Пелтечење – кога зборовите ќе откажат послушност

Пелтечење – кога зборовите ќе откажат послушност
4.11.19   16:10

Прочитано : 438

Print This Article

Поставување прашање или јавување на телефон – за повеќето луѓе нешто сосема едноставно, но за оние што пелтечат често огромен проблем. Пелтечењето не може да се излечи, но може да се намали со терапија, пишува Дојче веле.

„Секогаш го споредувам со ситуација кога слушате радио во автомобил и немате добар прием. Малку шушка, ама сепак ги разбирате вестите. Но, ако има дополнителни пречки, тунел, мост или тесна улица, тогаш сигналот го снемува“, го објаснува феноменот на пелтечење Мартин Зомер, од Универзитетската клиника од Гетинген. Докторот точно знае за што зборува, бидејќи и самиот пелтечи. Тој е еден од 800.000 луѓе во Германија кои имаат проблем со говорот, што е речиси еден процент од населението во земјата. Овој соодонос е најчесто ист во секоја земја, вели овој невролог.

Пелтечењето се јавува помеѓу три и шест годишна возраст. Тогаш прогнозата е сѐ уште поволна – кај 60 до 80 проценти од овие деца пелтечењето се губи со текот на годините само од себе. Но останатите мора да научат да живеат со него, бидејќи пелтечењето е неизлечиво. 80% од погодените се мажи.

Прекин во течниот говор

Класични симптоми на пелтечење се повеќекратно повторување на индивидуален звук, единечни слогови или цели зборови. Покрај овие „По-по-по-повторувања“, и „Одооооолговлекување“ на зборовите е типично за оваа болест. Понекогаш оној кој пелтечи не може да изговори ништо. Едноставно, органите за говор целосно му се блокираат – стојат екстремно напнати обидувајќи се нешто да изговорат, но безуспешно. Зборовите едноставно не излегуваат надвор и покрај тоа што оној кој пелтечи точно знае што сака да каже.

Многу погодени поради ова имаат психички проблеми, се изолираат и затвораат во себе. Многумина намерно избегнуваат изговарање на некои зборови или ситуации. На пример, купување билет, зборување на телефон или прашања за насока – она што за здравите луѓе не е никаков проблем, за човек што пелтечи може да преставува несовладлива пречка.

Многу студии и теории

Кога станува збор за пелтечење, за научниците сѐ уште е предизвик и предмет на истражување кои се клучните пречки и најдобрите механизми за справување со нив. Речиси 15 години се користат техники со визуелизација и испитување на мозочните активности за да се најде начин за справување со пелтечење. Тоа пред сѐ вклучува томографија и магнетна резонанца. Со овие методи се евидентираат слики од мозочните активности и мозочната структура на овие луѓе.

Има различни видови студии за возрасни луѓе што пелтечат, објаснува Зомер. „Тие покажуваат дека на левата предна хемисфера од мозокот има суптилни пореметувања – така да се каже на хардверот,” објаснува Зомер. „Се чини проблемот е на левата страна и ние знаеме дека тоа влијае врз мозочните делови што се одговорни за зборување, како и врз мозочните влакна преку кои овие делови се поврзани.“

Сивите клетки се тука, но поврзаноста меѓу нив е нарушена или поподложна на мешање на сигналите, отколку кај оние кои немаат ваков проблем. Ова го отежнува прилагодувањето на многу мускули кои се потребни за непречен говор.

Генетиката е клучна

Пелтечењето може да има невролошки, но и психички причини, бидејќи под притисок многу од пречките при зборување им се влошуваат. И генетиката игра голема улога. Според една студија, речиси кај три четвртини од луѓето што пелтечат влијание имаат генетски предиспозиции. Кај некои семејства пелтечењето се јавува често.

Тоа е случај и со д-р Рајнер Ноненберг. Пелтечеле и дедо му и татко му, а проблеми со пелтечење имаат и тој и неговиот син. Додека зборува тој неволно прави подолги паузи во кои се бори да пронајде термин и неколкукратно повторува единечни слогови. Може да поминат неколку секунди додека го изговори целиот збор.

Никогаш немал логопедска терапија бидејќи во тоа време такво нешто не било вообичаено. Тој пелтечи цел живот. „Всушност, со оглед на тоа дека сѐ уште се потпирам на самопомош, јас постојано работам на тоа да достигнам степен на кој ќе бидам задоволен. Има различни фази. Некогаш зборувам течно без проблем, а потоа повторно пелтечам.”

Но, тој е во добро друштво, бидејќи многу познати луѓе имале проблем со пелтечење или сѐ уште пелтечат. На пример, актерот Брус Вилис, британскиот писател Џорџ Бернад Шо, научникот Исак Њутн. Дури и на грчкиот научник Аристотел му недостасувале зборови.

Рајнер Ноненберг постојано учествува на средби за Здружението за самопомош на луѓе што пелтечат во Келн. Од неговото основање во 1947 година здружението има пред сѐ една цел: „Сакаме да научиме искрен и самоуверен пристап со сопственото пелтечење и на тој начин да зборуваме течно“, се вели во нивната инфо-брошура. Меѓу другото, тие нудат тренинг за зборување по телефон, јавен говор или видео-тренинг на кои учесниците се соочени со нивна примена во секојдневни ситуации.

Пеење наместо зборување

Кај оние што пелтечат, едната половина од мозокот пробува да го надомести дефицитот на другата. „Знаеме дека пеењето е главно во десната хемисфера и речиси сите што имаат проблем со пелтечење немаат проблем со пеење“, вели Зомер. Говорот и зборувањето пак се наоѓа претежно во левата хемисфера, што укажува на тоа дека проблемот со пелтечење настанува таму.” Овие луѓе пеат без проблем.

Метод која може да помогне да се намали пелтечењето е една иста реченица повторно и одново да се формулира и тоа со користење на зборови кои лицето лесно и самоуверено ги изговара. Тоа се зборови кои ги изговара без страв.

Често употребувана терапија е таканареченото „флуентно обликување“. Притоа, лицето се обидува со помек глас да се промени говорот, при што пелтечењето речиси ќе се избегне“, појаснува Зомер. „Целата работа е што мора цело време да зборуваш малку неприродно и комично.” Говорот во ваков случај звучи необично како робот.

Друг метод е модифицирање на пелтечење. „Притоа најчесто зборувам како да имам клун“, појаснува Зомер. „Само на места на кои заглавувам, се обидувам полека и контролирано да ја надминам говорната блокада. Чарлс Ван Рипер, кој го развил овој метод, има кажано една добра мисла: ‘Не можеме да бираме дали ќе пелтечиме, но можеме да бираме како ќе пелтечиме.“

  Категории: