Репортажа на радиото Дојчландфунк: Северна Македонија - земја без луѓе

Репортажа на радиото Дојчландфунк: Северна Македонија - земја без луѓе

Многу млади луѓе ја напуштаат Северна Македонија, пред сѐ во насока на Германија и Австрија. Се надеваат на работа и подобри плати. Еве што забележа репортерот на радиото Дојчландфунк пред германската амбасада во Скопје:

Пред германската амбасада во Скопје: Фатима со својата малолетна ќерка стои пред влезот на дипломатското претставништво – сака да поднесе барање за работна дозвола. „Речиси сите пријатели и членови на семејството ми се во Германија.“

Во Скопје може да се најде работно место, но во внатрешноста – а таа доаѓа од истокот на малата балканска држава – нема ништо. И кога има работа, најчесто работи само еден член на семејството, а од тоа не може да се живее:

„Прво ќе се занимавам со јазикот и ќе учам германски, за да зборувам како што сега зборувам македонски. Потоа ќе барам работа. Би сакал да бидам шефица во ресторан, сакам да работам со луѓе.“

„Еден син е веќе заминат, овој е вториот“

Постар маж од Тетово чека на синот кој се наоѓа во зградата на амбасадата.

„Еден син е веќе заминат, овој е вториот. Ние, сопругата и јас, ќе останеме сами. Јас имам 59, таа има 60 години. За неколку години нема да можеме да работиме. Постариот син ми живее во близината на Берлин и работи како келнер во ресторан.“

Темата иселување во Германија – и во Австрија – за многу работници во Северна Македонија стана уште попривлечна од почетокот на годината, зашто има нови, поедноставни правила за доселување на стручњаци.

Цел се пред сѐ Германија и Австрија

Од први јануари во Австрија веќе може да работат квалификувани работници од земји кои не се членки на ЕУ. Министерството за труд во Виена објави долг список од 56 различни професии – од машински техничари, преку покривачи на покриви, негуватели, сѐ до готвачи. Германија од први март стартува со слични правила.

Како возач Шефајет сега заработува околу 300 евра. Премалку, смета тој, а со тоа е согласна и фамилијата. „Овде го придружувам синот на шурата. И тој ќе замине, зашто што би правел овде? Да имаше плати од 500 до 600 евра во Македонија, никој не би одел во Германија, иако таму се заработуваат 1500 до 2000 евра. Никој не го напушта семејството со драго срце, никој не сака да биде далеку од домот и децата.“

Високи трошоци за живот во Германија

За Северна Македонија привлечната сила на германскиот пазар на работна сила е голема, вели Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија. Но, додава тој, многу работници не размислуваат за високите трошоци за живот во Германија:

„Магнетна сила постои, улога игра и тоа што секој има некои роднини во Германија кои раскажуваат како живеат и колку заработуваат. Но, мора да се прави разлика, зашто овде како сума е релевантна нето-платата, а во Германија се зборува за бруто-плати. Она што е помалку познато се трошоците за живот во Германија кои се со тоа поврзани и кои на крајот водат до тоа да се биде на нула.“

Политичка разочараност

Но, не се само повисоките плати она што германскиот пазар на работна сила го прават толку привлечен за работниците од Северна Македонија. Тука е и недоволната внатрешнополитичка стабилност, недавањето зелено светло од страна на Европската унија за почеток на преговори за приклучување, направено под притисок на францускиот претседател Макрон, техничката влада која е на власт до изборите во април и која е речиси школски пример за лошо менаџирање и непотизам.

59-годишниот татко од Тетово, кој чека на својот син пред амбасадата, вели: „Страшно е она што се случува во Македонија. Зборувам за Македонија, но многу подобро не им е ниту на другите земји во регионот. Велат дека сме земја со два милиони жители, но овде сигурно нема два милиони. Јас имам две деца. Едното ми е веќе седум месеци во Германија, а сега документи ќе добие и вториот син. Тој не сака веќе да живее овде, зашто овде не гледа перспектива.“

Извор: Дојче веле