Рецепт(и) за демократија

Рецепт(и) за демократија

Не дека не го разбирам, или (не дај боже) не сакам да го разберам и проф. Малески и неговата учтива професорска настојчивост да не’ убеди дека само демократијата е нашиот вистински излез. Ама тоа, простете, го знаеме. Одамна. Ама не знаеме како да стигнеме дотаму. Односно, нам ни треба совет како да ја мрднеме партократијава од власт. После, со демократијата – песма лета!

Вели професорот: „демократскиот систем не’ спасува од злоупотребите на партиите“. Ама, токму партиите го воспоставуваат системот, така што т.н. демократски систем (кај нас) зависи баш од нивното расположение. Да, расположение, зашто тие, до денес, не беа некако расположени да ни дадат ни елементарна доза демократија, барем во основното нејзино практикување. Зашто, демократија со партократија не е демократија. Не е вистинска демократија дури ни онаа / оваа „мека партократија“, каква што, циклично, практикуваат македонските партии, ама никој тоа не сака (јавно) да го каже. Дури ни професорот. Ние како да мораме / треба да бидеме бескрајно благодарни што излеговме од оној фашизоиден систем на криминалнана банда. И сме, барем јас сум. Ама не берскрајно и не безпоговорно, како некои. Зашто тоа не ни е доста! И тоа почитуваниот професор многи подобро од мене го знае. Оттука, нам ни треба „упатство“ како да се надминеме себеси односно да не се однесуваме како паднати од Марс и самите, колку-толку, да извојуваме поголема – или, дај боже – целосна, полнокрвна и имплементирана демократија. Има ли во државава таков политички или пак стручен фактор што може да ги води тие битки, што може да дава такви упатства? Секој треба да води битки и дава упатства за кои што е компетентен. Иако јас, за право, не успеав да ги водам ни оние битки каде што можев да дадам некаков придонес. Во културата, на пример, и во уметноста. Силите на мракот, тоест токму силите на партократијата беа / се посилни. Ама, по дефиниција, велат, демократијата мора да е посилна од партократијата! Можеби, ама во книшките дефиниции. Во нашата пракса – не. Затоа тука ни треба формула, ни треба практичен совет, ни треба решение … зашто ова дефинитивно не го бидува. Иако нон-стоп слуша(в)ме дека „ќе не’ биде“! Ама како, кога, со кого? Самото „бидување“ на збор не е никаква гаранција. Ќе не’ бидеше уште со онаа будалана фашизоиднион „поет“ и жената му, па со оној со тенковине, па со криминалецон од Будимпешта … До вчера кловнон од Шутка исто така ни беше репер за „бидување“, ама судејќи барем според приложеното пак не ни оди. Затоа, ако ние не ја примениме првата, основната и секогаш успешна формула дека само стручни, компетентни, докажани и морални поединци се барем минималната (ако не и суштинска) гаранција за демократски успех, тогаш немаме шанса. Никаква! Со кловнон или без него, со Катица или без неа … ни нема спас. Се’ додека се однесуваме како навистина да сме паднати од Марс и дека разноразни шалабајзери, полуписмени или неписмени, особено оние неспособнине и собранине од улица се посилни од нас и од институциите, нашите шанси за опстанок (читај: демократија) се еднакви на можностите на оној ист Марс да најдеме интелигентни форми на живот! (Можеби може да се најде нешто слично на ова нашево, ама што ќе ние дупликат кога си имаме – оригинал?).

И дефинитивно греши оваа власта, токму оваа и ниедна друга, ако навистина мисли дека со нејзините „кадри“ ќе не’ извади од овие – да простите – фекалии, кои што повторно, дури и наспроти Акцискиот план, (повторно) пловат од Калишта кон Охридското езеро. Дебело греши. И тоа е сега повеќе од евидентно! Ако пак, исто така, мисли дека во државава нема способни луѓе за одделни или за сите витални области туку сите ние зависиме од нивните партиски приучени или неучени „кадри“, чесно е тоа да го каже и да увезе соодветни умни луѓе. Ако ги знае, во што се сомневам, зашто ако не си ги знаете умните луѓе во државава, уште помалку ги знае оние надвор! Но, ајде да речеме дека некој, на пример ЕУ, ќе им дошепне неколку имиња. Ама ако и кон тие се однесуваат како кон стручните, компетентните и (пред се’) моралните луѓе во државава, ни од тој „проект“ ништо нема да биде. А всушност, токму тоа и го велат многумина: па кој нормален, згора и паметен, би се нафатил да исправа „криви дрини“ во македонски услови? Ако такви нема, ако навистина мораме да ги увезуваме дури од Марс, што тогаш бараме овде? И зошто беа оние силни поворки низ улиците на Скопје, па оној „Камп на слободата“ на кој што со право не’ потсети Претседателот, па целата онаа шарена ука-бука …? Кому му требаа оние студентски и професорски пленуми кога истиот ректор седи уште на својата фотелја, згора (велат) и двојно платен? Зошто нивните битки сега мора да ги бие Антикорупциска, наместо овие уште тогаш да го фатеа за уши и да го исфрлеа надвор од Универзитетот? Не било демократски? Ма дајте, ве молам, а ова околу нас е чиста нагледна демократија, нели? Како што е „чиста демократија“ и одбивањето на надлежните конечно, после цела година, да ги дадат на увид спецификациите на оние „спорнине“ вакцини, нели? И како што ќе биде, повторно, „чиста демократија“ ако не го видиме и тој фамозен договор за детската кардиохирургија? И се’ кај нас е „чиста демократија“, само што дебееело – смрди!? Или токму ваквите случаи се нашите рецепти за практикувањето на демократијата?

Златко Теодосиевски