Русковска: Доколку снимките имаат тон ќе ги презентираме во дополнување на доказната постапка

Русковска: Доколку снимките имаат тон ќе ги презентираме во дополнување на доказната постапка

Откако Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ вечерва на прес конференција објави дека снимките кои денеска се презентирале на рочиштето за “Рекет” не биле целосни, односно имало само видео, но не и тон, побаравме реакција од обвинителката Вилма Русковска.

-Се презентираа снимки онака како што ни беа доставени од полиција. Доколку имало тон, а не ни било доставено, нека ни достават, па во дополнување на доказна постапка ќе презентираме, изјави обвинителката Русковска за “Фокус”.

Николовски претходно обвини дека се создава сомнеж дека дел од доказите се криеле, бидејќи на снимките се видело дека Катица Јанева имала средба со Зоран Заев, а неговиот брат Вице Заев со Зоран Милевски Кичеец.

-Понатаму, она што е многу индикативно е што не добивме образложение денеска по однос на доказот број 148 зошто немаме тонски запис прикажан во судот. Имено, согласно член 18 од Законот за следење на комуникации каде се предвидува тонско снимање на содржината на комуникациите на лица на отворен простор, значи лица кои што се следат на отворен простор на средби кои што ги имаат, покрај тоа што се покриваат физички, со камери и со видео, се покриваат и тонски. И тоа е јасно во членот 18.

Исто така од приказот на посебните истражни мерки не се добива впечаток дека истражителите само го фотографирале и направиле видео од средбата, туку јасно е дека има и тонско снимање.

Прашањето до јавноста е, зошто ова тонско снимање не е прикажано денеска во судницата, односно прашањето е дали мерките со план не се спроведени, со што е прекршен законот и членот 18 или не истите не се објавуваат во јавноста со цел да се скрие содржината на истите, истакна Николовски.