President’s press

President’s press
13.08.19   16:10

Прочитано : 911

Print This Article

Како што се и очекуваше меѓу првите по пресот на претседателот С.П реагираа будните членови на Советот на амбасадори (СА) меѓу кои има и надворешнополитички советник на Претседателот, додека го пијeа субвенционираното (од страна на кафеаната) кафе загрижени за државата ни, а мотивирани со фактот дека некои од нивнинте имиња можат да се најдат на листата идни амбасадори кои може да ги предложи и самиот претседател лично. А такви кандидати има.

Тие (СА) изразија целосна поддршка (а што би друго) за ставовите на претседателот на државата. Како лојални членови на (СА) кој всушност е и формиран да го подржува претседателот во овој случај, а секако и идните претседатели не само во доменот на надворешната политика, каде се главно хендекипирани, тие би сакале заедно со истакнатите заложби на Претседателот да придонесат (како?) за „зачувување на довербата на меѓународната заедница, која видете сега, може да биде сочувана и почитувана со целосно на расветлување на случајот “Рекет” од страна на истражните и судските органи“.

Тие (СА) итерпејовски констатираат дека „правилната и вистинската судска   разврска ќе биде гарант дека сме правна држава“. Со оглед дека Соопштението е креирано и усогласувано на  тропските температури, дозволени се некои нелогичности но не и додворувањето како основен мотив за хвалопејките по повод  прес конференцијата на Претседателот, во која плебсот не чу ништо што не му е познато и очекувано.

Ова тврдење секако мора да се дообјасни, но прво за пресот во вилата „Водно“.

Тајмингот на драматичното најавување на обраќањето до нацијата од страна на таткото на нацијата не кореспондира со испратените пораки. Кога вака се најавува таков настап се очекува силен збор (Б. Миљковиќ), силна порака, нешто ново, порака која мотивира и ни го осветлува хоризонтот. Наместо тоа во настапот на Претседателот доминираше  лирскиот поим разочарување кој не е баш политички термин. Своето разочарување Претседателот го импутира и на граѓаните кои секако не се разочарани од она што се случува во државата, бидејки тие друго нешто и не очекуваат. Претседателот своето  разочарување не го лоцира прецизно, но тоа, сакале или не, е упатено на функционирање на  владата, односно  на државните институции во кои секако спаѓа и Кабинетот на Претседателот, а посебно на функционирање на правосудството. Тајмингот на пресот можеше да причека да се врати премиерот од одморот. Со тоа би се избегнале непотребните калкулации.

Поентата во пораката е  криминалната аферата “Рекет” која цел месец нè потресува, како небаре не сме сведоци дека повеќе години нашата држава ја потресуваат не само криминални афери, главно без завршница.

Тоа значи дека не би требало да бидеме изненадени, а посебно не оној кој  ги има сите безбедоносни информации и кои раководи со Советот за безбедоност. Расветлување на аферата „Рекет“ може само да наговести  дека одиме во правец на правна држава, а не дека сме веќе правна држава. Од тука не знам зошто толку разочараност на Претседателот односно изневерување на неговите очекувања најмногу од луѓето за кои очекувавме да се борат за правна држава. За појаснување, секако да има и поединци во власта кои се борат за правна држава, но државните институции не ретко со амин на власта тоа свесно или од незнаење го спречуваат. Ништо ново кај нас. Сегашната опозиција ги користи сите до сега познати мерки да ја компромитираат оваа власт, која ја остави во нокдаун, но дозволи да застане на колена и да продолжи со борбата со удари под појасот. Нашиот актуелен владин клуч најверојатно не ги познаваше добро соперниците. Но за тоа во друга прилика.

Настапот на Претседателот на државата беше академски како и доликува на еден универзитетски професор. Тој (настапот) делува избалансирано и навидум  политички неутрално. Не може да му се забележат посебни маркирања на виновниците за ваквата состоја, што е мудро направено. Внимателно се избегнати етничките конотации во криминалните афери кај нас последните години. Пресот не беше традиционално обраќање до народот од страна на таткото на нацијата, туку беше изитрен настап  во политичкиот цајтнот, па мораше да се повлече некој потег, поради бајпасирање на очекувани судски процеси  по повод на криминалната афера. Во секој случај пораките на Претседателот се универзално прифатливи макар што во некои сегменти се добива лажен печаток дека  се   надминуваат неговите уставни овластувања.

Сепак не се избегнати некои стереотипи од форматот загрозеноста на нашите надворешно-политички приоритети (НАТО, ЕУ) поради  криминалната афера „Рекет“ и типично предизборно потенцирање дека демек  последните две години забрзано се движиме кон нив. Вакви афери има и во најдемократските држави, но виновниците или самите се повлекуваат или имаат соодветна судска завршница. Кај нас ниту едно ниту друго. Тоа е мерка за напредок и правна држава. Аферата ќе се заборави, но не и забелешките упатени од надвор. Домашните отрпнаа. Има и бетер вели наша стара поговорка.

Да се вратам со дообјаснување како изморените членови на (СА) можат да придонесат за зачувување на довербата на меѓународната заедница.На многубројните приеми во дипломатскиот кор кај нас одвај можеш да сретнеш некој член на (АС) а ако налетиш на некој ќе го видиш во муабет со  некој  наш министер или пратеник, а не со некој амбасадор, вклучувајќи го и домаќинот на приемот. Со соопштенија не се помага, а има начини да се искористат некои искуства, но не на апологетски начин и лични мотиви.

Во таа насока секако дека има и позитивни примери. Би сакал да верувам дека ова кафеанско Соопштение на (СА) било разгледувано  и со раководството на МНР. Во тој случај се повлекуваат и други паралели кои заслужуваат посебно набљудување и анализа.

Ѓорѓи Мисајловски

 

 

 

 

 

 

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести