Прекинува со работа телевизијата на Aмериканската асоцијација за оружје

Прекинува со работа телевизијата на Aмериканската асоцијација за оружје
NRA 01

Американската Национална асоцијација за оружје (НРА) го прекинува емитувањето на својата телевизија Ен-Ер-Еј, јави „Њујорк Тајмс“.

НРА, една од најмоќните организации во САД која жестоко го брани Вториот амандман за право на слободно носење оружје и има силно лоби во републиканската Администрација на претседателот Доналд Трамп, ја прекинува соработката и со рекламната фирма „Акерман Меквин“, која е оператор на телевизискиот канал.

Телевизијата, која започна со работа во 2016 година, можеби ќе продолжи да емитува, но само сниман и архивски материјал, а програмата во живо целосно се прекинува, дознава весникот.

Една од главните причини за ваквата одлука се поплаките на членови и на раководството на НРА дека програмската содржина на телевизијата ја пречекорила првичната замисла – промовирање и одбрана на Вториот амандман.

Се цитираат поплаки дека на телевизијата започнале да се појавуваат екстремно десничарски коментатори со антимигрантски ставови и со се повеќе критички осврти за работата на Федералното истражно биро (ФБИ). Тие ја посочуваат и контроверзната емисија водена од познатата прорепубликанска коментаторка Дејна Леш, на која биле прикажани симболите на расистичката група Кју Клукс Клан на локомотиви од детска цртана серија, наведува „Њујорк Тајмс“.

Кју Клукс Клан е американска екстремистичка група која пропагира супремација на белата над црната раса, а во минатото вршела и линчувања на припадници на афроамериканската заедница во САД.

Весникот укажува и на превирањата во раководството на НРА, поради истрагите што ги води Конгресот на САД и еден јавен обвинител од Њујорк, за врските на оваа организација со руски елементи осомничени за вмешаност во изборите.

Телевизијата се емитува онлајн и на главните кабелски оператори во САД и ја чини НРА околу 40 милиони долари годишно.