Почекавме неколку моменти и кога зачука срцето се слушна ракоплескање, а имаше и солзи, вели проф.д-р Сашко Јовев, кој ја водеше првата трансплантација на срце во земјава

Почекавме неколку моменти и кога зачука срцето се слушна ракоплескање, а имаше и солзи, вели проф.д-р Сашко Јовев, кој ја водеше првата трансплантација на срце во земјава

Ноќеска на Клиниката за кардиохирургија во Скопје за првпат во нашата земја е изведена трансплантација на срце, односно пресадување на овој орган од починат донор. Целата операција траела 6 часа и завршила во 2 часот по полноќ. Со неа беше трансплантирано срце во телото на 54-годишен пациент.

За да се изведе операцијата на пресадување, прво се прави експлантација на срцето од донорот, а потоа тоа се трансплантира на пациентот на кој му е потребно.

Операцијата за трансплантација траела околу 3 часа, а оперативниот зафат го водел проф. д-р Сашко Јовев од Клиниката за кардиохирургија.

-Имаме листа на пациенти на кои им е потребна трансплантација, која се прави според светски протоколи. Кога веќе имавме донор на срце, организацијата течеше многу брзо. Бевме подготвени за овој оперативен зафат. Прифативме да работиме со колегите од приватните болници и тимот функционираше одлично – вели д-р Јовев за порталот „Факултети“.

Тој раскажува дека хируршкиот дел од трансплантацијата ја работеле заедно со д-р Жан Митрев од клиничката болница „Жан Митрев“ и дел од кардиохируршкиот државен тим, меѓу кои д-р Васил Папастиев, д-р Маријан Шокаровски, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Стефанија Хаџиевска.

На трансплантацијата работеле и д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р. Димче Славевски.

-Кога сѐ беше завршено требаше да почекаме неколку моменти за да зачука срцето. Реагиравме за да го помогнеме овој процес и тоа се случи. Пресаденото срце работеше со очекуван ритам. Салата беше полна и нормално дека имаше позитивни реакции. Прво неколку секунди сите молчеа, а потоа се слушна ракоплескање, воодушевување, а имаше и по некоја солза – вели професорот.

Повеќе на „Факултети“ на следниот линк.