Потребна зголемена контролата, особено царинска за она што како отпад влегува, лани Инспекторатот за животна со шест кривични

Потребна зголемена контролата, особено царинска за она што како отпад влегува, лани Инспекторатот за животна со шест кривични

– Каков отпад се увезува во земјава, колку е ефикасна контролата на тоа што влегува, кој ја има најголемата одговорност, дали повеќе извезуваме или увезуваме и дали воопшто треба да се увезува отпад однадвор како енергенс се прашањата кои се отворија деновиве, откако во соседна Бугарија беше покрената истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери со италијански отпад на пристаништето во Бургас, од страна на компанијата „Блацион“ ООД.

И прашањето немаше толку да се разгори доколку со истрагата на обвинителството во Бургас, не се поврзеше името на довчерашниот прв човек на депонијата „Дрисла“, Горан Ангелов, кој фигурира во сопственичката структура на фирмата „Блацион“ ООД, а кој тврди дека без разлика на неговиот удел во таа компанија, се што се работело во депонијата било согласно законите.

Според информациите од Обвинителството во Бургас отпадот откриен во контејнерите не е радиоактивен или токсичен, но сепак утврдена е неусогласеност меѓу наведеното во документацијата на контејнерите и нивната содржина.

Отпадот е транспортиран со брод на 5 септември минатата година и му е определен режим на времено складирање во рок од 90 денови. Истрагата продолжува, се земаат примероци од сите контејнери, а ќе биде побарана и меѓународна потерница за истрагата, бидејќи контејнерите доаѓаат од Италија.

Веќе следниот ден откако случајот беше отворен и пренесен во медиумите на двете земји, депонијата Дрисла со решение на Централен регистер стана јавно претпријатие, а на прес-конференцијата на која градоначалникот Петре Шилегов го објави ставањето на депонијата под капа на Градот Скопје, тој рече дека според сознанијата со кои располага легално нема увезено опасен отпад ниту во Дрисла, ниту во земјата воопшто.

Се актуализира прашањето за увозот и извозот на отпад, што преовладува првото или второт, медиумите излегоа со статистички податоци, а според потадоците од Министерството за животна средина и просторно планирање повеќе извезуваме, отколку што извезуваме.

 

Раководителката на Секторот за управување со отпад, при МЖСПП, Ана Каранфилова Мазневска за МИА вели дека се увезува и опасен и неопасен отпад и се извезува опасен и неопасен отпад. Има правилник во кој што постои една т.н. зелена листа.

– Тој правилник е хармонизиран со европското законодавство, има регулатива 1013 на ЕУ се со цел да се олесни и подобро да се контролира од една страна администрацијата да се олесни, но од друга страна подобро да се контролираат овие пратки на отпад – увозот извозот или транзитот и сето тоа е строго регулирано со документите што се унифицирани, истакна таа.

Вели во земјава од опасен отпад се увезуваат отпадни акумулатори, наведувајќи дека имаме преработувачки капацитет во земјава, кои имаат добра технологија и соодветна дозвола од МЖСПП.

– Како увозник на отпад може да се јават компании кои имаат дозволи за преработка и третман на отпад. Тоа значи дека тие го увезуваат отпадот, го преработуваат и добиваат одреден производ или полупроизвод. Законот е дециден, само тие компании кои преработуваат отпад може да го увезуваат. Отпад заради депонирање или складирање е забранет за увоз, потенцираше раководителката.

Во однос на тоа колку отпад се увезува, а колку извезува од земјава, Каранфилова Мазневска наведе дека соодносот во последните неколку години е ист, односно дека повеќе се извезува, отколку што се увезува отпад.

– За 2014 имаме издадено вкупно 52 вкупно дозволи за увоз, извоз и транзит, од кои од овие 10 се за увоз на отпад, остатокот се транзит и извоз, најголем дел се извезува. Имаме години како на пример во 2017, кога имаме издадено 269 дозволи, од кои само 64 се за увоз, а остатокот се извозот од земјата. Најчесто се увезува од Косово, Албанија заради преработка. Најмногу увезуваме железо и челик, се увезуваат отпадни акумулатори, најголем број од процентот на увезен отпад отпаѓа на отпадното железо и отпадните акумулатори, но се увезува и отпадна хартија, за која имаме инсталација за преработка, се увезува пластичен отпад, отпадни сецкани гуми. Сецканата гума се користи за производство на гориво. Имаме една инсталација која произведува гориво и една инсталација што сецканата гума ја користи како дополнително гориво од основното гориво во индустријата, појасни таа.

 

На терен, како и во Депонијата „Дрисла“, каде се третира и одлага отпад, така и во поголемите компании, кои како гориво користат отпад, не се утврдени поголеми нерегуларности во нивното работење, според МЖСПП.

Каранфилова Мазневска наведе дека ние како земја, треба да ги следиме меѓународните правила што ги регулира Базелската конвенција бидејќи, сме потписник на истата, а со неа се уредуваат пратките на отпад: увоз, извоз и транзит на отпад.

– Сите што увезуваат или извезуваат пополнуваат специјални формулари во кои се содржат одредени податоци кои се бараат согласно Закон, во смисла кој е испраќач на отпадот, од каде потекнува, кој му е кодот согласно листата на отпад, кој е транспортерот, на кој граничен премин ќе влезе, колкава е количината итн. и на крај царинските служби треба да удрат печат дека навистина влегол или транзитирал тој отпад или излегол, појасни раководителката.

Таа нагласи дека некогаш и неопасниот отпад може да биде опасен ако со него не се справуваме и постапуваме како што треба.

– Дури и комуналниот отпад кој е неопасен ако го оставите да изгние и да развие микроорганизми може да предизвика зарази, може да донесе глодари итн. И тој во одредени услови е опасен по човековото здравје иако сам по себе тој е неопасен отпад, рече Каранфилова Мазневска.

 

Министерот за животна средина Насер Нуредини во изјава за МИА во однос на отпадот кој е дозволено да се депонира на Дрисла, вели дека единствениот опасен отпад во земјата е комуналниот отпад. Кај нас се увезува, потенцира тој, отпад за рециклирање и за повторна употреба.

– Единствениот опасен отпад што го имаме во нашата земја е комуналниот опасен отпад. Не дозволуваме во нашата земја да се увезува каков било отпад за депонии или некакво складирање. Единствениот отпад што се увезува е за преработка, рециклирање и повторна употреба, и ништо друго. Ако постои сомнение за какви било активности од тој тип, ќе покренеме истрага со надлежните и ќе се осигураме тоа никогаш да не се случи, изјави Нуредини.

За тоа кој ја врши контролата на она што влегува во земјата како отпад и кој ја има најголемата одговорност, министерот за животната средина вели дека тие како институција креираат политики и дека царината мора да знае што се увезува во земјата.

-Ние, како институција креираме политики, ги пишуваме законите, но и се стремиме да ги применуваме. Не дозволуваме во нашата земја да се увезува отпад за депонии или складирање. Дозвола за увоз може да се добие единствено за преработка, рециклирање и повторна употреба на отпад. Сепак, овие прашања бараат понатамошна истрага, ќе соработуваме и со бугарските власти да дознаеме, и да се осигураме дека ова нема да се случи во нашата земја. Кој е одговорен? Цариниците мора да знаат што се увезува во земјата. Постојат правила и прописи дека контролата на граничните премини мора да биде темелна. Ќе ги поддржиме на секаков можен начин, ние сме институција, ќе направиме се што може да се направи, рече Нуредини.

А истрагата во Бугарија го вклучи алармот и кај Царината, која најави дека дополнително го подигнала степенот на проверка и контрола на секаков вид отпад и материи кои би можеле да го загрозат здравјето на граѓаните.

– Согласно стратешките определби на Царинска управа во насока на безбедноста и здравјето на граѓаните, увозот и контролата на опасен отпад, како стока со ризик, секогаш е предмет на царинска контрола и во рамките на надлежностите на ЦУ истата се спроведува согласно законот. Тоа подразбира задолжително поседување на соодветна дозвола за увоз од надлежното Министерство, во случајов тоа е Министерство за животна средина и просторно планирање, велат од Царинската управа.

Согласно нивните податоци, посочуваат од ЦУ, компанијата „Блацион ДОО“ што се спомнува како увозник на опасен отпад во Бугарија не се појавува како испраќач во увозна царинска постапка во земјава.

– Вкупната количина на увезен отпад за изминатата година е 2.215 тони за кои што секој увозник уредно доставил дозвола издадена од соодветното министерство и при тоа не станува збор за увоз на опасен отпад, порачувааат од Царинската управа и додаваат дека во 2019 година само една компанија користела гориво од отпад.

Хусни Тачи од Државниот инспекторат за животна средина за МИА појаснува дека за количините на отпад што ги поседува која било компанија треба да поседува дозвола.

-Во дозволата се поставени условите дали тој ќе увезе, 100, 1000 или 2000 тони тој добил дозвола за тоа, и во текот на една година тој може да го увезе тоа. Дали ќе има потреба од тие количини што тој ги побарал да ги увезува со дозвола не значи дека тој ќе ги увезува сите количини што им се потребни за погонот на којшто согоруваат.  Ќе увезува онолку колку што има потреба, додава тој.

Каранфилова Мазневска вели дека царината постапува согласно документација, имаат право да вршат одредени анализи, лабораториски, да утврдат доколку се јави сомнеж.

-Ако тие утврдат на око дали се работи за опасен отпад кој што може да биде опасно масло или се работи за мазут, во таа смисла е потребно да се прават дополнителни анализи меѓутоа, сето она што влегува како отпад е пропратено и со таков документ од акредитирана лабораторија во кој што кажува што точно се наоѓа кои се параметрите и царинскиот службеник постапува врз основ на тоа ако види дека ние како Министерство сме издале дозвола и врз основ на тоа, сите тие документ задолжително го пратат камионот со отпадот што влегува во државата, појанува таа.

Нагласува дека ако има сомнеж може да се земе примерок, меѓутоа тие анализи траат долго.

-Вие не можете да земате постојано и да ги затворите границите, да ги сопрете сите возила и да чекате да направите анализа. Тоа е невозможно не функционира така, затоа постои оној систем на доверба. Иако Македонија не е земја на ЕУ, сепак ги прифатила тие регулативи и ги хармонизирала во своето законодавство. Потписнички сме на Базелската конвенција. Ова е начинот да си верувам меѓу себе на граница, појаснува Каранфилова Мазневска.

 

Во документите што ги добивме од Инспекторатот за животна средина, забежавме дека во 2019 година се издадени една наредба за прекин на работењето, 46 прекршочни, шест кривични пријави и казна од 100.000 евра.

Хусни Тачи од Инспектортот, во врска со тие податоци ни посочи дека забраната за работа е издадена на компанијата „Пејпермил“ од Кочани која се занимава со преработка на картон.

– Кај нив се утврди дека има надминување на граничните вредности на емисиите особено на ЦО и ЦО2. Mеѓутоа тие во меѓувреме поставија филтер и ги сведоа параметрите на загадувањето на ниво на дозволата, наведе Тачи.

Што се однесува на прекршочните пријави тие се однесуваат дали за води, дали за животна средина, дали за отпад, дали за воздух… Тие се прекршочни пријави кадешто е изречена глоба за неправилноста што е утврдена, дали не се исполнети минималните технички услови за складирање на отпад, дали имале дозвола-немале дозвола и тие се однесуваат на неплаќање на глобата што е изречена, затоа е таа прекршочна постапка што после тоа Комисијата за прекршоци донесува одлука да се казни или да се ослободи од казна, додава тој.

Компанијата што ќе ја плати глобата понатаму мора да ги исполни и условите што и ги поставува Инспекторот во решението за преземање на мерки за надминување на состојбата, односно за исполнување на услови за барањето за решенијата.

-Без разлика дали ќе ја плати казната или не, компанијата мора да го спроведува решението што и се издава и да го почитува рокот на решението што и го издава инспекторот за отстранување на неправилноста што е утврдена со записник, вели Тачи, кој не ни посочи за што биле шестте кривични пријави, ниту каков е нивниот евентуален епилог.

Во однос спроведените контроли на терен, во компаниите кои користат отпад како гориво, го прашавме Тачи дали имаат забележано поголема количини на отпад, од она што и е потребно на компанијата според дозволата, тој наведе дека компанијата, доколку има дозвола може да увезе или да набави колкава количина сака.

– Загадувањето на компаниите што ние ги контролираме е онолку колку што дозволува дозволата. Тие согласно дозволата ги имаат параметрите што не смеат да ги надминуваат, заклучи Тачи.

 

Отпадот има непосредно влијание врз квалитетот на воздухот, одреден вид на отпад може да биде испарлив и ако несоодветно сме се справиле со него, се утврдува на кој начин отпадот треба времено да биде складиран до негово испраќање или за согорување или за депонирање. Различни видови отпад, различно влијаат, а најстрашно, како што нагласи Каранфилова Мазневска е ако отпадот се запали.

Како проблем во оваа смисла ги посочи нестандардните депонии, кои, како што рече за жал ги има во нашата земја и општините ги користат за отпадот од домаќинствата.

– Инсистираме барем на минимални услови, во смисла да има ограда, вода, чуварска служба, за да не дојде до палење на отпадот. Тоа е најстрашното што може да се случи, палење на отпадот, иако е комунален отпад. Нашиот фокус е во справување со нестандардните депонии, воспоставување регионален систем на управување со отпад, повеќе здружени општини да користат една локација, тоа е побезбедно, поекономично. Депонијата е локација која бара доста средства, треба да се вложи многу за да имате една прописна депонија која нема да загадува, вели таа и додава дека тука не станува збор само за загадување на воздухот, туку во прашање се и почвата и водата, истакна таа.

Средствата преку ИПА програмата нема да бидат доволни за да се покрие целата територија на земјава во оваа смисла и Министерството бара дополнителни средства, можеби преку кредити за да може тој систем паралелно да се постави во сите региони.

 

Во собраниска процедура се предлог на измените на законот за управување со отпад, поднесен од ДОМ со кој се бара забрана за увоз на отпад како извор на енергија, а МЖСПП од своја страна најави крупни измени на регулативата за управување со отпадот, со нов пакет закони кои се во моментов во јавна консултација.

Во врска со забраната што е содржана во предлогот на ДОМ, а која цели во насока на намалување на загадувањето, Каранфилова Мазневска  вели дека дозвола за користење како извор на енергија се издава само на две инсталации во државата. Најголемиот дел од отпадот се увезува заради преработка и поради тоа ваквите измени не би смениле многу во однос на амбиенталниот воздух.

Додава дека е потребно да се води сметка каков енергенс користат компаниите како гориво, да се инсистира на спроведување на мерките пропишани во издадените дозволи за емисиите во воздухот.

Тука се клучни инспекциите на сите нивоа, а во врска со немањето на Државна лабораторија, таа истакнува дека работата си ја вршат и приватните и со тоа што се приватни не ги прави помалку релевантни.

– Како Министерство работиме на зајакнување на капацитетите на нашата лабораторија за да може да биде акредитирана во смисла да ги врши и карактеризација на отпадот и за други методи ќе биде акредитирана. Тоа што го прават приватните компании не значи дека не е кредибилно. Постои акредитационо тело на ниво на Европа, кое издава серитификати за една лабораторија да биде акредитирана за тие методи, доаѓаат од надвор оценувачи да видат дали навистина ги исполнуваат условите, додава таа.

Измените на кои беа предложени од пратеничките од ДОМ Лилјана Поповска и Маја Морачанин, а се поддржани од О2 Иницијатива, всушност претставуваат забрана за увоз на отпад којшто служи како енергенс.

– Иако Законот за управување со отпад е правен според Базелската конвенција и со истиот не се оспорува увоз на отпад, се покажа дека ние како држава немаме можност и капацитет во целост да ги исполниме одредбите од Базелската конвенција. Тоа значи дека за да нема загадување на воздухот, индустриската инсталација која што користи отпад како енергенс треба да има затворен систем, односно ништо од согорувањето да не излегува надвор во воздухот, појаснува Поповска.

Таа додава дека оваа забрана за увоз на отпад кој се користи како енергенс, доколку се изгласа, не мора да трае вечно, односно забраната може да се тргне кога ќе се покаже дека имаме соодветна институционална контрола.

И додека со предложениот закон се инстистира на укинување на увозот на отпад како извор на енергија, од МЖПП сметаат дека за ограничување на увозот мора да се направат претходни пошироки консултации и анализи бидејќи земјата е потписник на Базелската конвенција и со тоа може да се излезе надвор од европските стандарди, но стравувањата се и дека европските земји во тој случај нема да сакаат да го увезуваат нашиот отпад.

[embedded content]