Политичка култура

Политичка култура
15.04.19   16:00

Прочитано : 281

Print This Article

Чекав формално да заврши престедателската кампања на г-динот Пендаровски за да не испадне дека нешто, ете, му штетам. Воoпшто немам таква намера ама дел од едно неодамнешно обраќање ми се вклопува во темите, по разни основи (култура, политика итн.).

 

Па затоа и многу би сакал да го прашам, него или оној кој му ги пишува говорите, ако има таков, нели, што всушност подразбира(ат) под она дека „освен географски (sic! м.з.) се обидуваме и културолошки и политички да бидеме составен дел“ на Европската унија. Знам дека нема да имам шанса да го прашам лично, а друг нема да праша, па ваљда држи и вака јавно да се прашува? На пример: прво, знам дека не’ учеа дека и Балканот, па и ние со него, сме дел од континентот викан Европа, па не знам дали навистина сосе барањето за влез во ЕУ ние бараме и признание / потврда дека и географски сме дел од Европа? Белки не, или можеби грешам, односно можеби попат, по распадот на Југославија, некој со она ФИРОМ ни го одзел и тоа право па сега си го враќаме? Затоа мислам дека овој дел од обраќањето на Пендаровски е само еден од оние добронамерни гафови (Геровски) односно сакам така да го гледам. А, понатаму, или второ, се обидувам и остатокот од реченицата – оној што се однесува за културата – повторно да не го проблематизирам, иако ми зазвучува како некаков важен адут во кампањата. А можеби и е’ односно треба да биде. Ама не е.

Како и да е’, мене (најдобронамерно) одлично ми се вклопува во оваа серија за културата во нејзината најширока дефиниција и нејзините инволвирања во сите битни сегменти на општествениот живот. Па затоа, сакам да укажам дека поимот „културолошки“ е уште поголем лапсус зашто пишувачот на обраќањето веројатно мислел на зборот „културно“, ама ова „културолошко“ му прозвучало посилно, позвучно, постручно? За жал, поимот „културологија“, воведен поодамна од антропологот Лесли Вајт, сака само да ја означи новата научна дисциплина (културологијата) како самостојна наука во областа на социолошките науки, иако овој поим безмалу воопшто и не стекна право на жителство во науката. Освен во некогашниот СССР (Маркарјан, Лосев, Бахтин и др.). Многу појасен, поприфатен и повообичаен денес е англискиот поим културни студии (cultural studies), германски kulturwissenschaft. Инаку, културологијата како предмет на своето проучување би го имала феноменот на културата како историско-социолошко искуство. Па оттука, претпоставувам дека ние, со вклучувањето на овој поим во нашите напори кон ЕУ, ваљда не мислиме дека сакаме да бидеме дел од таа (европска) наука за културата? Сигурно не, зашто такво нешто не постои, ама можеби сакаме да бидеме дел од (повторно непостоечката!) Европска култура? Не го можеме ни тоа, се разбира, зашто и такво нешто – нема! Ние можеби сакаме, (иако мислам дека не сакаме, на многумина не им одговара!), да бидеме дел од европскиот културен хабитат, од европските културни текови, па и норми, стандарди и процедури, ама и тоа тешко ќе го постигнеме, барем во догледно време. Но, толку за културологијата како можен (повторно добронамерен или од незнаење) лапсус како адут во кампањи, па нека се и претседателски.

Од друга страна, а впрочем затоа и го вклучувам овој исказ во мојов серијал за нашите културни реалности – во случајов македонската политичка реалност – прашање е дали ние односно нашите политичари се сериозни кога се колнат во намерите да бидат дел од политичката реалност на Европа. Прашање е дали, и колку, нашата политичка стварност може бргу, и колку бргу, да се престројува и да биде дел од европските политички текови. Некои велат дека тоа е многукратна фантастична тоест невозможна мисија, бидејќи ние едноставно ја немаме ни таа политичка култура ниту пак таа реалполитика за рамноправен третман со / во европските политички односи. Иако нашиот процес на политичка инклузија, велат попаметни од мене, ќе биде „истуркан“, на мускули, што се вели, од ЕУ како своевидна награда, но и признание, секако, за напорите што оваа власт ги прави за нашето конечно приближување до цивилизирана Европа. Но, така и треба, ако баш сакате. Ама јас овде не говорам за награди туку за реалности!

Тоа ќе рече дека нашето политичко секојдневие, или „политичко сивило“ (како што го нарекува Вангелов), не само денес туку цели триесетина години, просто врие од примери за нашата политичка некултура и нашата политичка некомпатибилност со Европа. Речиси и не знаете што попрво да одберете. Замислете ги, еве, на пример, заедно, само последниве актуелни идиотски флоскули, ама поставени во некаков европски (политички) контекст: болшевичко-милитаристичкиот слоган „Татковината повикува“ на кандидатката за претседател предложена и поддржана од остатоците на злосторничкото здружение, и реченицата „Мислите дека на претседател на Врховен суд му прилега да се вози во Шкода?“ на оној кого го нарекуваат со разноразни сочни и звучни имиња, меѓу нив и „Превара“! И замислете ги, претпоставете си ги овие две малоумни флоскули искажани од страна на официјални лица на Европската унија! Колку часови би преживеале вакви типови во европската политика? Два, пет, дваесетичетири? Ама не повеќе, нели? Дури, мислам дека други ќе им ја напишат оставката и ќе им ја остават на бирото да ја потпишат!

Или, замислете, цела земја да се тресе од страв што ќе направи умоотпорноно растение од Водно: ќе склепа уште една аболиција, или не? Ќе станува деновиве на лева или на десна нога? Ама аболицијата била незаконска, ама било вака и било онака, но сите дерман немаат од неговите идни налудничави (политикантски) потези. Е тоа е, впрочем, македонската реалполитика, и тоа е македонската политичка „култура“ – да се плашите што следно ќе ве стрефи од вашиот „претседател“! Но, да не остане само на тоа, извонреден политикантски партнер во оваа скаламерија е изјавата на еден официозус од судот, во стилот: ќе размислуваме за можната аболиција на Иванов дури ако претседателот тоа го направи!!! Феноменално. Ние, такви какви што сме, т.н. homo politikus makedonikus, би размислувале барем пет-шест дена дури и ако на врата ни тропнат вонземјани! Зашто, размислувањето за нас очигледно е доста комплицирана работа, нели? А и политиката, секако?!

Златко Теодосиевски

  Категории: