му дава наредба на Државниот обвинител, кој наредил да ја притворат, да ги преземе нејзините предмети, и тој ја прифаќа наредбата.

Колку и да не сакам да се сеќавам на Ѓорѓе Иванов, пак се враќаме на неговата легендарна изјава дека ова е космодиск демократија. Звучи шашаво, ама функционира.

Реалноста е камионот со кој се изнесуваше каучот на Специјалната обвинителка подарен од шоуменот во знак на благодарност од бизнисменот.

Намалете со очекувањата од животот во Македонија.

Целата колумна на СДК на следниот линк.

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести