Првореформирана

Првореформирана
7.11.18   14:25

Прочитано : 746

Print This Article
loading...
loading...

Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Кокаланов за Призма:

Новиот филм на Пол Шредер „First reformed“ или „Првореформирана“ можеби ви звучи како уште едно во низата суперкреативни имиња за следната владина агенда за реформи, како „План 369“ и „План 18“, но сепак е „само“ филм. Зборува за нешто што ние веројатно никогаш нема да го реформираме, или во најдобар случај ќе го оставиме за последната рунда од овој макотрпен реформаторски процес – свеста.

Зборување за колективната свест преку дилемите на личната совест. Нам ова ни звучи како лоша излитена фраза од некој утописки нереформиран учебник по етика за трето одделение, зашто ние живееме во земја во која девојка може да скокне во река и да се удави бегајќи од глутница улични кучиња и за тоа никој да не понесе одговорност.

Но, големите мајстори како Шредер (Пол, не Герхард, м.з.) не бегаат од ваквите „излитени теми“, напротив, создаваат маестрално оригинално дело, кое визионерски ги предвидува следните полиња на кои ќе мора да се реформира светот, се разбира откако во секоја земја одделно (некаде побргу, накаде побавно) ќе завршат сите политичко-социјални реформи, промени на устави и факинг преамбули, сите планови, петолетки, 3-6-9-18-месечни агенди, ќе завршат сите идеолошки, религиозни, даночни, популистички, депопулистички, квазидепопулистички или какви уште не шијем-ти-га-ѓуро реформи.

Култниот сценарист на „Таксист“, во ова свое последно остварување, предвидува дека новите терористи-самоубијци нема да бидат ниту верски фанатици, ниту политички екстремисти, ниту борци за независност на Палестина, Курдистан, Баскија, Вевчани, Јужна Осетија, Северна Каледонија, Долна Чемерија или Горно Врановци, туку очајни борци за спас на планетата од еколошка катастрофа.

Нам се разбира дека ова ни изгледа смешно и банално. Впрочем, нашите мерни станици на загадувањето на воздухот во Ѓорче Петров и во Лисиче не работат, така што ние не ни можеме да бидеме сигурни дека планетава се соочува со некаква еколошка катастрофа.

Да, интуицијата и сетилото за мирис ни зборуваат дека тука нешто смрди, но тоа го решаваме на следниот начин – родителите преку вибер-група се договараат на учениците да им се купи нов вид наставно помагало – прочистувач на воздухот. На тој начин вие, за само 500 до 1.000 денари по ученик, на вашето дете му овозможувате непречено да ја следи наставата, односно смогот да не му пречи да ја види таблата од последната клупа, а истовремено добро е и за неговото здравје да внесува повеќе пи бројки во тетратката по математика, отколку пи-ем бројки во белите дробови.

Целата колумна на Призма на следниот линк.

  Категории: