Превисоки кирии – германска социјална бомба

Превисоки кирии – германска социјална бомба
14.06.19   17:56

Прочитано : 3,105

Print This Article

Ретко која тема ги возбудува Германците толку како кириите кои постојано растат. Зашто, речиси секој втор Германец живее како потстанар, пишува Дојче Веле.

Додека Германскиот сојуз на потстанари на своето годишно собрание денеска на канцеларката Ангела Меркел ѝ го изнесува своето незадоволство поради вртоглавите кирии и немањето простор за домување во државата, политичарите се обидуваат да бидат креативни и да предложат решние од кое ќе профитираат сите.

Гневот поради сѐ повисоките кирии пролетва на протести извади десетици илјади луѓе. Во целата земја се слушаат барања за лимитирање на висината на станарините, како и за „национализација“, односно барања градовите присилно да им ги откупуваат становите на фирмите кои имаат над одреден број станови. Една нова студија, направена по барање на пратеничката група на Левицата, покажа дека кириите од веќе постоечките договори за издавање (без тука да се сметаат новосклучени договори) во изминатите пет години на сојузно ниво се зголемиле за 11,4%.

Каде е најскапо?

Апсолутно највисоки се кириите во Минхен. Таму еден квадратен метар површина чини речиси 18 евра. На второ место е Франкфурт со 14,20 евра за квадратен метар, а на трето место е Штутгарт со речиси 14 евра. Во Берлин просечните нето-кирии (само станарина, без вклучени трошоци за парно, смет, одржување на објектот и сл.) во 2019 година изнесуваат 6,72 евра за квадратен метар. Најевтино како потстанар се живее во Варштајн, во покраината Северна Рајна Вестфалија – 4,64 евра за квадратен метар.

Зошто нема поволен простор за домување?

Многу од некогашните јавни станови во меѓувреме се во рацете на концерните. Градот Дрезден во 2006 година беше првата германска комуна која ги продаде сите станови и така наеднаш си ги отплати долговите од околу 714 милиони евра.

Воновиа, најголемата фирма во Германија која управува со недвижности, во моментов има повеќе од 300.000 станови. Една од нејзините цели е „преку постојано зголемување на кириите да оствари добивка на капитал која потоа ќе им биде дадена на акционерите“, вели Сизане Хег, професорка по географско истражување на градовите на Универзитетот Гете во Франкфурт. Според Хег, за Воновиа воопшто не е важен просторот за домување, туку добивката.

Друга причина за вртоглавите станарини е растечката побарувачка и соодветно на тоа – сѐ помалата понуда во атрактивните метрополи. „Во меѓувреме, речиси половина од една генерација деца оди на студии, а се студира во градовите, не на село. Значи, јасно е дека градовите ги привлекуваат младите луѓе“, нагласува Хег. Оној кој тоа може да си го дозволи, по завршување на студиите останува да живее во град.

Со какви инструменти реагира владејачката коалиција?

1,5 милиони – Толку станови сака да изгради владата до крајот на овој легислативен период. Тоа ЦДУ/ЦСУ и СПД го ставија во својот коалициски договор. Сојузот годишно учествува со 1,5 милијарди евра во изградбата на социјални станови, за што всушност се задолжени покраините.

Критика: За да се изградат социјални станови, државата со свои средства учествува во приватни градежни проекти. Луѓето кои имаат ниски примања можат со т.н. потврда за домување да живеат во такви станови поволно во одреден временски период. Проблем: горната граница на кириите за социјалните станови не важи секогаш. По извесно време тие излегуваат од кругот на станови со цврсто дефинирани кирии, а во 2018 година така беше со речиси 49.000 станови. Истовремено, пак, беа изградени само 27.000 нови социјални станови. Бројот на социјални станови се намалува постојано со години – од 2,9 милиони во 1990 година падна на само 1,2 милиони.

Германскиот сојуз на потстанари (ДМБ) бара изградба на 80.000 социјални станови и 120.000 станови со поволни кирии годишно. Даночните повластици за изведувачите на проектите би морало да бидат врзани за горната граница на кириите, бара ДМБ. Новите објекти што сега се градат, според ДМБ, имаат само станови кои се скапи – за купувачите и за потстанарите. Освен тоа, во моментов се градат 25% станови помалку од вистинските потреби.

Кочница за кириите – Од летото 2015 година во Германија на сила е кочница за кириите. На почетокот на годината големата коалиција уште еднаш ги заостри условите. Сега, кога се склучува нов договор за изнајмување, киријата не смее да биде повисока од 10% од „кириите вообичаени за регионот“.

Критика: Кочницата за кириите важи само за „подрачја каде ситуацијата со станови е напрегната“. Кои би биле тие подрачја одлучува покраината. И, постојат многу исклучоци од правилото: кочницата не важи за новоизградените објекти, по санација на станот или кога киријата за претходниот потстанар веќе била повисока од „кириите вообичаени за регионот“.

Со оглед на тоа што кочницата важи само за ново изнајмување на просторот за домување, од тоа профитираат само богатите, вели Фолкер Ајхенер, професор по политички науки на Високата школа Диселдорф. „Газдата може да си ги одбира кандидатите заинтересирани за просторот.“ Затоа, на пример, брачна двојка државни службеници профитира повеќе од обичен работник или студент, додава Ајхенер.

Додаток за домување – Од 2020 година лицата кои имаат ниски примања би требало да добијат олеснување со нов додаток за домување. Од оваа субвенција од страна на државата би требало да профитираат околу 660.000 домаќинства. Додатокот за домување би требало да се прилагодува на висината на кириите и платата секои две години. За новиот додаток согласност треба да даде уште Бундесратот, затоа што тие пари по половина треба да ги дадат сојузот и покраините.

Критика: Социјалните здруженија и синдикатите сметаат дека оваа реформа претставува чекор во вистинска насока, но критикуваат дека проблемите со недостигот на станови и растечките кирии со тоа нема да се решат. Сојузот на потстанари, Зелените и Левицата, освен тоа, бараат регулатива со која ќе се овозможи добивање додаток во случај на повисоки кирии во енергетски санирани станови.

Какви идеи уште постојат?

„Национализација“ – денеска во Сенатот во Берлин би требало да бидат предадени потписите од граѓаните собрани од страна на една берлинска граѓанска иницијатива за одржување референдум за „национализација“ на становите во сопственост на големите концерни кои управуваат со станови. Меѓутоа, тоа правно е исклучително спорно. Доколку такво нешто се случи, од јавни средства би требало да се одвојат милијарди евра за обесштетување на концерните. Скепса има и кај Сојузот на потстанари. Процес на откуп на станови од страна на општините е нешто за што е потребно време, што значи не е од помош за ублажување на актуелните проблеми на пазарот со недвижности, нагласува претседателот на ДМБ, Франц-Георг Рипс.

Стопирање на зголемувањето на кириите – Берлинскиот Сенат наскоро би можел да донесе одлука за стопирање на секакво зголемување на кириите во наредните пет години. Партијата на Левицата бара тоа да се направи и на ниво на цела држава. Меѓутоа, ова во Берлин би можело да се покаже неуспешно, зашто Сојузот на сопственици на станови побара од сите оние кои изнајмуваат простор за домување да ги зголемат кириите најбрзо што е можно пред да биде донесена одлука за стопирање на зголемувањето на кириите.

Забрана за рекламирање – Сојузната министерка за правда Катарина Барли (СПД) има намера во иднина да им забрани на изнајмувачите на станови да рекламираат станови со прескапи станарини. Критичарите велат дека ваква забрана не создава нов простор за домување.

Нови правила за градежното земјиште – Генерално, комуните не би требало веќе да смеат да го продаваат своето земјиште за градба, туку само да им го изнајмуваат на друштвата за градба, бара Сојузот на потстанари. Така, инвеститорите веќе не би морале да купуваат земјиште, па трошоците за градење ќе се намалат. Последица на тоа би било изнајмување на таквите станови подоцна за пониски цени. Здружението на градови апелира до сојузот, покраините и општините да го забрзаат процесот на градба со тоа што ќе ги поедностават прописите.

  Категории: