Првомајските демонстрации во Франција, посебно во Париз, започнаа со насилство

Првомајските демонстрации во Франција, посебно во Париз, започнаа со насилство
1.05.19   15:59

Прочитано : 111

Print This Article

Традиционалните Првомајските демонстрации во Франција, посебно во Париз, започнаа со насилство, јави дописникот на МИА.

Околу Монтпарнас во Париз појдовната точка на годинешните Првомајски протести, посебно околу ресторанот Ротонд, каде Емануел Макрон го прослави влегувањето во вториот круг на претседателските избори во 2017 година, дојде до првиот судир на силите на редот со демонстрантите, поточно припадниците на „жолтите елеци“ и „црните блокови“.

Ситуацијата најавува дека попладнево може да има тешки инциденти и нереди во француската престолнина. Полицијата засега реагира воздржано. Во Париз се ангажирани околу 74.000 припадници на полицијата.

Филип Мартинез, генералниот секретар на синдикатот СЖТ, беше принуден да ја напушти главната поворка во Париз, откако беше нападнат од радикалите.

Според еден синдикалец на СЖТ, кој исто така бил сведок на инцидентот, непосредно пред заминувањето, водачот на синдикатот бил заглавен во судирите меѓу „црните блокови” и полицијата. Кога се повлекол на соседната улица, врз него биле фрлани шишиња од поголема група.

До 14 часот околу 200 лица се уапсени и биле извршени над 9.500 превентивни контроли со запленување на поголемо количество различни предмети.

Традиционалните синдикати кои сакаа мирни протести очигледно не беа послушани и кога ќе се погледне на поворката во Париз пред Монтпарнас, на нејзино чело се многу побројни лицата облечени во црно и со жолти елеци, наспроти оние кои се во црвената или сината боја на синдикатите. Првите луѓе на синдикатите СЖТ, ЦФДТ и Форс Увриер денеска соопштија дека се плашат од евентуалното насилство кое го најавуваат радикалните милитанти.

  Категории: