Руска подморница не успеа да истрела интерконтинентална ракета, Путин ја следел воената вежба

Руска подморница не успеа да истрела интерконтинентална ракета, Путин ја следел воената вежба
21.10.19   16:20

Прочитано : 336

Print This Article

Руска нуклеарна подморница  на воена вежба што се одржа минатата недела, а која ја следел и претседателот Владимир Путин, се откажала од тестирање на интерконтинентална балистичка ракета, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

Нуклеарната подморница „К-44 Рјазан“, дел од руската пацифичка флота, пред четири дена требало да лансира две ракети „Р-29Р“ во Охотско море, а успешно била лансирана само една, додека втората останала во цевката за лансирање на подморницата, пренесе весникот „Ведомости“.

Инцидентот се случил истиот ден кога Путин ја следел вежбата од Командниот центар во Министерството за одбрана во Москва.

Акцијата во Охотско море била дел од пошироките воени вежби на вооружените сили- „Гром 2019“, чија цел е тестирање на подготвеноста на силите за нуклеарен судир. 

Министерството за одбрана денеска го потврди инцидентот со балистичката ракета, но го отфрли тврдењето на весникот дека неуспешното лансирање на втората ракета предизвикало „итна ситуација“, пренесуваат руските медиуми.

Во воените вежби на рускиот Далечен исток и Далечен север од 15 до 17 октомври учествуваа повеќе од 12 илјади војници, повеќе од 100 летала и пет подморници, соопшти министерството.

Вежбата се одвивала на подрачјата на Баренцово, Балтичко, Црно и Охотско море, како и на Каспиското езеро.

  Категории: