Општините од Источниот и Североисточниот Регион ќе формираат заедничко претпријатие за управување со отпад

Општините од Источниот и Североисточниот Регион ќе формираат заедничко претпријатие за управување со отпад
21.10.19   16:31

Прочитано : 548

Print This Article

– Осумнаесет општини од Источниот и Североисточниот плански регион ќе формираат заедничко јавно претпријатие за управување со комуналниот отпад, прво од таков вид во државата.

Договор за основање на претпријатието постигнаа Регионалните одбори за управување со отпад и Општина Свети Николе, како дел од проектот за воспоставување интегриран регионален систем за управување со отпад. Се работи за активности што се реализираат во партнерство на Министерството за животна средина и просторно планирање и општините од двата региона, со финансиска поддршка од ИПА-програмата на Европската Унија.

– На работна средба го договоривме учеството и начинот на управувањето со меѓуопштинското претпријатие чие седиште ќе биде во Свети Николе, а основачкиот влог ќе изнесува три милиони денари што ќе бидат распределени меѓу осумнаесетте општини, соодветно според бројот на жителите. Во наредниот период ќе следи затворање на постојните депонии и на меѓународен тендер ќе се избере фирма за спроведување на тој процес, истакна претседателот на Источниот плански регион и градоначалник на Општина Кочани, Николчо Илијев.

Според концептот за управување со интегриран регионален систем, отпадот од помалите општини ќе оди на одредена претоварна станица, а оттаму на регионалната депонија што ќе се гради на локацијата кај светиниколските села Мечкуевци и Арбашанци.

Кочани ќе биде една од трансфер-единиците, односно претоварна станица за комунален отпад, а сегашната градска депонија во близината на селото Бели ќе се затвори.

Во рамките на овие активности се реализира уште еден проект со кој ќе се набавуваат контејнери за граѓаните, како и возила за комуналните претпријатија, а финансирањето исто така е од европските фондови.

Општина Кочани наскоро ќе добие повеќе транспортни комунални возила за отпад со различен капацитет, како и рамен влекач за контејнери што ќе му бидат ставени на располагање на комуналното претпријатие „Водовод“. та/вј/

 

  Категории:
view more articles

Останати вести