СДСМ-овска Филимена

СДСМ-овска Филимена
10.07.17   10:07

Прочитано : 16,999

Print This Article

Ќе го позајмам овој наслов од увидот во проблемот на Тричковски за „злата карма“ на ликот за кој сакам да кажам збор два. Всушност, да изразам интелектуален презир кој се плашам ќе се одрази на кармата на реформите кои ликот стратешки ќе ги испроектира! Се работи, како насетувате, за ликот кој е назначен за претседател на Стратешката комисија за реформи на новата влада!

Владата тоа го оправдува со не-знам-што да речеме со принципот на инклузија?!Ма немојте молим вас лепо?

За да постои принцип на инклузија мора да постои СТОЖЕР на вредности и идеологија или идеи кои уверени во себе се отвараат за инклузија кон се она што ги дели на некој начин и може да придонесе за нивниот процут. Инклузија не значи собирање се по пат, се од борнирана, лукративна полуинтелектуална „ману-чао-елита“ која зрачи со блескава ништожност и претставува се она против кое сме се бореле всушност овие десетина години.

Или, со други зборови инклузијата не е постоење на празна тиква во која сите заедно дуваме, прдиме… што и да е. Не е каша од отсуство на токму тоа што е неопходно – еманципаторска демократска политика со интегритет!

Ликот, да се вратиме на темата драги мои, има зла карма и неа во правото ја користи за хранење на својата енормна алчност. Кафкијанска сподоба чиј израз и задоволство во правото е репресија и казна во служба на власта. Тој е секогаш во улога на егзекутор на власта за да кога околностите ќе се сменат – ја егзекутира правната норма со која претходно ликвидирал. Во правно-техничка смисла ја има усвоено онаа крилатица за доцно социјалистичките правници-експерти дека тие се како бербери: шишаат различни фризури по нарачка (тарзанка, шими, Дејвид Боуви и сл). Нема идеологија, нема вредности. Се е употребливо за новата фризура на монархот.

Дополнително втората крилатица која постојано ја врти е: доколку нормата која ја конструира ни стои ни седи, ја правда со лаконската – па добро, како ние утре повторно ќе ја реформираме. Мора да има и утре работа за нас. Храни се со коските на сопствените „реформи“ – важно е нашето преживување како ендемски-екпертски вид!

Таа провинциска кариера на сатрап во еснафот – почна со егзекуцијата која ја водеше овој лик – Претсадател на Стратешка (во понатамошниот текст: ликот ПС) – против својот колега од факултетот Ѓорги Марјановиќ. околу т.н. вербален деликт. Кога го понижи и казни колегата, беше првиот кој предлагаше укинување на овој член од КЗ кога се сменија околностите.

Така тера до ден денес: се нацица од крвта, пари и лигавање со режимот на ДПМНЕ единаесет години, за кога почна да се надѕира падот на режимот, Ликот ПС да крикне: доста е со неодговорната власт и владеење?

Драги мои, диктатурата на ДПМНЕ владееше 11 години не поради својата сила, туку токму заради бројните вакви ликови кои им ги спростреа институциите ничкум под нозе и ги легитимираа со „право“, страв и молк. Едновремено незаборавајќи да цицаат за себе.

Овој реформски алигатор продолжи жестоко со реформите во областа: Со реформа ја заостри осудата за кривичното дело клевета и навреда (патем, поради своите спорови со А1 Телевизија на времето). Сите плаќавме по неговите норми огромни суми осуди од навјасаните властодршци. Кога за тоа како држава конечно бевме критикувани ПС ја реформираше својата реформа и ја декриминализира претворајќи ја во граѓански спор.

Негово е делото да испуштање на терминот „одговорно лице“ во делото од КЗ за казнување на „злоупотреба на службената функција и овластување“: Со тоа спасил голем број од свите пајташи кои го приватизираа општествениот капитал.

Негова е идејата за „реформата“ – казнување на лицата кои превезуваат мигранти и режимот за момент жестоко се обруши на 2-3.000 вакви лица кои сега гнијат во затвор. Кога околностите се сменија, а тие се сменија за неполна година, таа одредба се укина и делото се декриминализира (но овие луѓе и понатака се во затвор и никој не ги пуштил бидејќи Ликот ПС се пишманил со декриминализацијата???).

Негова е идејата понудена во дверите на Јанкуловска за враќање на Ромите од граница, демек како мерка за задоволување на европската нервоза околу мигрантите од регионот и Македонија. Тоа меѓутоа се покажа како директна дискриминација и злоупотреба. Сега е укината. Претпоставувате неправдата остана. Луѓето беа понижувани и малтретирани.
Алигаторот продолжи да плива .

Бидејки во основа нема познавања за поновите феномени во правото и полит-филозофијата, главно користи трудови на асиистенти кои ги потпишува – се заглави во формулација на следната своја реформа: Казнување на говорот на омраза. Не сака да праша некого кој знае и лошо ја формулираше дефиницијата на делото како и неговите основи во КЗ. Сега кога сите ја искритикуваа таа одредба, а ОБСЕ работи проект за нејзино менување бидејки е лоша, погодете кој се нуди да ја смени – па није могуче „реформскиот алигатор“ (сега во улога на СДСМ-овска Филимена) – се нуди како инстутуција (знаете МАНУ- САНУ гнездо на македонската наука (јао мајко држиме …) – да ја менува својата грешка!

Порталите пренесоа сведоштво на Архиварот на МАНУ дека ликот со директна наредба му наложил да ја отвори архивата на Колишевски за лустраторите на Аџиев иако архивата била под режим на забрана на користење уште извесен период!

Бескраен и епски е низот од падови прогласени за успеси, од бесчестие скриено зад позиции и звања. Кога разбира дека не може директно преку една брза изјава да се пикне на новата власт, прави стратегија „Прибе“! Го кани Прибе на визитка во Охрид платена од некакво здружение каде му се упикува длабоко во абдомен и се претставува сега кон новите министри од ДУИ па и другите како „двоец со Прибе“ како „јас и Прибе една монета со два лика“, “јас и Прибе – то су срца два“! Спонтано им се увлече, како спонтан абортус искрвари на белите бутове (што би рекол Кљусев) на трепкачките моми реформски СДСМ-овски! Се уште пристојниот свет не може да разбере како оваа скапана финта пројде кај нашиве инклузивци??? Ја голтнаа нивнава нова „Филимена“.

Кога ке заврши овој Рок-ен-рол со реформите, кога ќе ја видиме формата на фризурата која ја ишишале филимениве драги мои, ме фаќа јанѕа каква ќе биде новата стратешка реформаска фризура на Зоки?

Љубомир Д. Фрчкоски

  Категории: