Османи: Планот 3-6-9 и решавање на политичките прашања за деблокада на ЕУ-интеграциите

Османи: Планот 3-6-9 и решавање на политичките прашања за деблокада на ЕУ-интеграциите
21.07.17   13:51

Прочитано : 160

Print This Article

Владата во делот на евроинтеграциите следи две траектории – едната е планот 3-6-9, а другата решавање на политичките прашања во кои влегуваат меѓуетничките односи и односите со соседите, односно прашањето на јазикот и отвореното прашање со Грција и со Бугарија. Мора да постигнеме и консензус со опозицијата.

Ова го изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи кој денеска одржа трибина посветена на Планот 3-6-9 и неговата имплементација со претставници на невладиниот сектор.

– Владата ќе работи паралелно на двете траектории. Завршување на домашните задачи преку реформи во првата траекторија и храбро адресирање на отворените прашања од втората траекторија. Патот кон интеграциите ќе се деблокира преку адресирање на овие две траектории. Добро е што сме блиску до потпишување договор со Р. Бугарија. Затвораме едно важно прашање кое е пречка на патот на евроинтеграциите и со тоа го покажуваме пристапот кој го има Владата по однос на овие прашања. Владите и лидерите се избрани за да водат и да носат храбри политички одлуки, а не одлуки кои ќе им донесат само рејтинг во јавноста. Има некои прашања кои што се емоционални. Кога има емоции нема рационалност. Владите не се избрани да се водат по дневно-политичките емоции туку рационално да ја гледаат иднината на народот и државата во наредните 10, 100 години, рече Османи.

Според него, за Планот 3-6-9, кој има за цел деблокада на процесот на евроинтеграциите, но е пред се обврска кон нашите граѓани за изградба на европско општество, земјата има поддршка од нашите меѓународни партнери, а очекува таков консензус да се постигне и меѓу позицијата и опозицијата.

– Мора да го подигнеме овој интегративен пат на супранационално ниво по примерот на Хрватска каде пред да влезат во ЕУ позицијата и опозицијата се договорија дека ќе се расправаат за другите теми, но не и за евроинтегративниот пат. Тоа е нашата цел планот 3-6-9 да се подигне на супраетничко, супрапартиско, односно на супранационално ниво, рече Османи.

Појасни дека неговата имплементација во, како што посочи, лимитирачки услови на прогласување на избори и летни месеци опфаќа 73 мерки поделени во 11 области од кои најкомплексни се правосудство, избори и Собранието. Сега вели, предизвикот е да се направи систем за мониторирање, имплементирање и информирање, кој е подготвен и за кој денеска ќе разговараат со НВО-секторот. Досега од презентацијата на планот пред  2-3 недели реализирани се, вели, 7-8 мерки.

Од невладиниот сектор, пак, побараа планот 3-6-9 да предвиди и мерки за тоа како Владата ќе соработува со нив, и тоа да не го остава на неформални механизми како што е сега случајот.

– Иако има волја за соработка, ние како граѓански сектор не можеме да си дозволиме тоа да биде оставено на добра волја, рече Ардита Абаз од Институтот за европски политики.

Одговарајќи на новинарско прашање Османи истакна дека изборите ќе бидат првиот тест дали оваа влада е различна, а со оглед дека се работи за краток рок нема да се оди на системски реформи кои бараат промени на закони.

– Главно тоа се мерки за внатрешна консолидација на ДИК, ажурирање на Избирачкиот список и мерки за одвојување на државата од партијата. Тие 11 мерки се предвидени во овој дел за спроведување до одржување на локалните избори, појасни Османи.

  Категории: