Пратеникот ако во парламентот е само еден меѓу сто дваесетте во неговиот град е поголем и од господ!

Пратеникот ако во парламентот е само еден меѓу сто дваесетте во неговиот град е поголем и од господ!
8.07.19   21:12

Прочитано : 1,650

Print This Article

Поубаво од пратеник нема во оваа наша државичка. Да, бе. Четири години ем „наспан“ ем никој несмее ништо да ти рече настрана. Никој не смее да те натера да зборуваш на седниците. Пратеник па Господ. Заштитен и со Закон и со подзакони.

А во местото од каде што си, не пратеник, абе цар си. Сите и оние што го дале својот глас за тебе и другите не само ти се „клањаат“ туку ако треба и рака ти „бацуваат“. Такви ти се нашите пратеници. Во Парламентот како „млада невеста“ гувеат или дремат. Збор настрана од „партискиот“ не изустуваат. А и зошто?. Зар тие се повикани „памет“ да солат. Паријата што ќе рече тоа е и Закон. Секој први убава платичка. Онолку колку што земаат во Германија, Данска, Франција. Плус за дневници, патарина, плус за седници во комисии. Абре нашите пратеници се „турени“ од работа. За жалење се. Но не е само тоа. Кога ќе се вратат во „родниот“ град сите им се „клањаат“. Без нивни „амин“ нема вработување од чистач до директор. Нема тендер што нема да го „аминува“. А за секое „аминување“ паричка се дава. Колку?. Не кој колку ќе даде туку „нашиот“ пратеник си има ценовник. А за тендерите цената е тајна. Мислиш кога оди во „бандера“ ќе се удри. Да токму така. Пред да стане пратеник беше обично „наставниче“. Освен учениците никои добар ден не му викаше. А и многумина па и од оние кој му дадоа глас, не го познаваа. Кога го избраа и кога му го видоа „суратот“ зажалија што гласале за него. Но, секоја грешка скапо се плаќа. Сега неговото „здраво“ за пари се купува. Не е веќе оној „непознат“ туку сега е прв. А на оној „нашиот“, откако му „удри“ славата во главата. Абре Нушиќ вода може да му носи на нашиот пратеник!. Откако ќе се врати од Парламентот и откако „гавазите“ ќе му дадат дневен отчет, „папсан“ од работа, се упатува кон својот дом. Големите „шимшир“ порти мајка му му ги отвара. Пред куќата еден, два па и три месеци, нашиот ценет пратеник, го чуваше нашата „народна“ полиција. Некој да не го нападнел, а друго пптици куќата да не му ја надлетаат. Така му „личело“ на пратеник. Откако ќе го пречека домашната „пратеничката“ , ќе го провери „списокот“ и ќе ја преброи заработувачката за тој ден. Колку „амини“ дал за нови вработувања, колку му платиле, а колку „борчлии“ му останале. Така ти е тоа. Ако во Скопје не се на цена во внатрешноста пратеникот не пари туку „злато“ вреди. Пратеничкиот збор е над се. И „железни“ врати отвара. Такви се нашите пратеници и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Едниот „тегне’ за едните, другиот за другите. А за ветувањето што им го дал на гласачите никому ништо. Ништо не направија. Тоа било и поминало. Него не му е „гајле“ дали градот има улици, дали се чисти, дали има зеленило, дали граѓаните имаат вода за пиење. Дали на некого му треба помош.Дали учениците имаат проблеми, дали директорите се од „нашата“ или од „другата“ партија и зошто не се заменети!. Дали некои нема леб, нема пари за лекови. Сето тоа било само предизборно ветување. Тоа повеќе не важи. Не важи ниту „колнењето“ дека ако стане пратеник, ќе направи се младите да не заминуваат во странство.

Ете тоа ти е нашиот пратеник. Ако во Парламентот е само еден од сто дваесетте во неговиот град не само што е прв туку е поголем и од Господ. Неговиот збор е Закон е и е поскап и од злато. Кој ни е крив. Сами си ги гласавме. Сега подобро е да молчиме.

Стоилко Андреевски

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести