Правнo-политичка сиромаштија

Правнo-политичка сиромаштија

Влегува пријател ми во кафуле, во кое два пати неделно кафопијциве се собираме, и сочно пцуе. Сигурно погрешно паркирал, па му ја однеле колата, си велам.

1.Не било тоа туку видел еден од некоја листа за обвинети под КУЌЕН ПРИТВОР, кој во весникарата купувал весник. Продолжува да пцуе – дипломиран правник е, и упорно ги следи актуелниве судски процеси. Другиот наш кафепиец (вечниот опортунист) иронично дофрлува, „па човекот сака да види коментари од вчершната судска расправа за да се подготви за следната…“ Готово, меѓу кафепијциве пламнува жестока полемика…

Да, си велам, не е тој единстевениот куќнопритвореник, кој шета низ нашите улици, канцеларии, културни манифестации, а како доаѓаат изборите можеби ќе го видиме и на партиските митинзи, а како тргнало, чувал Господ, и на бина ќе ни држи говори за правда, правен систем, правна држава…

Не, воопшто не сум за тортура и затвореничко изживување врз осомничени, обвинети кои се бранат и се борат да ја докажат својата невиност, или врз осудени со правосилна пресуда. Особено не во услови на сеуште ненадминати состојби на пристојни услови во нашите затвори и на хуман однос кон времено или со правосилна пресуда упатени „станари“ во затворите!

Ама, кој правен, пеналистички, политички и морален систем може да го соџвака однесувањето на нашава актуелна „толеранција“ на изигрување на институцијата „куќен притвор“ или „викенд одсуство“ од затворот? Беневолентноста на законодавецот за хуман третман на осомничената, обвинетата и осудената личност во правниот систем, во нашиот ментален склоп на изнаоѓање секакви марифетлуци за здробување на инстиуциите, газење на обврските кои ни ги налага самиот граѓански статус, е доведена до апсурдни граници во нејзината примена. Топлиот дом, здравствената нега и редовната исхрана на куќнопритворените и „викендашите“ тие евидентно ги заменуваат со продолжување на начинот на нивен живот и дејствување пред отпочнување на судските постапки, донесувањето на правосилните пресуди.

Затоа, „зачудува“ нивното бегство во други држави, шетање по домашни и странски трговски центри, присуство во нивните компании, кафепиење со деловни (или мафијашки) пајташи, за редовно обавување на претходно отпочнатите зделки, секави (па и политички) влијанија, киднапирања, провали, плачкање на банки и пошти…

Зарем законодавците и избраните функционери во правосудните и безбедносните одгани не се од оваа македонска секојдневница, па постапуваат „по закон и Устав“, препишани од некоја ЕУ-директива, а во пракса не го гледаат нивното беспрекорно кршење. Со таквото однесување, сакале да признаеме или не – се перпетуира несигурноста на граѓаните, недовербата во институциите, се создаваат услови за обновување на делата за кои некои личности се осомничени, обвинети, осудени… Оваа правно-политичка „сиромаштија“ речито говори за неускладеноста на општествената реалност со легислативата и нејзината практична примена. Ова ме потсетува на италијанско-данската расправа на ЕУ-партнерите за бројот на безбедносните (полициските) служби, кои во Италија по број беа значајно поголеми од данските. Италијанците правдајќи сѐ со велеа: „Вие во Данска имате сосема поинаква историја и традиција, соседско опкружување, социјален систем – менталитет за почитување на законите…“. Да бројот на безбедносните служби не се наднационална директива во ЕУ, ама можат да го оптеретат заедничкиот буџет…

Но да се вратам на македонското сиромашно „правно“ секојдневие. Еве, на пример, осомничениот и обвинетиот кој е во куќен притвор за кривични дела против службената должност (30 глава од КЗ) или оние против јавните финансии, правниот промет и стопанството (25 глава од КЗ), тој од куќен притвор има потполна слобода да продолжи со кршењето на законите и нелегалното зголемување на капиталот. Нередовните или еднаш дневно посети на полицаецот на неговиот дом него не го спречуваат „легално“ (по контролата) да продолжи со својот бизнис и оштетување на државниот буџет. Дополнително, деновите и годините поминати во куќен притвор, доколку добие и осудителна пресуда, му се намалуваат за тој период, а доколку обвинетиот биде ослободен од обвинение државниот буџет треба да му исплати оштета за времето поминато во куќен притвор, па дури и да тужи за изгубена добивка, се до повреда на неговиот углед. Се е во парите…Да не ги наведувам можностите за „легално“ делување на обвинетите или судените за тешки кривични дела против телото, државното уредување, изборите…

Ида минеме на најтешката дамка на македонскиот правен систем: обвинител или судија осомничен или обвинет за кривично дело кој се наоѓа во куќен притвор, во постојниве практики од дома има можност да влијае преку своите поранешни колеги обвинители за дејствија за кои е осомничен/обвинет. Се со цел, да го спасат од казна или тој и колегите (како група) за да ги одстранат сите докази кои се во рацете на обвинителите кои го обвинуваат… И повторно за парите, на тој осомничен, а „успешно“ ослободен обвинител/судија да му бидат исплатени сите заостанати плати додека бил во куќен притвор, или утре иако „срамно“ деградиран, да се врати на работа во судот…

Исето погоре наведено бидејќи не е пропишано, кого дома „притворениот“ може да прима дома, или кога и каде може да ја напушти куќата. Зарем неговите најблиски, колеги, пајташи треба да дежураат пред куќата/станот на „притворениот“?

2. Разгеле да ја споменам и нашата правно-политичка сиромаштија, делумно и уставно пропишана: ПРОПОРЦИОНАЛНАТА, а потоа дефинирана и како „соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа“ (Устав на РСМ, чл. 8 ст.1, ал.2). Дали се ова соодветни номотехнички изрази за една чувствителна материја, масовно политички експлоатирана и податлива за манипулации со граѓаните? Секако не се!

Релативно е што е тоа „соодветна“, а особено „правична“. Тоа се филозофски дискутабилни категории соодветни/податливи за различни нивоа на образование, политичка култура и интереси на оние кои нив ги дефиннираат и применуваат во праксата. Кога на тоа ќе се додаде и законски утврден процент за да се дообјасни соодветноста и правичноста, токму тие категории/вредности што треба да се заштитат, а на постигнување еднаквост, солидарност и достоинство, во праксата тие се дискриминаторски. Да, токму тие вредности кон кои треба да се усмерува едно цивилизирано општество нив ги доведуваат во прашање.

Знам дека никаде не постои правна норма која идеално ги решава сите животни состојби, интереси, која обезбедува еднаквост, солидарност и достоинство на граѓаните, која им отвора еднакви перспективи. Но, дали со уставно нормирање на обезбедување на овие вредности со проценти (чл. 7 за специфични културни права) е постигната целта – еднаквост, солидарност и достоинство. Што станува со средини во кои тој процент е за 0.005 понизок од уставно гарантираниот 20 проценти? Дали таму тие граѓани не треба да ги уживаат правата како оние преку тој уставно загарантиран процент?

Ситуацијата драстично се заострува на планот на политиката кога се применува таа процентуална „соодветна и правична застапеност“ при оформувањето на државните органи, органи кои функционираат со „трошење на народните пари“ – буџетот на државата. Тука, во праксата, е видна груба манипулација на оваа уставна норма, создава нерамноправност, нефункционалност на системот и отвора врата за политички пазарења и дестабилизација, наместо стабилизација на општествените состојби! Зарем без таа процентна застапеност, една квалификувана структура, професионално определена и ефикасна во спроведувањето на законите во праксата не е покорисна за општеството/државата од политичките номинации во буџетски алиментираните органи и институции? На пример не 20, туку 80 проценти од било која структура (независно од нејзината етничка, полова, религиозна, политичка определба…), а квалификувана, професионална и ефикасна во правосудството, во полицијата, во дипломатијата, во одбраната, во инспекциите…

Дали има посоодветна, поправична солуција? Секако дека има или поточно треба да создадеме простор, мораме да најдеме сили во себе за подигање на нивото на образованието, на општата и политичката култура посебно, на довербата на едни кон други во утврдувањето и реализацијата на заеднички интереси. Не, не се работи за мајоризација, надгласување – се работи за цивилизациски исчекор на нашето општество, за надминување на нашата стереотипна, зошто не и балканска перцепција за Другиот, дека секогаш мојата благосостојба и развој е доведена во прашање заради перманентни барања на Другиот. Се работи за инсистирање за нормирање на објективизирани критериуми засновани на највисоките хумани, цивилизациски вредности, кои создаваат доверба, сигурност – кои отвораат перспективи за секој член на општеството.

Правото е секако рамка за реализација на општите интереси во едно општество, во една држава, како што ние денес ги разбираме. Па велиме дека правна држава постои или не постои, ако не се придржуваме до законите утврдени во највисоките претставнички органи.

Е, тука за моите кафепијци „експлодира“ дилемата – дали и колку законодавците, пратениците верни на своите политички елити имаат знаење, самодоверба, сопствен дигнитет, па и храброст да ги одделат, визионерски да ги дефинираат вредностите за подоброто за денес и утре. Им пожелуваме да се потрудат, да се издигнат над актуелноста оптеретена и од минати неблагопријатни (па и ретроградни) состојби, законите кои ги донесуваат да ја збришат оваа правно-политичка сиромаштија, а ние ќе пиеме кафе и понатаму ќе пишуваме, говориме, предлагаме – нема да ги оставиме намира.

Виктор Габер