„Предизвикот на Роу“ - документарен филм и дискусија по повод Меѓународниот ден за пристап до безбеден и легален абортус

„Предизвикот на Роу“ - документарен филм и дискусија по повод Меѓународниот ден за пристап до безбеден и легален абортус

„Абортусот е здравствена заштита“ е мотото под кое светот годинава го одбележува 28 септември – Меѓународен ден за пристап до безбеден и легален абортус. На овој ден, сите жени во светот потсетуваат дека непланираната бременост и абортусот се составен дел од нивниот сексуален и репродуктивен живот и здравје, и се од суштинско значење за остварување на репродуктивната слобода.

По тој повод, во сабота ќе го гледаме документарниот филм „Предизвикот на Роу“, кој нѐ потсетува дека „кога си жена сѐ е политика“, отсликувајќи ја токму оваа реалност – политичката аура околу абортусот и репродуктивната слобода на жените низ призма на 50-годишната социјална и правна историја на овие прашања во Соединетите Американски Држави. И покрај тоа што еден од основните принципи на демократијата е да се има контрола над сопственото тело, иднината на правото на телесна автономија на жените и абортусот како медицинска, социјална потреба и здравствена грижа останува неизвесна, засенета од влијанијата на партиско-политички-религиозните агенди и псевдонауката.

После филмот ќе споделиме впечатоци и дискутираме за локалните предизвици поврзани со абортусната нега кои треба што поскоро да се надминат во државниот здравствен систем со цел унапредување на здравјето на жените и родовата еднаквост во целост.

Проекцијата на филмот и дискусијата ќе се одржат во сабота (28.09) во Салон 19:19, во 19 часот.

Влезот е бесплатен.