Опаш од бик

Опаш од бик

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Тоа дека пратеникот Павле Богоевски си е кабает што прекршил закон и купувал нелегални сустанци не е спорно. Самиот си призна и треба да си ја носи законската одговорност. Тоа дека Павле, оној жесток активист од Шарената револуција што се бореше за одбрана на граѓанските права, не е истиот Павле исто така не е спорно, оти како пратеник во Собранието не направил ништо за да се оствари тоа за што како граѓански активист се залагал. И несомнено, неговиот углед, особено како претседател на собраниската Мандатно-имунитетна комисија му е разнишан.

Ама, темата на муабетот не е Павле. Темата е нелегалното прислушување. И темата е дека органите на прогонот не се занимаваат со откривање кој сѐ нелегално прислушува.

Има разлика меѓу бомбите на Заев и бомбите објавени на руската мрежа Вконтакте. Заев ги објавуваше разговорите кои нелегално ги прислушувала државата. И тоа го правеше јавно, на прес-конференции, за да открие скандалозна злоупотреба на човековите права од страна на државата. А новиве бомби се продукт на нелегално прислушување од непознат прислушувач и непознат нарачател.

И затоа, сега е исто толку скандалозно како државата не може да го открие, да го казни и да го прекине ова нелегално прислушување што се случува дури и во такси. Оти, денеска бомбата е наменета за пратеник, за да се спаси пратеничкиот мандат на Груевски. Ама, утре може да биде за кој било граѓанин и за каква било уцена.

Како можеше Заев кога беше во опозиција да открие кој прислушувал? А сега кога е на власт не може да открие?

А кој да открие? Кој да го фати таксистот што разговорите на патниците што ги вози си ги постира на Интернет? Оливер Спасовски ли, кој, како што би рекле Англичаните, не може ни грип да фати во време на епидемија, а не пак да открие прислушување?

Кога Стево Пендаровски во предизборната претседателска кампања се пожали дека луѓе од државната администрација го следат и го сликаат, министерот за внатрешни работи Спасовски на пратенички прашања рече: „Таква работа нема. Не сакам ниту ние овде, ниту македонската јавност да се замајуваме со жолти комбиња и странски служби“.

Може нема жолти комбиња. Ама има коли со жолти табли на кои пишува „тахи“, во кои не те предупредуваат дека „заради контрола на квалитетот разговорот се снима“. А и којзнае која прислушна опрема била уништена, а која останала. И каде е.

Целата колумна на СДК на следниот линк.