Претставен првиот македонски електричен автомобил

Претставен првиот македонски електричен автомобил
6.02.19   16:53

Прочитано : 393

Print This Article

Првиот македонски електричен автомобил развиен од тимот на „ББ Класик Карс“ со кодно име „ЗАС Г20“ денеска беше претставен пред домашната јавност.

„ЗАС Г20“  претставува проект реализиран од страна на тимот на „ББ Класик Карс“, со финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој и со поддршка на повеќе специјализирани фирми и занаетчии, а е насловен „Замена на мотор со внатрешно согорување на класичен автомобил „фиќо“, со електричен мотор“  .

Претставникот од „ББ Класик Карс“, Ален Јегени, нагласи дека возилото има нулта емисија на јаглероден диоксид, досег со едно полнење до 150 километри во реални услови на возење, како и максимална брзина до 130 километри на час.

-Шасијата и дел од опремата на ЗАС се преземени од некогаш популарното „фиќо“. Времето на полнење изнесува три-пет часа на домашен мрежен приклучок, исто толку и на јавен наизменичен приклучок, а на јавен брз еднонасочен полнач доволни се 15 минути, нагласи Јегени.

Тој рече дека електричното возило ЗАС може да се модифицира врз неколку модели: G20 – класично градско возило, TC20 – градско возило со спортски изглед, TCR20 – спортско возило за град, TCR50 – спортско возило за натпревари и дека времето за испорака е околу два месеци од дефинирањето на нарачката.

Меѓу предностите на електричните возила се екологијата и зачувувањето на животната средина, а и видни се и можностите за поголемо искористување на обновливите извори на енергија, независноста од фосилните горива, стабилноста на електро-енергетската мрежа, ниската бучава и малите трошоци за одржување.

Јован Петроски од тимот за развивање на „ЗАС Г20“ ги напомена придобивките на електричните мотори, како што се: економичноста, аерозагадувањето и големата издржливост.

Атанас Ивановски од германската фабрика „Кеслер“ изјави дека е изненадување тоа што во една мала земја, како што е Македонија, да доаѓаат вакви идеи и новативни решенија.

-„Кеслер“ одлучи во Македонија да отвори компанија за производство за компоненти за електрични мотори. Овој проект е плод на заедничката соработка со „ББ Класик Карс“ и еден од производите што „Кеслер“ ги има во своето портфолио на електро-мобилност, рече Ивановски.

  Категории: