Папахристопулос: Ќе гласам за Договорот од Преспа, па ќе го отстапам пратеничкото место

Папахристопулос: Ќе гласам за Договорот од Преспа, па ќе го отстапам пратеничкото место
14.01.19   12:57

Прочитано : 251

Print This Article

Пратеникот од Независни Грци, Танасис Папахристопулос, кој и во минатото јавно изјавуваше дека го поддржува Договорот од Преспа, во интервју за грчката телевизија ЕРТ, го повтори неговиот став дека откако ќе гласа за ратификацијата, ќе го отстапи пратеничкото место.

-Пратеничкото место нема да го отстапам сега, бидејќи партиските линии не се над националните, тоа е мојата проценка. Но, од моментот кога прво ќе биде гласањето доверба, нешто што ми дава комоција, веднаш по Договорот од Преспа ќе го отстапам моето пратеничко место. Не сменив партија, рече Папахристопулос и објасни дека тој не сака да создаде никакви проблеми во пратеничката група на Независни Грци.

Пратеникот од Независни Грци ја оцени како добра и правилна одлуката на грчкиот премиер да побара гласање доверба од грчкиот Парламент.

-Правилен избор е тоа што премиерот бара доверба. Оваа влада треба да заврши со нејзината работа и гласањето доверба, според моето мислење беше неопходен предуслов и секако после е Договорот од Преспа. Мислам дека е правилен чекор што му дава право да оди на избори во октомври, рече Папахристопулос за ЕРТ.

Во изминатиот период, говорејќи за грчките медиуми, тој коментираше дека Договорот од Преспа е историски, треба да биде изгласан од грчкиот Парламент и мора да се затвори долгогодишното прашање меѓу двете земји.