Отстранети шаторите на „Македонија блокира“ во Жена парк

Отстранети шаторите на „Македонија блокира“ во Жена парк

Отстранети се шаторите кои беа поставени пред Собранието на Република Македонија во кои беа приврзаници на движењето „Македонија блокира“.

Eкипа на градското комунално претпријатие утрово го исчисти шутот и остатоците од неколкумината кои повеќе од една година престојуваа во ова импровизирано живеалиште. Последниве неколку месеци тие по неколку часа го блокираа движењето на оваа сообраќајница што предизвикуваше револт кај граѓаните.

Од изминатата недела бројот на оние кои престојуваа во шаторите видно се намали, а во неколку наврати тие палеа оган на отворено и пуштаа музика преку озвучување до доцните вечерни часови. За цело време, околу Собранието и на крстосниците беа ангажирани полицајци.

Од партијата „Единствена Македонија“, која стои зад организацијата на кампот, немаат информација зошто се отстранети шаторите.