По шест години Обвинителството се откажа да го гони дедо Љубе за убиство

По шест години Обвинителството се откажа да го гони дедо Љубе за убиство
17.06.19   20:32

Прочитано : 1,246

Print This Article

Љубомир Митев (79) од кратовското село Којково, кој пред шест години застрела двајца разбојници кои провалија во неговиот дом и го малтретирале него и сопругата, нема да одговара за кривично дело убиство, одлучи Основното обвинителство Куманово. Митев едниот од разбојниците го усмрти, а другиот го рани, кога тие упаднале во неговата куќа за да го ограбат, пренесе Досие.

 

ОЈО Kуманово го повлече обвинението за кривично дело „убиство во миг“, па во Основниот суд Куманово ќе му се суди само за кривичните дела обид за убиство и недозволено држење на оружје.

Во април 2015 година, по барање на адвокатите на Дедо Љубе, поради одредени пропусти, обвинението беше укинато и предметот се врати во истражна постапка. Дедо Љубе беше обвинет за три кривични дела: убиство во миг, убиство во обид и недозволено поседување на оружје, затоа што го убил Зоран Златков (28) и го ранил Борчо Иванов (30), откако неколку часа го измачувале и се заканиле дека ќе ги убијат него и неговата неподвижна сопруга ако не им ги даде парите.

Разбојништвото се случи на 27 февруари 2013 година во трошната куќа на двајцата старци во планинското село Којково, кога двајцата натрапници насилно влегле во нивниот дом и почнале да се изживуваат. На дедо Љубе му ставиле најлон во уста го турнале на земја и го тепале, а потоа го врзале со јаже за столче, додека бабата ја покриле со ќебе и ја малтретирале. Потоа отишле во другата соба да ги бараат парите, тој го искористил нивното невнимание и се одврзал. Заминал во подрумот и ја земал ловечката пушка од која пукал.

Пред почетокот на судењето јавноста бараше ослободување на Дедо Љубе, бидејќи сметаше дека старецот бил нападнат во својот дом и во самоодбрана ги извршиле делата за што се товари.

повеќе