Полициска интервенција во две кино сали во Атина, се барале деца кои без придружба од родители го гледале „Џокер“

Полициска интервенција во две кино сали во Атина, се барале деца кои без придружба од родители го гледале „Џокер“
21.10.19   14:29

Прочитано : 96

Print This Article

Бура реакции во Грција и политички превирања меѓу власта и опозицијата, предизвика веста објавена од медиумите доцна синоќа дека полицајци интервенирале во две атински кино сали, откако од службеници во Министерството за култура добиле пријави дека деца го следат филмот „Џокер“ кој е наменет за лица над 18 години, jави дописничката на МИА од Атина.

Официјална потврда на информациите дека од кината биле изнесени деца кои го гледале „Џокер“ без разлика дали биле со или без придружба на родители, за сега нема, со оглед на тоа дека од грчката полиција излегоа со кусо соопштение во кое велат дека ги провериле пријавите кои стигнале до нив.

-Соопштуваме дека вчера (недела 20.10.2019) и завчера (сабота 19.10.2019) по пријави од службеници од Министерството за култура и спорт за присуство на малолетни лица во кино сали во Маруси и Кипсели, каде што се прикажуваше филм што е карактеризиран како несоодветен за малолетници, полицајци од полициските станици Амарусио и Патисија, отидоа во кината и ги проверија пријавите. Споменувањата за присуство на полицајци на Специјалната антитерористичка единица (ЕКАМ) во никој случај не се точни, пишува во кусото соопштение од грчката полиција.

Според онлајн изданието на весникот „То вима“, во полициската интервенција во двете кино сали биле пронајдени вкупно 15 деца без придружба и четири деца со нивните родители. Децата кои го следеле сами филмот, биле префрлени во полициска станица и биле известени нивните родители.

Со соопштение излезе Министерството за култура и спорт на Грција, во кое ги демантираат информациите дека министерството дало било каква наредба до полицијата да интервенира во кино салите и додаваат дека надлежната министерка побарала да се проверат информациите дека службенички во министерството кои реагирале до полицијата.

За целиот случај реагираше и поранешниот грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој преку социјалните мрежи излезе со детален став за филмот за кој рече дека го гледал минатата сабота, „за среќа во друга кино сала“ и упати критики до владата дека со полициската интервенција ја враќа земјата во 60-те години.

-Излегувајќи од киното, имав чувство дека по долго време Холивуд направи, можеби ненамерно, моќен филм со силна општествена, но и поширока политичка содржина. Но, без во исто време да го извикува тоа, без да ве носи за рака да ви ја каже пораката. Не ни помислив дека една седмица подоцна новата „прогресивна“ влада на НД, секако со наредба на вработени во Министерството за култура, ќе ја стави грчката полиција да го врати редот. И да нè врати во 60-тите години, а можеби и уште поназад, напиша Ципрас на Фејсбук и Инстаграм, а заедно со статусот сподели и фотографија што кружи на социјалните мрежи, односно, како што ѝ самиот истакна фотомонтажа на која министерот за цивилна заштита на Грција, го брка Џокер.

-Евтино е, индикативно за неговата естетска и политичка плиткост, објавата да ја придружува со моја фотографија, монтирана како прогонувач на Џокер. Од она што го слушнав и прочитав филмот, меѓу другото го осудува убиството на карактерите. Ципрас го гледаше и повторно не го разбра филмот, вели министер за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис во соопштението за коментарот на Ципрас.

Хрисохоидис, прво, на неговиот Твитер профил кусо објави дека вечер со неговиот 15годишен син ќе оди да го гледа „Џокер“, а подоцна преку соопштение објасни дека полицијата е должна да одговара на пријавите од граѓаните, а „многу од пријавите подоцна може да се покажат од мало значење, во некои случаи дури и на границите на смешност, како што беше вчера со случаите во двете кино сали“.

Целиот случај со полициската интервенција и филмот „Џокер“ денеска е главна вест и тема во Грција.

  Категории: