Парадоксите на клиентелизмот

Парадоксите на клиентелизмот

Клиентелизмот не е ни така наивен или безопасен, ниту е пак така лесно победлив. Тој е кариес што разјадува, канцер што метастазира и ништи се’ околу себе. И се шири со необјаснива и несопирилива брзина. Затоа и велам дека не е така лесно победлив, што впрочем се докажува и со неговата долга историја на овој простор, особено во културата. На пример, оние дисиденти во некогашна Југославија, особено во областа на културата, не беа случајни. Тоа беа луѓе кои едноставно не сакаат да ја веднат главата пред клиентелистичкиот систем во културата, пред владеењето на медиокритетите и неспособните, не умееа да бидат исти како другите зашто им беше важно нивното творештво. Заради тоа бараа творечко засолниште во европските земји. Такви беа, на пример, сликарите од „Задарската група“ (викани уште и „комунари“), писателите Данило Киш и Антоние Исаковиќ, сликарот Владимир Величковиќ, режисерот Александар Петровиќ … такви беа Солженицин, Сахаров, Кундера и Хавел … таков е денес кинескиот уметник Аи Веивеи и стотици други од авторитарните системи, расеани ширум светот. Тоа е еден од парадоксите на клиентелизмот: си го брка најдоброто од културата / уметноста! Овој парадокс кај нас не беше распространет, ни во некогашна Југославија, ниту денес. Барем не во културата и уметноста, и за тоа има соодветно рационално образложение. Но за тоа – во некоја друга прилика! Ама затоа го има „на големо“ во сите други области! Иако тоа, главно, се објаснува со сосема други причини.

Односот држава – култура од времето на таа Југославија, (иако и таму подоцна имаше сериозни разлики во третманот), до денес, кај нас остана речиси ист: државата е единствениот газда во културата, во нејзини раце се и инфраструктурата, и буџетот и одговорните за распределба на средствата. Се’ што се случува во културата кај нас се случува, повеќе или помалку, благодарејќи на државата. И едновремено: се’ што не се случува во културата кај нас, не се случува благодарејќи на државата! Ја приметувате разликата, онаа дека во првиот случај стои „повеќе или помалку“, а во вториот случај тоа – го нема? Зошто? Затоа што во македонската култура, инцидентно, се случува да се појави и некој добронамерник кој ќе препознае вредност, квалитети, потенцијал … како во случајот со „Медена земја“, на пример … и ќе обезбеди интервентни средства да се „случи култура“. За жал, тие примери се многу малку, не знам дали ги имаме еден-два во годината. И тоа е уште еден парадокс на клиентелизмот: наместо да бара странски инвестиции и во културата, особено во ликот на бројните (европски и светски) културни / уметнички фондации, со што би го подигнала генералното ниво во културата и уметноста а едновремено би „олабавила“ дел од сопствениот културен буџет, државата прави се’ да ги одбие ваквите „интервенции“ во културата! Што преку незаинтересираност и незнаење, што пак преку отворени сопки.

Понатаму, веќе спомнатиот Kitschelt вели дека клиентелизмот „вклучува реципроцитет и волунтаризам, но исто така и експлоатација и доминација“. Да, знам, некој ќе праша: ма каква експлоатација? Еве пример: што друго беше онаа „акција“ на пуфлата и нејзината банда за редење скулптури низ централното градско подрачје, при што уметниците добиваа еднократна „награда“ крстена хонорар од 500 евра? Не дека тоа беа некој уметници, уште помалку некои дела, ама хонорар од 500 евра за тоа? Ако тоа не е експлоатација, не знам што е’! Едновремено, ни пуфлата ниту пак некој од нејзината банда – а ја имаше, богами, во неограничени количини – во тоа време не креваа ни пенкало за тие пари. Нивните услуги и „работа“ се плаќаа со суво злато! Или, ако баш сакате, што е ова сега со „Медена земја“ ако не целосна и бескрупулозна општествена експлоатација на нивниот труд и знаење, при што сите одеднаш станаа заслужни за нивниот успех? И се намерачиле да го споделат. Среќа во несреќата е што државата, во случајов, има сосема мал удел во филмот па изгледа на „надлежните“ им е некако срам потврдо да нагазат на гас, инаку ќе гледавме вистински циркус!

И вториот аспект што го спомнува Kitschelt (Herbert Kitschelt е професор по меѓународни односи на Универзитетот „Duke“ во Северна Каролина, САД) е доминацијата – можеби самата суштина на клиентелизмот, нешто што сите толку добро го запозанавме низ годиниве на независност и самостојност. Ова со годиниве на независност и самостојност го велам од причини што минатиот систем, оној во некогашна Југославија, сепак работите во клиентелизмот ги изведуваше поелегантно, камуфлирано, да не речам софистицирано!. Ние овде работиме се’ како со секира. И не ни е гајле што јавноста гледа и слуша, што се гнаси од постапките на политиката кон културата, и обратно, што изгуби верба и во уметници / уметност и во култура. (Токму затоа уште понелагодно е чувството кога гледате и слушате што се случува околу „Медена земја“ и како се плетат игрите на доминација околу младите автори на филмот!). Инаку, неколку пријатели ме потсетуваат на историските врски на културата / уметноста со политиката, речиси од памтивека. И тоа е точно така, веројатно уште од времето на Перикле и Иктинос, Каликратес и Фидија, преку Микеланѓело и Леонардо и нивните врски со дворот на семејството Медичи па, ако сакате, до „патронството“ на Гертруда Штајн на Пикасо … до неодамнешниот најцрн период во македонската култура во времето на „заробената држава“. И секаде и секогаш, отворено или подзатскриено, станувало збор (и) за варијанти на доминација на власта / политиката над културата и уметноста. Отворено е само прашањето на степенот на инволвираност на двете страни, на „длабочината“ на односот, на опсегот на безобразлукот на власта, на дијапазонот на практицирањето на доминацијата.

Во овој и ваков (клиентелистички) однос некои се обидуваат дури да видат „морална норма на реципроцитет“ (Gouldner), или да расправаат за „патрон-клиент врска“ (Scott), но укажуваат и на можниот страв дека бенефициите ќе престанат, итн. Се’ се тоа скриените лица (но и парадокси) на клиентелизмот, којшто во современите општества добива нови и нови димензии.

И тука, нашиот придонес, поточно придонесот на оној избеган криминалец, е особен во описот и пописот на финесите на клиентелистички „зделки“, што слободно можат да се предаваат на сите универзитети во светот.

Златко Теодосиевски