Протест

Протест
9.10.19   14:19

Прочитано : 95

Print This Article

За уметноста и за културата протестот (треба да) е перманентна состојба. Инаку, без протест – уметнички, творечки, културен, локален и/или глобален, па и социјален – уметноста и културата како да не постојат. Се претвораат токму во „даватели на услуги“, онака како што ги класифицираше бившиот режим. А во тоа време културата и уметноста беа токму тоа: даватели на услуги на режимот, на нивните експоненти во овие области, на партиската врхушка и нивните клиенти.

Токму заради тоа, културата, па и македонската, мора одвреме навреме да покаже дека е некаква сила, дека сепак може да биде моќна, особено кога застапува заеднички интереси, кога (барем навидум) е сплотена, заедно, тогаш кога мисли дека е потребно. Или – кога има мака. Иако во тој контекст не знам што мака има сега, ама нејсе, некогаш е добро да се протестира и без вистинска причина. Си дозволувам да го кажам ова зашто, колку што знам, а знам, на Колективниот се работи, се завршува и Законот за остварување на јавниот интерес во културата, бргу ќе започне и работата на подзаконските акти … Но, мислам дека овој протест се подготвуваше подолго, кога можеби завршните фази на претходно спомнатите работи не беа така ефектуирани! Сеедно, повторно, добро е кога културата протестира, барем во оваа држава!!! Можеби треба тоа да го прави почесто? Да покаже дека е тука, зашто многумина не ја гледаат, или не сакаат да ја видат. Многумина и не умеат, ама тоа е друга тема.

Како и да е’, културните работници предводени од Синдикатот на културните работници, на Владата и’ порачаа: Колективен сега! Иако имаше и други скандирања, на пример: Доста лажевте!. Имаше и пеење, убаво, културно. Не знам кое од скандирањата е поактуелно. Мислам – ниту едно. Зашто, прво, како што веќе реков, Колективниот договор е во фаза на изработка и треба (велат) бргу да биде готов. Ни вториот слоган не е соодветен зашто Владата последниве месеци, ако не и години, на културата не и’ ветува(ше) ама баш ништо. И мислам дека токму тоа требаше да се каже, тоест да се потсети оваа Влада на ветувањата од пред три години! Ако цитираниот слоган се однесува на тоа, тогаш – в ред. Или, поточно, ако се има сето ова предвид тоест ако така ретроспективно се навраќаме на залудните ветувања, тогаш протести треба да има, и тоа секојдневни, како неопходност за остварување на одделни права, но и исполнување на многу ветувања. Особено протестите за културните и уметничките права кои се наоѓаат на последното дупче на свирчето на власта, дури и на оваа власт која што тешко ќе го „победеше“ режимот без поддршката на културата, на уметноста, на видните луѓе од овие области кои сепак нешто значат – многу повеќе од политичарите – во оваа држава. И во еден таков контекст, протестот е дури задоцнет зашто многу нешта во државава поминаа покрај културата или дури и наспроти (сепак) млаките реакции токму од страна на синдикатите, а особено од страна на т.н. интелектуална елита во државава која што, очигледно, не е заинтересирана за тие процеси.

А во оваа насока, наспроти (според мене) несоодветната „тема“ за протест – чие што решавање, како што веќе реков е при самиот крај – македонската култура и уметност имаа(т) горливи прашања за кои што можеа / можат да кренат глас, а останаа тивки. На пример: статусот на културата како јавен сектор, што е дефинитивно минирање на сите ветувања и очекувања на македонската култура и уметност уште од 2017 година, (а што ќе биде тема со која што набргу ќе се бавам  како уште една голема контроверза на македонската култура!); или статусот на уметноста (не уметникот!) во државава, на пример, или кадровската и техничката опременост на културата, или … уште едно чудо приоритетни прашања на кои што никој, и буквално никој не (сака да) мисли! Или, ако веќе сакате, на состојбите во заштитата на културното наследство како суштина на македонската култура, а во светлината на случувања со статусот на Охрид и сите игри и игрички што се плетат околу таа тема! (За понеупатените: видете го фамозниот План за управување со Охрид! Симфонија од глупости!!!). Сакам да кажам: културата може / треба да биде во постојан протест, толку проблеми се натрупале!

Но, и овој протест ги покажа сите слабости на македонската култура и уметност, барем оние видени од моја перспектива. Која што сепак и не е само моја туку најчесто е споделувана со бројни колеги чиј што квалитативен придонес во нашава културна / уметничка реалност се мери со децении. А меѓу другото и за проблемот за кој што сега сакам да проговорам. Поточно, кога ќе видите кој се’ вчера протестираше, меѓу другото дури и во првите редови, па и со свирчиња, ќе си честитате себеси што не сте биле меѓу нив. Знам, поддршката на Синдикатот на културните работници е важна, особено од редот на поискусните – да не речам повозрасните – партиципиенти во македонската култура и уметност, оние кои сепак доживеале и преживеале многу нешта, па и удари од таа „култура“ и „уметност“. Меѓутоа, кога во првите редови на протестот ќе ги видите ударните тупаници на бившиот режим на малоумноно фирерче, кога ќе ги видите сите негови војничиња кои тогаш заведуваа ред во културните институции, кои правеа списоци за бркање на членови / симпатизери на опозицијата или слободоумни поединци од работа, кога ќе ги видите токму оние кои ви ги кинеа проектите и ги фрлаа в ѓубре и кои што буквално функционираа како петта колона во културата … е кога ќе ги видите сите тие како денес, односно вчера, маршираат за некакви права … е тогаш ви се смачува животот, ви се превртува утробата, се вртите и си одите, се пцуете себеси или некој друг што воопшто сте се излажале да помислите дека во оваа и ваква држава и култура нешто сериозно може да се смени. А меѓу сите тие и организаторите на уривањето на Општина Центар, на пример, па разноразни други бараби кои беа задолжени да ставаат камења во тркалата на опозицијата во нејзиниот поход контра режимот итн. И сега, некој ќе праша: е па кои се тие? Па ако Синдикатот навистина не знае кои бараби се во неговите редови, што и како истите правеле во времето на режимот, а денес набрзина се пресоблекле – и не само се пресоблекле туку застанале и „на челу колоне“, па уште туриле и свирчиња во устите! – ако навистина им требаат и такви гниди во нивните редови, нека си ги чуваат. Мислам дека секој во македонската култура го знае довчерашното однесувањето на колегите во институцијата. И ако гледа дека најблиските соработници на режимот сега се предводници во Синдикатот на културните работници и на вчерашниот (и сите други) протести, нормално е што учеството нема да биде помасовно односно ќе ги нема токму ветераните кои се’ уште можат да и’ бидат од помош на македонската култура! Сегашното раководство на СКРМ, за кое што, патем, јас имам големи симпатии и верба во нивната решеност за „каузата“, сепак мора да поведе поголема сметка за тоа кој и како се инфилтрира во нивните редови, со какви интереси, со какво (не)културно минато. Не, никако не мислам дека треба да се претвори во некаква современа УДБА или агенција за проверка на личните биографии на членовите. Никако. Ама, некаква диференцијација мора да има, наспроти желбата за поголемо членство. Некогаш / секогаш – како впрочем и во културата и во уметноста – квалитетот на членството е поважен од квантитетот. Особено ако станува збор за ваков „квантитет“ кој што де факто никогаш и не бил дел од македонската култура! Но, дефинитивно, тој процес на диференцијација ни претстои, го сакал тоа некој или не.

Златко Теодосиевски

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести