Северна Македонија мора да отвори преговори со ЕУ во јуни

Северна Македонија мора да отвори преговори со ЕУ во јуни
15.05.19   10:06

Прочитано : 852

Print This Article

Добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни е клучен момент, беше порачано од конференцијата во Берлин на која учествуваше шефот на македонската дипломатија Димитров. Врвен аргумент е Преспанскиот договор.
Во вторникот вечерта (14.05), како и пред две недели на конференцијата за Западниот Балкан, сите беа сложни околу една констатација: Северна Македонија во моментов е „ин“ и може да му послужи како пример на остатокот од регионот за решавање на спорови со соседите. Тоа беше видливо и на предавањето на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров на кое во парламентарниот објект покрај зградата на Рајхстагот се собраа повеќе пратеници во Бундестагот, претставници на дипломатскиот кор и други претставници на политичкиот живот во Берлин.

Преговорите мора да бидат отворени во јуни

Дискусијата ја отвори пратеникот на Зелените во Бундестагот, Мануел Сарацин, кој е и потпретседател на Друштвото за Југоисточна Европа, истакнувајќи го напредокот на Северна Македонија во реформскиот процес и договорот за името со Грција – еден од ретките светли моменти во историјата на овој дел од Европа последниве години. Димитров, по излагањето полно со анегдоти од процесот на преговори со Грција, се сврте кон иднината, а таа, како и за сите останати земји од регионот, барем декларативно, е во ЕУ.

Тука беше отворено најважното прашање за датумот за почеток на пристапните преговори.

„ЕУ едноставно не може, а да не го награди напредокот на Северна Македонија“, рече Димитров. Европската комисија на Советот на ЕУ на крајот на мај ќе препорача отворање на преговори со Албанија и Македонија. Но, како што можеше повторно да се слушне во Берлин, постојат големи противници на почеток на преговори, а тоа се пред сѐ Франција и Холандија, кои стравуваат од јакнење на десничарите во нивните земји.

Сарацин, како и повеќето германски парламентарци, за тоа има јасно мислење.

„Одлуката за отворање преговори мора да се случи на самитот на ЕУ во јуни“, дециден е Сарацин. „Таа одлука мораше одамна да биде донесена“. Тој објасни дека Северна Македонија одамна исполни сѐ што се бараше од неа. „Остатокот може да се проверува низ преговарачкиот процес кој може да потрае со години“, рече пратеникот на Зелените.
Притоа, Сарацин ја отфрли можноста Северна Македонија и Албанија да одат во пакет во преговорите по секоја цена.

„Тука важи правилото на регата, а не на воз. Оној кој е подобар, тој побрзо ќе стигне до целта“, заклучи Сарацин.

А што доколку преговорите сепак не започнат?

„Тогаш сѐ е можно“, предупреди Димитров, иако сите присутни истакнаа дека не сакаат да веруваат во такво нешто.

Прашањето на Косово

Потенцијални жаришта на нестабилност не недостасуваат во регионот.

„Ние веќе еднаш доживеавме како војната на Косово, така да речам, се прелеа и на тогашна Македонија. Значи, стабилноста во регионот зависи од помирувањето и изнаоѓањето решение за Косово“, смета Сарацин. Но, тоа за Северна Македонија во овој момент е од второстепено значење.

„Патот на Северна Македонија не зависи од тоа што ќе се случува во нејзиното соседство. Нерешавањето на овој проблем е пречка за Србија и Косово, а не за Северна Македонија“, рече Сарацин.

Но, истовремено не може да се негира дека Скопје се наоѓа во многу деликатен дипломатски расчекор, меѓу желбата да ги задржи добрите односи и со Приштина и со Белград. Тоа беше видливо и на конференцијата за Западниот Балкан пред две недели, кога српскиот претседател Александар Вучиќ го критикуваше македонскиот премиер Зоран Заев поради тоа што на состанокот ги оправдувал косовските царини.

На директно прашање на Дојче веле на оваа тема, Димитров одговори со цитат од поранешниот германски канцелар Хелмут Кол кој по германското обединување рече дека Германија „конечно е опкружена со пријатели“.

„Така е и со Северна Македонија. Ние со сите соседи имаме добри односи, без оглед на некои изјави или проблеми. Кого и да прашате во Белград тој ќе ви рече: Да, ние сме пријатели со Северна Македонија. И јас можам да кажам: Ние навистина немаме ниту едно големо отворено прашање со Србија“, рече Димитров.

Но и Димитров признава дека односот на Скопје кон северните соседи е дипломатски танц по жица.

„Косовското прашање е товар за целиот регион. Најголем секако за оние кои се директно вклучени. Нашиот интерес е стабилност во целиот регион, но ние нема да се мешаме. Доколку можеме да бидеме од помош, ќе бидеме на располагање, но нема да се мешаме“, заклучи Димитров.

Извор: дв