Прочистување

Прочистување
15.06.19   17:15

Прочитано : 310

Print This Article

Тезата на Искра (Гешовска) за поединечната и општата слобода е теза што општества како нашево треба да ја пресликуваат секаде. Зашто нештата се условени, не само кај слободата. Поточно, како што никој не е слободен ако сите не сме слободни, така и никој не е (доволно) образован ако сите не сме (доволно) образовани, или никој не е (доволно) културен ако сите не сме (доволно) културни … Ја ставам „оградата“ доволно кај образованието, кај културата и слично зашто слободата, сепак, не може да се условува или ограничува. Не може, додуша, ни образованието, ниту пак културата … ама ајде тука да бидеме малку попустливи. Сепак сме – Балкан!

Како и да е’, во контекстот на мојата тема за промените, мислам дека дојдов до клучниот миг – до одговорноста – и за тоа ми се виде „пригодна“ тезата на Искра за слободата. Поточно, сакам да ја подвлечам и оваа паралела: никој не е одговорен ако сите не сме одговорни! Да, звучи тврдо, претенциозно, во извесна смисла и обвинувачки. Ама, ако не се (и) самообвиниме, сите пропаѓаме во бездната на злото. Зошто? Затоа што секој од нас носи барем делче од одговорноста за неуспехот на реформите – ете, морам повторно да ги спомнам – како што сите, сакале или не, носиме дел од одговорноста за оние дванаесет заробени години во нашите животи. Да, некои „исчистија“ дел од таа одговорност преку нивната активност во разобличувањето на времето на Злото, потоа во акциите на „Шарената револуција“ итн., но дали тоа беше доволно? Дали тоа беше се’ што можевме да направиме? Беше многу, несомнено, можеби беше максимум што можеше поединец да направи. Не потценувам ничиј придонес, напротив, дури ни на оние кои мислат дека којзнае што направија фаќајки се за гитарата пред ГТЦ наместо за конкретни дела. Ама знаеа убаво и тоа да го уновчат! А откако си го наплатија „трудот“, пак се вратија на старите добри релации. И мислат дека не’ излажале, како што лажат цел живот: себеси, блиските, цел свет. Нејсе. Да говоревме навреме за одговорноста на секој поединец, Злото не ќе траеше подолго од три години зашто веќе во 2009 година се виде дека политичката партија е всушност криминална „гг“ фирма, дека од политика нема ни „п“ а од култура ни „к“! И тука ќе завршеше приказната. Сеедно, тие изгубени години значат многу во македонската историја – како пример што никогаш не смее да се следи. Особено не денес, иако времето и условите се дијаметрално ралични. Но, вреди да се потсетуваме токму заради опасностите нештата да ги повториме. Оние кои тогаш се лигавеа со злосторниците, кои соработуваа и цинкареа, и сега го прават истото, само на друг начин. И сега ракоплескаат, се клањаат, коленичат … се’ со цел повторно да профитираат. Затоа и ова потсетување на одговорноста, на секој поединечно и сите заедно, за да нема забуни. Дури, има примери каде овие сега ја бранат оваа власт од нас! Шапшали, не се ни свесни колку се проѕирни!

Од друга страна, „формулата“ дека сите, секој на свој начин, сме одговорни за неуспехот на реформите во културата сепак не ја става на страна одговорноста на оние кои биле / се’ на истурените извршни позиции во изминативе две години и чиј што личен фијаско е лесно мерлив. Како што впрочем и премиерот умее да ја измери личната одговорност за евентуалното недобивање датум за преговори со ЕУ преку враќање на мандатот, така белки и нашава македонска културна „елита“ (ќе) знае да биде доблесна во резимирањето на личните резултати во овие две години, нели? (А кај многумина и за подолго!). Или и тоа треба да го направи премиерот? Можеби, зашто кај нас во културата доблеста одамна е заборавена работа. Ние попрво би муабетеле за се’ друго – за времето, за модата, за паркови, измислени соработки … ако треба … наместо да разговараме за сериозни стручни резултати. Но и за морални / етички норми, професионални стандарди и др. За што многумуна денес не сакаат да чујат. Особено оние мамини и татини дечиња ушанчени на директорски позиции, етнички и партиски миленичиња без други видливи квалитети … Но, повторно, и тоа е наш општ пропуст, наша вина зашто не застанавме одлучно против нивното останување / доаѓање на челни позиции од кои што сега топ не ги мрда иако нивната неспособност одамна е констатирана. Иако многумина упорно ги потсетуваат, меѓу нив и јас и едно чудо други кои инсистираат на моралната / етичката страна на нештата како наша легитимација во минатото, сегашноста и иднината. Ние, ако не повеќе, барем го имаме правото да ги поставуваме прашањата, да потсетуваме, да реагираме. Ако тоа некому не му се допаѓа – негов проблем. А не им се допаѓа само и единствено на оние кои сакаат нешто да сокријат. И таквите ги има многу, го признавале ние тоа или не. И тие нешта ќе се појававуваат циклично, де ваму де таму, на еден или на друг начин, се’ додека има луѓе кои паметат. А ги има, верувајте! И треба да ги има. Зашто без меморијата ние сме ништо, ние сме сите едно – крадци и измамници, профитери и корумпирани. Тие кои сакаат да заборават прифаќаат да бидат идентификувани со оваа група. Јас тоа така го гледам и никако поинаку!

Е сега, тој наш незаборав е тешко бреме. Не лично, тоа најмалку односно речиси воопшто (мислејќи на тезата од почетокот!) туку општо, национално, државно, ако сакате. Ама тоа ништо не менува во самата суштина. А таа суштина ние пропуштивме да ја разрешивме во стартот на новата држава: историјата сведочи дека не можете да одите напред ако не сте расчистиле со минатото. Барем во вакви случаи. Какво и да е’ тоа минато, колку и да е’ болно, трауматично, „дискриминациско“. Се разбира, поимот дискриминациско го ставам под наводници зашто нашево расчистување никако не може да биде дискриминациско, иако некој сака така да го претстави. Напротив. Тоа само може да биде коректив на дискриминацијата што ја трпеше толку долго повеќе од две третини од овој народ, особено во културата, може дури да биде регулативна постапка – или прочистување, како што вели поранешната наша судијка во Стразбур – во однос на злосторничките профитери во државава. Ние тоа прочистување не го спроведовме, или не го спроведовме така како што требаше, и тоа ќе го плаќаме уште долго. Со камати, на еден или на друг начин! И тоа, ако сакате, меѓу другите нешта, е голем дел од онаа вина за која што говорам, а што се пишува на нашето конто. Со сета почит кон соживотот, неодмаздата, нереваншизмот … нешта кои што сите во крајна линија безрезервно ги поддржуваме … но тоа значително ги усложнува секојдневните нешта. Затоа, впрочем, и во културата ни се случува тоа што ни се случува, каде истите профитери и колаборационисти повторно се некакви (лажни) национални величини, персони кои не ги ни видовме ни слушнавме дванаесет години – или ги гледавме во скутот на мафијата – заседнаа во директорските фотелји и делат лекции, повторно се афирмираат подземните злосторнички дружби на општа штета ама сега се прикажуваат како дел од посакуваното помирување. Сето тоа придонесува за продолжувањето на впечатокот за „измелезена“ (Геровски) култура, за „тефтерска култура“ од која што ви се поткрева дијафрагмата. И тој впечаток е оправдан, легитимен, хроничен, се’ дури таквите и понатаму роварат низ македонскиот систем. Тоа не може да се оспори или избрише со никаков државен или партиски декрет. Но, повторно, чија вина е тоа, чија одговорност: на сторителите или на молчаливците, на дозмејето или на надземјето, на „мелезите“ или на „чистите“? Ако дозволувате нештата да одат по истиот пат, ако повторно молчите и аминувате такви состојби, чија е тогаш вината, и одговорноста?

Се разбира, прашањето на вината, на одговорноста, особено кога е колективна како што јас мислам но со поделен степен и вид на одговорност, е комплцирано прашање и за многу попаметни од мене. Но можеби тие попаметните не го „живеле“ проблемот, а тој е овде, меѓу нас веќе петнаесетина (ако не и повеќе) години. Затоа, тоа е (и) наш проблем и мораме да (си) го решиме! Ако не сега – кога?

Златко Теодосиевски

Извор

  Категории: