Подобро имитација отколку кошмар без ЕУ

Подобро имитација отколку кошмар без ЕУ

Македонија со својата стратегиска определба за зачленување во ЕУ е една од земјите што по речиси три децении сѐ уште се влече на опашката на напорите за преобразба на поранешните источноевропски комунистички режими низ процес на градење на либерални демократски општества.

Критиките против натамошно проширување доаѓаат од сите страни, но се чини дека едновремено се претерува со оценките дека Унијата на успева на Истокот да се справи со авторитарниот развој и демократските дефицити.

„Назад во Европа“ беше целта зад која стоеја водечките источноевропски дисиденти по паѓањето на Берлинскиот ѕид. Мнозинството Источноевропејци отворено застанаа зад таквите заложби посакувајќи да живеат „еден нормален живот“, преку изградба на сосема нов општетствен систем, без тоталитарна контрола одозгора.

Но и во Западна Европа, во тогашната „стара“ ЕУ, беа доминантни истоветни погледи на развојот. Земјите од Источниот блок требаше да се инкорпорираат, демократски и економски, немаше никакви посебни резерви да се пристапи кон процес што ќе значи трансформација на бившите комунситички земји што ќе заврши со општоприфатената цел – членство во ЕУ. На таквата промена најчесто се гледаше како на успех, кога станува збор за подобрување на граѓанските права и слободи и на развојот на општетсвените стандарди.

Но има и поинакви мислења. Во својата книга „Светлината што исчезна“ политиколзите Иван Крастев и Стивен Холмс таквата промена ја нарекуваат доброволна „имитација“, твредјќи дека земјите од Централна и Источна Европа дебиле премногу малку можности и простор за своите национални специфичности.

Тезата за доброволна имитација апсолутно не е за отфрлање. Со своето често супериорно однесување кон посткомунистичките земји и недоволно разбирање за нивните национални и кутурни посебности, западните ЕУ-членки ја имаат оштетено довербата во тој нов систем кон кој биле свртени Европејците кои повеќе децении живееле изолирано под тоталитарна диктатура. Но истовремено и централните барања од страна на ЕУ за воведување на функционален повеќепартиски систем, пазарна економија, независно судстви и медиумски слободи беа целосно решавачки за преодот кон послободно општество..

На уште посигурен терен се движи критиката на Крастев и Холмс во однос на новолибералната имитација. Во земји како Чешка, Словачка, Унгарија и Романија новолибералните реформи отворија значаен простор за инсталирање на систем од олигарси, корупција и мешање на економијата и политиката. За разлика од развиениот западен институционален систем, источноевропските земји немаа никакви изградени и стабилни институции кои можеа да го контролираат и ограничат таквиот развој. Исклучок е Полска, каде што преку заложбите на независниот синдикат „Солидарност“ и неговата голема популарност меѓу широките народни маси, беше спречен неконтролиран развој на олигархиска класа.

Денес малку се зборува за визиите според кои ЕУ по големата експанзија кон Исток требаше да прерасне во еден вид нова светска сила, која своето влијание го гради со преговори и вмрежувања наместо со вооружување и воена сила. Моментно ЕУ се бори нејзиниот глас да добие барем малку поголемо влијание во светот, напоредно со фактот дека критиката против политиката на проширувањето на Унијата се слуша насекаде.

Европските десничарско популистички и екстремно националистички партии отворено се залагаат за затворање на портите на ЕУ. Националната алијанса на Марин Ле Пен повеќе не бара Франција да ја напушти ЕУ, но се спротивставува на прием на нови, сиромашни земји-членки. Емануел Макрон едноставно не може да се однесува индиферентно спема популарноста и растечкиот рејтинг на Ле Пен меѓу француските избирачи.

Критичарите на проширувањето сметаат дека со зачленување на голем број земји во релативно краток период, од 15 на 28 членки, се создадени цела низа проблеми. Застранувањата се мошне видливи, сметаат најжестоките критичари.

Но еден таков заклучок е сепак едностран и пред сѐ проваокативен. Едно прашање во секој случај не може да се заобиколи. Како би изгледала ЕУ денес доколку бившите комунистички земји не беа примени во членството? За да се добие можен одговор, доволно би било да се споредат, на пример, забрзаниот развој во Полска и условите што владеаат во Украина, која не доби можност да стане дел од Унијата.

Секако дека е мудро да се слушнат забелешките и да се направи напор за анализа на искуствата од грешките што се направени со проширувањето што на моменти се одвиваше на „брза трака“. Прераното зачленување на Бугарија и Романија зборува токму во прилог на таквите размислувања.

Проблемот со проширувањето кон Исток во основа не може да се поврзе со тврдењата дека критериумите и барањата на ЕУ биле премногу тешки и строги, туку попрво би можело да се извлече заклучок дека Унијата не увидела навреме оти темелите на демократијата бараат и посилна заштита.

И кога е Македонија во прашање, сосема е јасно дека не е доволно упорното потенцирање на стратегиската определба за зачленување во ЕУ, додека едновремено суштината на пристапниот процес на доближување кон евроатлантските интеграции во добар дел е ослободен од одржливи реформи што ќе водат кон повисок квалитет на општествениот развој, модернизација и извлекување од економската заостанатост. Сите досегашни македонски влади истапувале со силни заложби за јакнење на институциите. Но резултатите често се поразителни, со кошмар на домашната политичка сцена.

Во секој случај, би било преусилено да се тврди дека оптимизмот околу ЕУ-проширувањето е задушен. Постојат реални причини ЕУ да извлече поуки од претходните кругови на проширување. Но доколку ЕУ им сврти грб на земјите од своето непосредно соседство, во Западен Балкан, може да се очекува дека добитници ќе бидат други важни актери во меѓународните односи, во прва рака Русија, Кина и Турција.

Големиот губитник во таков случај ќе биде токму – самата ЕУ.

Ивица Челиковиќ