По четиримесечна грижа две фоки вратени во нивна природна средина во Егејското море (видео)

По четиримесечна грижа две фоки вратени во нивна природна средина во Егејското море (видео)

– По четири месеци поминати во Центарот за нега на медитерански фоки „MOm“, каде што беа згрижени и им беше дадена потребната помош и нега, две фоки Лена и Никол, се вратија во нивната природна средина, во Егејското море, во близина на Кикладските острови, јави дописничката на МИА од Атина.

Фоките биле пронајдени на две различни локации во Грција, сами и изнемоштени, а сега, четири месеци подоцна едната, тежи 57,4, а другата 55 килограми.

-Разделени од нивните мајки на критична возраст од една и три седмици, немаше да можат да преживеат, бидејќи сè уште зависеа од мајчинската грижа и доењето. Со многу силни знаци на слабост, дехидрираност и лоша исхрана кога се беа пронајдени од локалното население, нивното пренесување во Центарот за нега се сметаше за неопходно и се покажа како спас за двете животни, соопштуваат од Центарот.

Претседателот на Центарот за нега на медитерански фоки „MOm“, Панос Дендринос, за грчката новинска агенција АНА-МПА објаснува дека „животните ги добиваат имињата по луѓето кои помогнаа во нивното спасување“. Во конкретниот случај, една од фоките го добила името Лена, по жената која во својот дом ги примила претставниците на организацијата во деновите кога била пронајдена фоката.

Фотографиите и видеото од двете фоки, но и од моментот кога Лена и Никол, биле ослободени и пуштени во морето, ги објавија од центарот што се грижеше за нив.