Промовирана книгата на Бранко Тричковски „Во подрумот на балканскиот Фрицл”

Промовирана книгата на Бранко Тричковски „Во подрумот на балканскиот Фрицл”
8.11.16   22:26

Прочитано : 642

Print This Article

Промоција на книгата „Во подрумот на балканскиот Фрицл” од познатиот новинар, автор и врвен интелектуалец, Бранко Тричковски, се одржа денеска во 12 часот во Кино Култура.

trichko-20promocija-20kniga-202016-11-08-2012-05-52-1

Промотори на книгата што претставува збирка на колумни, статуси и коментари објавувани во 2015 година, најчесто на Фејсбук, беа професорот Мирослав Грчев, Сашо Ордановски и Ристо Лазаров, пренесе Плусинфо.

Првиот промотор и издавач на книгата, новинарот Ристо Лазаров рече:

„Таков каков што е, Тричко е непогрешлив дијагностичар на сите наши болести; осведочен соперник на банализацијата на пишаниот збор. Не е оптимист заради оптимист, не е калемар, ами градинар што сака да посади нови корени во нашата запустена општествена нива; на едно место, во неговиоте ракописи, се сплотени ерудицијата и дарбата“.

Вториот промотор, професор Грчев, во своето обраќање пред многубројната публика истакна дека „суштинската мисија на авторскиот крик од највисоката гранка на Фејсбук е лустрацијата, осветлувањето на културниот и општествено-политичкиот мрак во кој живееме веќе цела деценија, при што Тричковски се нафати за најтешкиот дел од борбата со Злото што ја девастира македонската култура и демократија, а тоа е анализа на состојбата на свест на нација што ја овозможи Диктатурата на глупоста“.

– Се што треба да знаете за историјата, за сегашноста и за неизвесноста на иднината на Македонија – е напишано во книгите на Тричковски – ова е пораката на промоторот Сашо Ордановски кој го нарече Тричковски – македонскиот Шарли Ебдо.

Едно од најреномираните пера во земјава, Бранко Тричковски, е веќе 40-ина години во новинарските води. Роден е во 1952 година, го завршил факултетот за политички науки во Загреб, а кариерата ја почнал во весникот „Нова Македонија“.

Тој е еден од основачите и прв главен и одговорен уредник на „Утрински весник“ во периодот од 1999 до 2003. Беше главен и одговорен уредник на магазинот „Глобус“, кој згасна пред две години. Денес, тој е колумнист на „Слободен печат“, а неговите постови на Фејсбук, каде ја коментира нашата политичка, општествена и културна стварност, се чекаат со нетрпение и имаат големо влијание кај читателите.

Книгата „Во подрумот на балканскиот Фрицл” е во издание на „Везилка 2011“ и чини 400 денари.

  Категории: