Прогресивните Албанци, меѓу чеканот и наковалната

Прогресивните Албанци, меѓу чеканот и наковалната
26.06.19   17:55

Прочитано : 948

Print This Article

За дел од албанската јавност и политика во Македонија што јава на бранот на национал-романтизмот, со орли, знамиња и сите други нишани, прогресивните Албанци се, се разбира, „предавници“ и „поштени Албанци“ (синтагма смислена во Белград во 80тите за Албанците кои соработуваа со државната репресија општо над Албанците со изговор- борба против албанскиот национализам и сепаратизам)

За дел од македонската јавност, панданот во областа на национал-романтизмот, со лавовите, сонцето од Кутлеш и сите соодветни симболи, овие се уште поголеми непријатели од класичниот „мртов Шиптар – добар шиптар“, затоа што придонесуваат во поразот на нивната стратегија за „чиста Македонија“, до која секако ќе се дојде по „второто полувреме“, од 2001ва.

Но, прогресивните Албанци имаат уште еден непријател. Во дел од македонската јавност, која себе се претставува за „прогресивна“. Овој дел на прогресивната јавност (не цел, да нема забуни), низ чести изблици на Фројдовска проекција ги дисквалификува прогресивните Албанци, често обвинувајќи ги за „притаен национализам“ и разни други -изми во зависност од потребата, прифаќајки го дури и речникот и именувањата на ачик-националистите и ксенофобите.

Ете, на пример, за навивачкиот хулиганизам, не се пропушта прилика да се удри по прогресивните Албанци и да се упати прозивка да осудат испади што ги прават албанските националисти и други будали (што прозваниве речиси редовно го прават и без да бидат прозвани). Истото се случува за речиси секоја поважна тема во која има (или некој ќе се потруди да и даде) етничка димензија.

А кога треба да се вадат жешки костени, кога други „не сакаат да се бават со политика“, кога национализмот на едната или другата страна ќе произведе посериозна криза и насилство, тогаш прогресивните Албанци се тука, заедно со вистинските прогресивни Македонци, Турци, Роми, Бошњаци, Власи, Срби..со сите прогресивни граѓани на земјава, да го спречат најлошото и да ги врзат раздвоените делови на општеството, на чие финално раздвојување и делење постојано работат националистите од двете (и други) страни, преку сеење омраза и провоцирање насилство.

Во такви прилики (а ги имаме често за жал) тие (прогресивните) се најистурените во јавната дебата, а честопати и мета на секаков вид хајки, притисоци и закани. Тука се да примат удари од повеќе страни, и сепак, да бидат дел од оние што ги предводат битките за едно, заедничко и праведно општество за сите.

При тоа, не знам дали сте забележале исто така, ударите кон прогресивните Албанци (и кон Македонците и сите други секако) се далеку посилни отколку кон националистите кои ги создаваат проблемите и настаните, а кои одлично соработуваат меѓу себе, особено кога се на власт.

Таа разлика во пукањето кон вистинските виновници и кон оние што треба да бидат „спружени“ во секоја прилика, е особено видлива за оној наводно прогресивен дел од јавноста, а всушност длабоко корумпиран, клиентелизиран, премачкан со сите бои, врзан со разно разни интереси за сите поважни центри на политичка или економска моќ во земјава, луѓето за сите власти и сите времиња.

Коренот на нивниот страв и неприајтелство е прилично прост – било кој поумен го третираат како конкуренција, некој што може да ја загрози нивната позиција на „вечни продавачи на памет“ (во сите етнички табори), и нивниот космолитизам и мултикултурализам сведен на парадигми од типот јадење баклави и кршење со јајца и добро осмислени граници на поделба за другото, оти за се друго, се знае кој за што е предодреден. И кој колку од колачот треба да земе.

За мене овој дискурс на „суптилна супремација“ е далеку поопасен од „гасните комори“ драги мои. А за жал, оваа состојба доминира во нашето општество, иако почна полека да се менува последниве години.

Зошто ви го пишувам сето ова, драги пријател(к)и? Затоа што добар дел од овие прогресивни луѓе се изморени. Изморени се од тоа да бидат туѓинци за сите, да бидат постојано на удар за бељите што ги прават разни криминалци и бандити од обете страни што сакаат да предизвикаат поделби и конфликти, изморени се од тоа да бидат постојано истурени кога е „жешко“, а да бидат заобиколувани, прескокнувани, потценувани во секоја друга прилика.

Нивните непријатели знаат дека овие Албанци немаат никаква моќна структура (од оние набројани погоре) зад нив, особено во оној дел од политиката и јавноста кој „одлучува за Албанците“, а кој токму овие Албанци ги смета за руштиели на темелот на нивното постоење, оти без орли и знамиња, престанува суштинската потреба за нивно постоење.

На кому му одговара тоа, Албанците во ова општество да не бидат претставени во нивното најдобро светло и капацитети, прашајте се себе. Пред да ги совлада уморот добрите и да решат да си заминат. Јер, ако не чини нивниот муабет, можеби ова општество подобро ќе се разбере кога дијалогот ќе се води директно помеѓу „командантите“, „балистите“, „шверцерите“ и „комитите“, „војводите“ и останатите „патриоти“. Секако, фацилитиран од „вечните космополити“.

Тој „дијалог“ впрочем и се води и владееше со земјава веќе 30 години. Неговите резултати ги знаеме, а ги знаеме и резултатите на онаа енергија што врзува знамиња и руши режими. Изборот е наш, а должност е на Младиќот да ја растера маглата и да ве соочи со него.

Петрит Сарачини – Фејсбук статус

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести