Се расчистува депонијата во Горно Лисиче

Се расчистува депонијата во Горно Лисиче

– Општина Аеродром и ЈП „Комунална хигиена“-Скопје денеска спроведуваат акција за чистење на огромната дива депонија создадена кај стадионот во Горно Лисиче.

Како што соопшти Општина Аеродром, со тешка механизација се чисти теренот од секаков шут. Акцијата ќе трае неколку дена и се очекува да бидат собрани околу 1.500 кубни метри отпад.

Градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин денеска извршил увид во активностите за расчистувањето на оваа дива депонија.

Општина Аеродром апелира до граѓаните совесно и правилно да го фрлаат отпадот со цел да се спречи создавање на нови диви депонии. Најавуваат дека во наредниот период ќе се засили инспекцискиот надзор, како и казнувањето за фрлање отпад, палење пластика, железо и слично.