Промени

Промени
24.05.19   20:03

Прочитано : 247

Print This Article

Ако го напишете зборот реформи, сите ќе свртат глава или ќе побараат посоодветна содржина за читање зашто од реформи ни е одамна збоктисано. Кој како дојде – реформира. А од реформите, ни „р“! Ама ако кажете промени, што е некаков прифатлив еуфемизам односно деминутив, можеби ќе се намали бројот на „бегалците“, можеби некој и ќе остане да прочита збор-два, зашто промените се од Господ, реформите ги измислил човекот.

Се’ во Универзумот се менува, ама Човекот решил дека тоа му е малку па посакал да воведува реформи. Е како да не! Иако ние и од промените веќе добиваме сипаници, оние на министерчено, па и вистинските. Зашто, кој всушност кај нас, па и не само кај нас, сака промени или не дај боже реформи? Па, речиси никој. Гледајте ја само македонската култура и доста ви е. Толку гласна во последната година на стравовладата на оној од Будимпешта, со сите реални и нереални барања од новата власт, а сега така тивка, речиси бајче кое ништо не може да го возбуди, уште помалку да го покрене. Се’ им е преку глава? Па не сум баш сигурен кога и како така бргу им здосади од се’, а уште ништо ни не почнало? Си мислам дека проблемот е  во оние главните врескачи кои успеаа да си го добијат тоа што го бараа, повеќе или помалку, а многумина дури и повеќе од повеќето, па сега нема кој да крева џева.

Како и да е’, кога и во вакви (повторно) разбранувани времиња нема кој да крене глас, особено не контра последниве нивелациски „игри без граници“ каде стаорците по којзнае кој пат дивеат на културната сцена, тогаш има дебело место за сомнеж  дека (и) културата е веќе дефинитивно заробена, но сега во сопствените пајакови мрежи распослани од разноразни отровни суштества оставени на сцената. Велам оставени а не заборавени за да ја направам соодветната и важна разлика: заборавноста се толерира иако целосно не се оправдува зашто покрај еден куп суштински проблеми дозволено е некои да се оттргнат во заборавот. Но оставањето на проблемите, особено оставањето на луѓето кои ги прават проблемите – како што впрочем сега се покажува – е грешка што скапо се плаќа. Заборавот (навидум) можеби е бесплатен, ама оставањето е прескапо! И тоа ќе го гледаме секој божји ден: денес, утре, задутре. Сето она што не го направивме а знаевме дека мораме да го направиме, ќе ни тежи како ѓаволско бреме, ќе не’ гони низ сите девет кругови на пеколот во кои што полека тоне културата. И овде особено мислам на најбитната промена – еве, дефинитивно го напуштам поимот реформа – а тоа е онаа персоналната, онаа истата која што сега повторно ни игра ѓаволов танц врз главата, прво преку формата на нивелацијата, потоа ќе дојде систематизацијата, па организацијата, па реорганизацијата … ама тие ќе си седат таму каде што и беа, таму каде што се’, и таму каде што, очигледно, и ќе бидат. Ќе им седат врз главите на носителите на дејноста во културата, врз главите на уметниците, врз главите на најодговорните стручни работници во културата само заради тоа што се нечии мамини и татини дечиња, партиски миленичиња, полуписмени етнички џокерчиња …

Но, впрочем, културата дури може и да си најде утеха: истата игра се игра и на повисоко рамниште, дури до врвот на Владата. И таму се вршат суптилни терминолошки замени: и на метлата на премиерот и’ најдоа деминутив – ќе се викала ветинг!? А зошто да не, впрочем? Ние по правило умееме да ги денфуваме нештата, да ги наречеме со друго име за да им го намалиме ударното значење, за да ја отапиме острицата која што, нели, треба да биде „убиствена“? Па затоа и ветинг наместо метла, промени наместо реформи, сплотување наместо диференцијација, нивелација наместо шут карта … Добро, нека е и така – иако никако не е добро, де – ама и овие деминутиви нека профункционираат!

Еве, и денес, после сите започнати и незапочнати реформи, ајде да ги оставиме настрана и да почнеме со – промени. Тие, промените, во својот еуфемизам, можеби нема да бидат така болни и непопуларни кај повеќето граѓани? Можеби ќе предизвикаат дури и симпатии? Иако се сомневам, тоа нема да се случи барем во културата, каде што оние лизни-мазни групи веднаш ќе ја насетат суштината односно сменетото пакување. И повторно ќе минираат, до сто и едно, и назад. И повторно ќе бараат дупче каде да се проврат, запирка за која да се фатат. Но, дури и по таа цена, ќе ги прежалиме реформите ама барем промените да почнат да се гледаат. А и резултатите. Иако првите промени ќе мора да се случат во нечии глави. Таму, впрочем, во главите, секогаш е почетокот. И крајот. И еве, нарочно нема да го спомнам Охрид зашто е „прелесен“ како пример, ама може ли првата промена да биде, ете, штотуку завршената „Песна на Евровизија“ и нашето учество во истата. А во таа насока на крај памет не ми паѓа да ги коментирам резултатите, но ми паѓа на памет дека некој треба да даде некаков отчет, особено финансиски, на тоа наше учество. Зашто станува збор за јавни пари, нели? А и за многу шпекулации. И ќе можеме ли тогаш да развиеме малку посериозна дебата за тоа што како држава, како култура, сме дале, а што сме добиле за возврат? Како што би требало да иницираме и компаративни дебати за, на пример, нашето учество, не само овогодишното, на Меѓународното биенале на визулените уметности во Венеција – најпрестижната светска манифестација на оваа уметност – и државната (мизерна) поддршка на тој план. И начинот на бирање на учесниците, визави бирањето на нашите претставници за Евровизија?! Или да спомнеме едно друго наше учество годинава, на двајца македонски уметници исто така во Венеција, на една друга изложба, како единствени претставници од земјава селектирани од организаторите, ама овие целосно без никаква државна поддршка? И дали некој од највисокиот државен врв знае кои се овие наши уметници, од Нада Прља преку Сашо и Пандора Саздовски, испрати ли некакви „поздрави“ и поддршка на овие наши учесници? Дали ваквите промени во размислувањето навистина ќе ни се допаднат, или и тие ќе замирисаат на реформи, на трансформации, на длабински зафати од кои што сите бегаат? Но, не предлагам овие нешта веднаш да ги практицираме туку барем да почнеме да размислуваме за нив. И не како задолжителна фискултура на сивите ќелии, туку барем во слободно време. Зашто промените, повторно, почнуваат во главата. Таму и завршуваат, ама како целовити идеи што потоа се преточуваат во праксата.  Реформите ќе ги подзаборавиме, барем за кратко. А и во промените впрочем, исто така, можен е и оној толку посакуван од многумина лов во матно. Барем во прво време, додека не дојде метлата. Ако дојде.

Златко Теодосиевски

  Категории: