Поларизација и демографски крах

Поларизација и демографски крах
19.08.19   11:48

Прочитано : 297

Print This Article

Не може само да се води идеолошка борба туркајќи ги настрана вистинските проблеми, пред сè, невработеноста, дека младите не можат да добијат работа. Вака состојбите од актуелната дебата во Италија деновиве во интервју ги објаснува градоначалникот на Лампедуза, Салваторе Мартело, укажувајќи дека на јавната сцена доминира десничарско популистичката партија Лега на Матео Салвини, која го избрала прашањето на миграциите како пропаганда и популизам – како лесно прашање кое ја продлабочува поларизацијата во општетството, наместо соочување со проблемите на економијата и невработеноста.

Малиот остров Лампедуза, како најистурена точка на Италија во Средозменото Море кон Африка, во последните години доби енормно политичко значење поради големиот наплив на мигранти по морски пат, при што Салвини и неговите привразници ја поедноставуваат реалноста наметнувајќи го чувствителното мигрантско прашање во црно-бела перспектива и дека тоа всушност би можело да биде решение за проблемите во Италија.

Заобиколување на суштинските проблеми поврзани со економските потешкотии, преку свесно поттикнување на поделби и конфликтни состојби, во последните години го карактеризира развојот во повеќе членки на ЕУ, а што како последица низ широка врата ги внесе деснорадикалните популисти во политичката дебата и – во парламентарните клупи. Моќта на зборот во политиката да ги намали спротивставените гледишта станува сè понесигурна.

Поларизацијата постојано се продлабочува и заострува и во Македонија, иако некоја јасна логика, кога станува збор за политичко-идеолошката борба, е тешко да се следи во смисла на јакнење на демократијата и владеење на правото. Со исклучок на измешаните и изобличени факти и аргументи околу државните симболи и нивната промена, употребата на јазиците, континуирано менување на имињата на улиците, прашањето кое веќе подолго време ја окупира целата јавност е (не)функционирањето на судовите и кој сè треба да се најде зад решетки поради злоупотребите и криминалот во претходниот режим.

Или пак сега кога се засилија трусните активности што ги растресоа темелите на кредибилитетот на актуелната власт. Секојдневните партиски соопштенија само ја банализираат дебатата и го отвораат просторот за граѓаните за ширење на меѓусебна нетрпеливост, навреди и омраза, со постојани очекувања да се пополнат затворските ќелии и со тоа да зајакне принципот на владеење на правото и на правната држава. За нешто друго и не останува многу простор во јавната дебата. Дали тоа може да ги реши секојдневните проблеми на голото преживување на обичните граѓани е помалку важно. Притоа се ретки оние што воопшто наоѓаат за сходно да зборуваат за развојот на економијата и за младите и нивната иднина во сопствената држава. Поларизацијата несомнено го потикнува иселувањето како динамичен процес.

Политичарите и медиумите кои не бираат средства за продлабочување на поларизацијата во општеството, извртувајќи ги систематски сликите на стварноста и демонизирајќи го противникот, си играат со оган. Деструктивните процеси се засилуваат со неодговорното однесување на политичарите кои манипулирајќи со своите сомнителни заложби и прикриени мотиви ги фрлаат избирачите во вителот на поларизацијата – и омразата како ефикасен инструмент за пораз на противникот на изборите.

Македонските политичари не се откажуваат од таквите деструктивни процеси. Но засега не се забележува и некакво придвижување меѓу избирачите, при што и понатаму во добар дел е присутна ниска свест и неедуцираност поради кои никако да се крене „црвен картон“ кон политичарите и партиите кои својата енергија ја црпат од длабоката поларизација на општеството. Расположенијата на социјалните мрежи убедливо сведочат за тоа.

Во меѓувреме процесот на иселување не запира. Според најновите податоци на Евростат, бројот на македонските граѓани кои ја напуштаат земјата во потрага по работа во странство и понатаму се зголемува. И други податоци фрлаат дополнителна светлина во овој контекст. Како што соопшти азилантското биро на ЕУ, во првата половина на годинава најмногу повторени апликации за азил се регистрирани од страна баратели од Западен Балкан, посебно од Македонија и од Србија, околу 35 отсто од сите поднесени азилантски барања од овие земји.

Нема никакво сомнение дека многумина во Македонија денес ја доживуваат општестевената стварност така што не гледаат начин како да повлијаат на подобрување на состојбите, а што создава плодна почва за јакнење на национализмот, екстремни погледи, радикализација и социјален немир. Некои едноставно избираат да замолчат поради страв, непријатни доживувања, скептичност и недостиг на доверба. Таквиот развој загрижува, бидејќи се дозволува теренот за дејствување да го освојува „организираната нетолеранција“.

Поларизацијата на македонското општество, која напоредно ја зафаќа и бранува и дијаспората, е веќе подолго време фактор кој значајно го зајакнува демографскиот крах.

Ако се зборува за верба во иднината тогаш би требало да се има предвид претпоставката дека човек може да се исели доколку го сака тоа. Но не и да биде принуден да се исели за да може да живее – малку подобар живот.

Ивица Челиковиќ

  Категории: