Реформи на линија со ЕУ-стандарди, а не со неказнивост

Откако усвоените измени на Кривичниот законик наидоа на жестоки критики во експертската и пошироката јавност, не само поради правните последици што ќе ги предизвика, туку и поради сомнежи за нивна политичка мотивираност, сега на „чекање“ е ставен најавениот предлог на Закон за амнестија, по скратена постапка. Тој беше проследен со објаснување дека амнестијата треба да помогне за намалување на прекубројноста во затворите, но и во овој случај не изостана сомнеж за политички мотивиран процес, во сензитивен политички период во земјата.

И додека во штабовите на владејачките партии тактизираат со цел да не се „изгорат“ со нова критика од Европската унија како во случајот со КЗ, пораката на Брисел е децидна – Македонија има потреба од промени, но преку усвојување на закони и практики кои се на линија со европските стандарди.

„Изминатите недели и месеци имаше многу случувања кои ја ставиле под знак прашалник посветеноста за реформи и овој тренд мора да запре“, рече шефот на Делегацијата на ЕУ во РСМ, Дејвид Гир, посочувајќи ги измените во Кривичниот законик донесен со несоодветна употреба на европското знаме, но и серијата случувања во Судскиот совет.

Нова поддршка за владеење на правото

Овие примери не беа пречка да биде презентиран нов проект финансиран од Унијата „Поддршка од ЕУ за владеење на правото“, кој кој ќе чини 10 милиони евра и ќе трае 3 години со цел да ги поддржи релевантните институции во 4 области – во правосудството, полициските истраги, борбата против корупцијата и почитувањето на човековите права.

„Нема скратени патишта и компромиси на патот кон ЕУ, туку само реформи. Ние сакаме земјата брзо да напредува во сферата на владеењето на правото, граѓаните имаат право да го бараат тоа, а ЕК има право да го бара тоа од земја-кандидат“, изјави евроамбасадорот.

Иако нотираше дека има напредок во однос на владеењето на правото во изминатите години, рече дека има и одредени прашања кои предизвикуваат загриженост и тоа не треба да се заборави. Едно од тие прашања се случувањата во Судскиот совет, поради кои таму беше распоредена оценска мисија на ЕУ, која неделава ќе ја заврши работата и наскоро ќе ги објави резултатите и препораките за подобрување на ефикасноста, независноста и професионалноста на тоа тело.

Евроамбасадорот се осврна и на начинот на усвојувањето на измените на Кривичниот законик, со кои се намалија казните во делот на злоупотребата на службената положба.

„Секако ја паметите изјавата од минатата седмица од Европската комисија во Брисел во однос на измените на Кривичниот законик, пред сè за користењето на европското знаменце, кое тие го сметаат за несоодветно и тоа е едно од прашањата за кое треба да се дискутира. Исто така, ризикот кој го идентификува Комисијата е дека ваквите промени може да доведат до зголемување на неказнивоста“, рече амбасадорот Гир.

Тој посочи дека институциите недоволно сериозно ги сфаќаат препораките и иницијативите кои доаѓаат од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и од Државниот завод за ревизија (ДЗР). Но, и дека политичките партии мора да престанат да се мешаат во работата на обвинителството и на судството.

„Законско“ мешање

Токму последново, кое досега беше изразено преку повеќегодишен наратив за „тефтерчиња со имиња на судии и обвинители“, овојпат падна во сенка на други процеси – можност за застарување на предмети и тивки амнестии.

„Измените на Кривичниот законик се сценарио што го подготвуваше оската ДУИ-СДСМ и дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ за да се обезбеди мнозинство кое ќе ги изгласа уставните измени“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чие неодамнешно интервју за ФАЦ стана повод за прашања и преписки од страна на на неговиот претходник, Никола Груевски.

Со оглед дека партијата кажа оти нема да поддржи уставни измени, од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека инволвираната оска преминала кон други идеи и сценарија – за намалување на резултатот на ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори: да има помалку пратеници за да може да биде уценувана за формирање на идна влада или под притисок да се изгласаат уставни измени, да се прават широки коалиции или амнестии на криминалци кои во моментот се во власта.

За ова синоќа се разговарало и на редовната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по што партијата излезе со порака: „Го осуетивме планот на власта, продолжуваме обединето и кохезивно, нема уставни измени под бугарски диктат“.

„Се реафирмираа ставовите кои беа изнесени во јавноста минатите денови, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ го осуети планот на власта, на оската ДУИ-СДС и поранешни функционери на опозицијата кои одлучиле да се стават на нивно располагање преку валкани дилови за причини само ним познати, а кои директно ќе одат на штета на македонскиот народ“, соопшти партијата, наведувајќи ја силната кохезија на пратеничката група во однос на неприфаќање на уставни измени под бугарски диктат.

Во пресрет на седницата Никола Груевски самиот се понуди – доколку на ЦК се зборувало за него, им стоел на располагање да се вклучи преку видео врска.

„Имам многу што да ви кажам, и за ова што сум нападнат, а ако сакате и за повеќе други работи за кои сѐ уште се воздржувам јавно, иако сум најбрутално нападнат од актуелниот претседател на партијата. И во една ваква ситуација се контролирам, за да не направам штета на партијата“, порача тој.

Притоа им даде забелешки за однесувањето.

„Уште недојдени на власт покажувате голема сила, а квалитетна понуда нема. СДСМ беа зрели за паѓање уште на изборите 2020 година. Со ароганцијата, потценувањето на сите, самобендисаноста, непромисленоста и злобата што уште тогаш ве беше обземала дел од вас во потесното раководство, а најмногу првиот човек, им подаривте уште 4 години и наскоро ќе станете раководна гарнитура на партијата со најдолг стаж во опозиција. Ако продолжите да се занимавате со ‘лов на вештерки’, може да ви се случи и најдолгиот стаж во опозиција на СДС да го надминете. (…) Ви поминуваат штетни за државата одлуки секој ден. Дремете. Само овие 2-3 дена додека со мене се занимавате, куп штетни одлуки поминаа на различни нивоа на власта. Ве нема никаде, освен по панаѓури и пиволенди“, напиша претходникот на Мицкоски. (Дојче веле)

Back to top button
Close