Продановиќ-Бојовиќ: Африканските ритуално-религиски предмети се уметнички најсодржајни

Продановиќ-Бојовиќ: Африканските ритуално-религиски предмети се уметнички најсодржајни
23.10.18   10:15

Прочитано : 68

Print This Article
loading...

До 17 декември македонската јавност има ретка можност во Музејот на Македонија да види автентични обредни предмети од дрво од народите на западна Африка. За презентација ги отстапи нивниот матичен – Музеј на африканската уметност во Белград, кој првпат има гостинска изложба во земјава. Таа е насловена „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“ и, покрај фотографии, претставува повеќе од 70 ритуални маски, ткаенини и антропоморфни скулптури. Се употребувале за различни ритуали – погребување, иницијации, магии за опастанок поврзани со култовите на плодноста и предците… Потекнуваат од народите на Гана, Мали, Буркина Фасо, Нигерија, Гвинеја, Бегот на Слоновата Коска, Либерија.

Изложбата во Скопје е само мал дел од ризницата што ја поседува белградскиот музеј, во кој постојаната поставка е во сина и зелена боја, симболизирајќи ги небото и саваните на Африка.  Најголем експонат во неа е чамец подарен од народот Фанте од Гана, кој се наоѓа на влезот на музејот.

Александра Продановиќ-Бојовиќ, виш кустос во Музејот на африканската уметност во Белград, која беше на отворањето на изложбата во Скопје,  во интервју за МИА зборува како е конципирана нивната постојана поставка, за настанувањето на збирката и музејот  и за другите активности со кои ги анимираат посетителите.

Може ли да ни го претставите накратко Музејот на африканската уметност во Белград – од кога постои и колкава збирка поседува? Овде, во Скопје, гледаме експонати од западна Африка, дали во вашата постојана поставка се опфатени и други делови од тој континент?

Музејот постои веќе 41 година, основан е во 1977 година благодарејќи на африканската збирка што ја донеле и донирале сопружниците Здравко Печар и Веда Загорац-Печар кои биле дипломати и престојувале во Африка повеќе од 20 години, од 1950-тите до крајот на 1970-тите. Успеале да соберат една многу  вредна збирка, пред сè од т.н. традиционална уметност. Збирката што тие му ја подариле на град Белград имала 1200 предмети, од кои првин биле 400, а потоа и дополнителни 800.  Врз основа на тоа е донесена одлука да се формира Музеј на африканската уметност. Печар биле иницијатори на предлогот. Всушност, тие и почнале да собираат предмети со визија и со желба тоа да го споделат со што поголем број луѓе. Таа намера постоела на самиот старт на нивното колекционерство.

Здравко Печар бил амбасадор во два мандата – во Мали (1967-1971) и во Гана (1973-1977) и затоа, веројатно, најмногу бил фокусиран на западна Африка, па и најголем број од предметите што ги донел со сопругата се од тој дел, но носеле и од други делови каде што патувале.  Треба да се нагласи дека западна Африка е и најбогата со скулптурни изрази и природно било од таму да бидат донесени најмногу предмети.

Најголем дел од сегашната постојана поставка ја опфаќа првобитната поставка на Печар од 1977 г., според концепцијата што тогаш ја направила првата директорка на музејот – Јелена Аранѓеловиќ-Лазиќ. Таа е уредена врз основа на предметите што тие ги донеле од западноафриканските народи. Концепцијата е направена според етнографската и географската поделба, односно според потеклото на предметите. Експонатите се групирани според народите, но и според намената. Така што, изделени се керамички садови, ткаенини, маски, скулптури, музички инструменти итн. Еден од главните критериуми за претставување е уметничката вредност на експонатите. Подоцна настанале модификации и во неа има експонати и од други делови на Африка, пред сè од централниот дел, има една група маски кои дојдоа од Конго.

Тие 1200 предмети на Печар се јадрото на збирката на нашиот музеј, но во текот на 40-те години збирката се зголемувала преку подароци и откупи и сега во неа се околу 2 500 предмети од Африка.

На изложбата во Музејот на Македонија се претставени експонати поврзани со ритуали и преданија. Дали е тоа примарно и во постојаната поставка во вашиот музејот или има и други артефакти кои не се првенствено поврзани со духовниот (религискиот) живот на тие народи, на пример практични, секојдневни предмети?

Секако, има употребни предмети, но доминираат ритуално-религиските, затоа што тие се уметнички најинтересни и најсодржајни. Тоа и ги привлекло сопружниците Печар и другите колекционери кои ни подарувале предмети, но исто така тоа и нас нè привлекува при откупите. Сепак, ние сме музеј на уметноста.

Но и таа традиција кај тие народи се менува. Сè послабо е изразен ритуално-религискиот комплекс од обреди кај нив, кој се распаѓа под влијание на процесот на модернизацијата и секуларизацијата и поради тоа што луѓето преминуваат кон големите еднобожечки религии.

Меѓутоа, самиот уметнички израз кој е содржан во тие предмети, продолжува да живее на тој начин што се модифицира во други предмети, се префрлува од еден медиум во друг. На пример, токму овде, во Музејот на Македонија, може да се видат ткаенини наречени филaфани. Тие се појавија во 1960-тите години како нова уметничка форма, но, всушност, таа произлезе од традиционалната практика на насликување на облеката на ловците.

Постојано има модификации и измени во ликовниот израз на предметите, сè повеќе има и сувенирска продукција што оди заедно со зголемувањето на интересот од туристите.

Јадрото на збирката е легатот на колекционерите-дипломати Печар. Како понатаму таа се надополнувала – дали можеби африканските земји  самите ѝ подарувале на Југославија, како на братска земја во движењето на неврзаните?

Здравко Печар бил новинар кој првин почнал да известува од африканските и арапските земји по Втората светска војна, во постколонијалниот период кога се развивале движењата за добивање независност. Така што тој бил насочен кон азиските, арапските земји, потоа стигнал во Египет, која е првата земја во Африка што ја посетил. Потоа бил многу ангажиран во поддршката и известувањето за Ослободителното движење во Алжир и таму престојувал долго. Подоцна бил поставен за амбасадор во Мали, а потоа и во Гана.

Лично познавал неколку претседатели, на пример Муса Траоре, кој дошол на власт додека Печар бил амбасадор во Мали, како и Јовери Мусевени, Кенет Каунда и Даниел арап Мои. Многу од тие државници и дипломати носеле предмети на подарок.

Речиси половина од збирката што е независна од онаа на Печар, всушност е од подароци – од странски и африкански амбасадори и дипломати или од југословенски патници, лекари, инженери… Музејот, исто така, се занимава и со откупи. Се трудиме тие да бидат од приватни колекции зашто сакаме на тој начин да ја одбележиме и колекционерската активност на луѓето од овие простори во Африка.

Како се финансира вашата установа, колкав е интересот на посетителите и дали музејот, покрај постојаната, организира и тематски изложби за да го привлече нивното внимание? 

Музејот се финансира од Собранието на Град Белград зашто градот е негов основач. Најголем дел од буџетот го добиваме од градот, одредена сума за проекти добиваме и од нашето Министерство за култура, соработуваме и со странски културни центри и на тој начин функционираме.

Секако, годишно организираме една до две тематски изложби во нашиот музеј, но имаме и многу гостински изложби во музеите на други градови во Србија. Пред неколку години имавме многу забележана изложба во Словенечкиот етнографски музеј во Љубљана на тема за фризерските и берберските табли – рачно насликани реклами од Африка, која ја реализраше кустосот Марија Милош.

На 18 октомври, ден по отворањето на изложбата во Музејот на Македонија, во нашиот матичен музеј беше отворена изложба на современиот алжирски уметник Масиниса Селмани, чии дела беа претставени на Венециското биенале пред три години. Така што, се трудиме да ги опфатиме и современите уметници од Африка.

Една од нашите најпосетени манифестации е Афрофестивалот кој трае три дена во јуни и презентира културно и уметничко наследство. Соработуваме со амбасади од африканските земји, имаме концерти, предавања. Оваа година, на пример, имавме една мароканска танцова трупа која ја организиравме со помош на Амбасадата на Мароко. Само во тие три дена нашиот музеј го посетуваат две илјади луѓе.

Имаме и развиена програма за анимација, така што имаме постојани посетители – групни посети од предучилишна возраст сè до средношколци и студенти. За студентите е осмислен и „Практикум“ – програма за обука за водење низ постојаната и тематската поставка на нашиот музеј. Со години веќе постои и постојана програма на ликовни работилници за деца и за водење за возрасни. Тоа е програма што ги следи тематските изложби и се одржува во неделите, приспособена за вработени и за родители со деца. Имаме програми и за бесплатни ликовни работилници за сениори. Се обидуваме да се приближиме до различни целни групи.

 

loading...
  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести